7
Денес навистина утрото ми го расипаа вестите што ми пристигнаа од повеќемина мои пријатели-колеги.

Вестите се мошне поразителни... Барем за овие вториве на кои јас им припаѓам. Оние што сметаат дека парите што се наменети за субвенции во пчеларството им припаѓаат на пчеларите.

(Оние наши колеги, првите, што сметаат дека парите од субвенциите се државни и дека “партнерски“ може да се поделат со сите што на некој начин се вклучени во играта - не се воопшто потресени од оваа ситуација!)

Според новите законски обврски регистрираните пчелари треба да прават попис и да пријавуваат колку живи пчелни семејства имаат, два пати во годината: еднаш на 15 октомври (зазимени) а вториот пат, на 1-ви април (презимени).

Деновиве, дел од овие ветеринари на кои тие мои пријатели им се обратиле, за во регистерот на пчеларници тие да им ја заведат бројката на нивни попишани зазимени пчелни семејства, значи, дел од овие ветеринари, им побарале и дури примиле пари во висина од едно евро по презимено пчелно семејство (бројката на пч. семејства што била пријавена на пролетниот попис).

Сите овие ветеринари пријавувањето го поврзувале со добивањето на субвенциите.

Како изгледа тоа?

Па вака:

1. За 100 евра ризикуваш да загубиш 1000! Или...

2. Ако не платиш, нема да ти биде заведена бројната состојба во регистерот! Или...

3. Мора да имаш потврда дека си платил/ла кога ќе поднесуваш барање за субвенција!

При тоа, некои од нив, ако намирисаат дека “клиентот-пчелар“ е симпатизер на опозицијата, му велат дека парите ќе одат на сметка на владата...

Жално, мошне е жално што толку голем број ветеринари се приклучија на мафијашкото пљачкосување - секоја нивна средба со пчеларите - овие болно да ја осетат по својот џеб!

Нивната ко-бајаги игнораниција, и убеденост дека 1) Програмата за здравствена заштита на животните, т.е. Годишната наредба за здравствена заштита на животните во 2013 година, потоа 2) Законот за идентификација и регистрација на животните, и најпосле 3) Програмата за субвенциите за земјоделството се едно-те-исто - може само наивните да ги подлажува.

Ветеринариве крадат туѓи пари - без срам! Тие тоа добро го знаат - затоа што апсолутно ништо не сториле/заслужиле да ги добијат тие пари!

Арамии се, а уште некои од нив бесрамно бараат и пчеларите да им бидат соучесници - да им го прикријат арамилакот! Срам да им е!

Замислете, некои од нив се дрзнале до тој степен, што им предлагаат на пчеларите, на своите клиенти, да потпишат изјави во кои тие ќе потврдат дека ним не им дозволиле да извршат прегледи на пчелните семејства на болеста Американска гнилеж - за да си ги оправдаат парите што ги побарале и добиле од пчеларите (за тие несторени прегледи - безмалку едно евро по пчелно семејство) - а за да ги добијат, ги уцениле со незаведување во регистарот (што понатаму ќе води до недобивање субвенции!)

А вистината за плаќањата, субвенциите, и регистрацијата на пчелните семејства е следна:

Ветеринарите не ги пребројуваат пчелните семејства туку тоа го прават самите пчелари.

Бројната состојба треба да се пријави од 15-ти до 31-ви октомври за зазимените пчелни семејства, и од 1-ви до 15-ти април за презимените пч. семејства на ветеринар кој треба да даде примерок од пописниот формулар.

За заведување на бројната состојба на пчелните семејства во 2013 пчеларот не треба да плати ниту еден денар.

За прегледување на пчелните семејства на болеста Американска гнилеж во 2013 (како и во 2012) пчеларите не треба да платат ниту денар - ако пчелните семејства (поединечно) не се прегледани - а сега времето за прегледување веќе е изминато!

За таблички за пчеларници пчеларите не треба да платат ниту денар.

За поднесување на барање за субвенции во 2014 ќе биде меродавна бројката на живи пчелни семејства што била попишана и заведена во регистерот во април. Барањата за субвенции ќе можат да се поднесуваат до кој-знае-кога (годинава рокот го продолжија се до овие денови) но бројката на пчелни семејства за кои ќе се бара субвенција, не може да биде поголема од онаа што била заведена во регистерот во април.

Мој совет, почитувани колеги ви е: не плаќајте ништо!

Ако веќе сте платиле - барајте (со сите средства и начини) парите да ви се вратат!

П.С. Сите оние колеги кои платиле некакви пари при заведување на бројната состојба на пчелните семејства а парите не им се вратени, и имаат решителност да потпишат тужбено барање, нека ми се јават на мојата е-пошта (melitagora@yahoo.com) и во пораката да си го напишат името, презимето и информациите за контакт (телефони, адреса).

П.П.С. Сите оние читатели кои се адвокати и имаат желба/мотивација “про-боно“ да ги застапуваат оштетените пчелари во тужбено барање пред судовите, нека ми се јават исто така на мојата адреса.

Постави коментар Blogger

  1. Денеска 15.10.2013 бев во ветеринарна станица Велес и си земав потврда за бројна состојба без никаков надомест да ми наплатат, секако откако се обидоа да ми наплатат за извршен преглад за АК. Демек не ке си можел да земеш субвенции ако немаш потврда за прегледани друштва од АК, откако со директорот/раководителот малку направивме муабет на темата дека е доцна за такви прегледи и дека немам намера да платам за неизвршена работа побарав да ми издаде изјава, потврда, бил какво пусулче дека нема да ми издаде потврда за бројна состојба ако нема преглед за АК по што ме испрати на шалтер да си земам потврда.
    Ајдучишта килави.....

    ОдговориИзбриши
    Одговори
    1. Секоја чест, колега, што си бил доследен на својот став да не плаќаш за незавршена и непобарана услуга.

      Сепак е штета што на еден како тебе има сигурно најмалку 10 други наши колеги кои ќе бидат “одрани“ и ќе прифатат на ветринарите да им бидат соучесници во арамилакот на “државните“ пари.

      Јас засега имам информација дека барем од еден наш град ветеринарите се чесни и не побарале пари-за-ништо.

      Избриши
  2. Цитирано:
    да потпишат изјави во кои тие ќе потврдат дека ним не им дозволиле да извршат прегледи на пчелните семејства на болеста Американска гнилеж
    Крај на цитат.

    Ако некој е глуп, нека потпише ваква изјава!
    Не само што им оди на рака на ветеринарите, туку потпишува изјава за сопствена кривична одговорност.

    ОдговориИзбриши
  3. Верувале или не??
    Дури и мене не ми се верува.
    Рано наутро отидов во ветеринарната станица во Крива Паланка. Референтот уште не беше пристигнал. Причекав малку, на ходник си кажавме „добро утро“, ме повика во канцеларија, ме понуди да седнам... Уште кафе недостигаше. Седев додека ги најдоа обрасците, пополнија, потпишав.... Сето тоа во една пријатна и љубезна атмосфера. Не ми побараа да платам ништо (така и треба). Благодарам, пријатно и си заминав.
    Уште не ми се верува, но вистина е.

    ОдговориИзбриши
    Одговори
    1. Таквите примери треба да се истакнуваат. Но...
      Имајте на ум дека и ветеринари го читаат овој пост/блог (знам сигурно).
      Не се краде од некој што ве знае што сте.
      Потпрашај ти, колега Паланчански, некој друг твој комшија-пчелар, како тој поминал при пријавувањето...

      Избриши
    2. Ќе видам како се одвива ситуацијата со другите пчелари. Но наша „добра“ навика е да го чекаме последниот ден. Некои пчелари дури и не се свесни дека треба да пријават. Зборувам за пчелари со поголем број на пчелни семејства, пчелари кои веќе ги пријавувале семејствата.

      Избриши
  4. Дефинитивно, во Крива Паланка не се плаќа за пријавување на бројната состојба.
    Но има обиди од ветеринарите сега да вршат клинички преглед на пчелните семејства. На еден му се јавиле по телефон, но тој ги одбил. Кај друг отишле на пчеларник, но родителот на пчеларот не дозволил влегување во пчеларникот без присуство на неговиот син. Верувам дека вакви обиди има уште, но не сум запознаен.
    И она што е трагично: Двајца пчелари ми рекоа дека се спремни да платат, но да не им се чепка по семејствата. Значи, плаќање за неизвршена услуга, а евентуалната зараза нека се шири по пчеларникот (и кај соседите).
    Впрочем, каков клинички преглед би можел да се изврши сега, кога леглото одамна е прекинато?

    ОдговориИзбриши

 
Top