Вчера, кога по телефон правев муабет со мојот пријател-компањон за случката со срушените матичници и за нуклеусите што веќе патат за матичници, тој ми предложи да појдам до Матка, за да видам дали може да најдам некој матичник од Дадант-Блат сандаците.
Во тој момент таквиот потфат ми изгледаше неекономичен, но вечерта кога бев на пчеларникот, не ми даваше душава да ги спојам осиротените оплодници...
Преку ноќ, размислувајќи за она што ми се случи дента, почнав само делумно да се прилагодувам на новонастанатата ситуација и, во тие ноќни часови, решив да одам до Матка за да испросам барем неколку матичници.
Утрината подготвив една кутија од стиропор (фала Горане за кутијата), внатре ставив влажна крпа и исчистив, и на рингла загреав една цигла што потоа ја ставив врз крпата. За мека подлога одозгора најдов некое чисто платно што некогаш било постелнина.
За времетраењето на целата операција, температурата во горната зона на кутијата осцилираше меѓу 33 и 38 Целзиусови. |
Така, откако го импортирав синот в школо, право, без дилема, се лансирав со кола на Долна Матка.
Најпрвин, стигнувајќи таму забележав дека во опремата што ја оставивме на пчеларникот минатиот пат, за која мојот пријател рече: ете му одозгора и капак, па нека фати некој рој - навистина се здомил еден рој!
Потоа се зафатив да го отворам сандакот со старата матица од минатогодишниот рој-првенец, што го собравме од меѓното дрвце на пчеларникот. Бидејќи имаше стара матица, си мислев, можеби ќе има барем тивка самоизмена, ако не и роење.
Кога сум кај овој случај, ми стана јасно дека не знам уште една работа од биологијата на матиците, а тоа е: дали една матица може два или повеќе пати во својот живот да помине низ доживувањето на роењето? Дали воопшто постои и колкав би можел, ако постои, да биде тој лимит?
Нејзиното семејство немаше ниту абер да се рои или нешто слично - со големо доцнење, но сепак деновиве, тоа доаѓаше до солидна сила, доволна за да работи во своето медиште.
Откако првиот осомничен испадна невин, решив да го набљудувам летањето на пчелите за да видам дали некое од семејствата ќе биде втор осомничен - оти за тотален преглед на цел пчеларник немав време.
За вкупно три саати требаше да најдам матичници, да ги исечам и пренесам до пчеларникот во скопското поле, да ги пресадам и да се вратам во школото на синот.
Се фатив за семејството што минатиот пат сме го префрлиле во нов сандак а матицата со само три рама легло сме ја затвориле во затвор од матична решетка.
Бинго! Тука најдов и отсеков дури 6 тазе затворени, добри матичници и уште еден послаб (утешителен).
Бев задоволен од брзото наоѓање, па си помислив дека би можел да отворам и уште барем две-три семејства за да им ја видам/констатирам состојбата со роевското расположение.
Само еден сандак, што беше прилично блокиран и имаше медиште полно до 80%, имаше матични чаури полни со млеч, т.е. матични ларви стари околу 2 дена. Иако му ја најдов матицата, за било какви интервенции немав време.
Пред да заминам од Матка само го отворив ројот, и ги подсредив рамките кои беа неправилно поставени, и некаде испреградени со ново диво саќе. Ројот беше навистина пристоен и немав време да му ја барам матицата - главно е дека видов јајца во ќелиите на една од медишните полурамки.
Без проблем пристигнав долу и ги пресадив матичниците.
Испадна дека толку и ми требале - само седум.
Така, со мало задоцнување, стигнав да го земам синот од школо - и целата приказна, барем јас така си почувствував - имаше среќен крај.
Кога стигнавме со синот дома, патот ни беше блокиран - пак проблеми со новата зграда што решиле да се гради на детското игралиште пред мојата куќа.
Овој пат успеале да постават и ограда.
Денеска ќе мора да се биде на барикадата...
Постави коментар Blogger Facebook