Четврток, 26 септември 2013
Вчера (среда) бев на пчеларник без да имам дефиниран план што ќе правам.Бев со кола, иако немаше никаква потреба да се носи нешто - не понесов ниту сируп за да прихранувам.
Точакот уште ми стои превртен во дворот - чека да се соземам од шокот. Чека веќе неколку дена.
Пред некој ден ми се дупна гумата. Ја залепив и ми се издиша. Лошо беше местото на дупката, на работ од една друга постара лепенка. Тргнав и успеав да си купам нова гума, квалитетна, словенечка, за 180 денари.
Два часа потоа си ги барав децата низ школскиот двор и поминав на место каде порано никогаш не сум бил и... На двете гуми заработив по близу 20 нови дупки - и на новата, и на старата!
Десет евра да бидам зијан за два часа - не ми беше баш сеедно, и го баталив најбрзото транспортно средство за кратки релации во Скопје (точакот) - оти против малери се борам на тој начин што не се инаетам!
Нормално, кога те тераат малери не застануваат на само една работа!
И колата не сакаше да запали, оти акумулаторот изгледа ми отиде бестрага поради термопркинувачот на вентилаторот за ладилникот.
Еднаш буткав јас, еднаш мојата сопруга, па потоа пак јас, па мојата сопруга и најпосле количето запали и се надевам малерот ми се прекина (вентилаторот го исклучив!)!
Кога дојдов на пчеларник, нормално, прва мисла ми беше што да правам - некако ми беше тешко да одолеам на искушението да ја побарам тепалката и да почнам да ги тепам многубројните оси што се мотаа насекаде наоколу.
Најпрвин се решив да го отворам семејството што менуваше матица (види: Убаво е кога има паша...). Матицата произлезена од еден од овие доцнолетни матичници (види: фотка) имаше среќа да ги помине ластовиците и пчеларките, да се сретне со исто толку среќни трутови и да се врати в сандак, каде сега имаше легло на 4+ рамки во предниот дел на рамките, од кои на една рамка леглото беше затворено и очигледно исправно.
Потоа се сетив дека една од главните идеи за оваа есен ми беше да направам враќање на барем три семејства кои биле претходно во троделни оплодници, а потоа биле префрлени и развивани во одделни спратови. Требаше барем три такви да ги вратам назад во троделен оплодник и така да ги презимам.
Уште при прегледот на првиот оплодник и префрлувањето на првите негови рамки, се откажав од идејата. Премногу беше силен: на три рамки имаше преголеми површини со легло. Прерано беше за да ја реализирам оваа идеја.
Потоа прегледувајќи го соседното екс оплодниче од таа група, констатирав дека нема воопшто никакво легло а има матица... Што е па сега ова?
Во картончето пишуваше дека имало легло... Оставив се како што си беше, не знаејќи што да правам - дали тука се работи за некоја генетска особина или пак за нешто сосем друго?
На ниту една од рамките немаше ниту ќелии подготвувани за легло, ниту пак остатоци од него! Целиот сируп со кој што прихранував од време-на-време беше претворен во мед!
Решив пред да направам некоја глупост, да отворам повеќе други пчелни семејства на пчеларникот, за да видам дали можеби има уште некое во ваква ситуација.
Почнав да пребарувам семејства кои сум ги запоставил - и бога-ми најдов повеќе такви, незазимени.
Додека се ангажирав околу нивното средување мене всушност ми помина најдобриот дел од денот - почна да се стемнува и да застудува.
Денот на пчеларникот практично ми заврши околу 19 часот, кога веќе едвам се гледаше. До последен момент со дрвени лајсни им кроев и ги затворав сосема долните лета на сандаците што досега беа или затворени со сунѓер или пак беа делумно подотворени.
Сите лета кои се досега, од немукает, беа отворени на подница или пак на долниот спрат, сега ги затворив и пчелите ги преориентирав да летаат на горни (главно кружни) лета.
Тоа е МОЕТО решение за борба со осите, пчелите-туѓинки/грабливки и глувците.
Оваа метода е исто така мотивација плус за семејствата своето последно легло да го постават на горните спратови/рамки, што е од примарна важност за посигурно презимување.
Петок, 27 септември 2013
Вчера (четвртокот) пак бев на пчеларник.И овој пат, повторно купив околу 5-6 кг. шеќер (по кој знае кој пат “последен“) за да им дадам сируп на неколку семејства каде завчера констатирав дека има премногу отворен мед на рамките.
Овие семејства не беа прописно суредени за зима и дел од сирупот го расфрлале/поставиле странично, на рамки каде сигурно нема да прават клубе.
Успеав да најдам некое нуклеусче кое можеше и требаше да се смести во троделен оплодник и го сместив.
Дополнително ќе треба на едно од овие две сега соседни нуклеусчиња да им ги изротирам рамките за 180 степени и рамката со последно легло да ја поставам до преградната даска.
Пчелите од двата нуклеуса досега летале на спротивни страни и затоа медот им беше одзади - а и за двата да се движат со зимското клубе како да се едно семејство поделено со преградна даска, резервите со мед треба да им бидат на иста страна од светот.
Почнав да барам и матици, доволно добри кандидатки за да ги заменам старите, на кои оваа зима треба да им биде трета во животот - и истовремено за да направам спојување на некои нуклеуси кои е преризично да се остават да зимуваат сами.
Се што успеав да направам беше да најдам една послаба матица, но која одржуваше малку легло, да ја обележам и затворам во кафез и да го поставам кафезот со неа во нуклеусот што претходниот ден констатирав дека нема легло а чија матица по прекуноќното размислување решив да ја ликвидирам.
Констатирав и дека има уште една група семејства што треба да се досредат и можеби доприхранат, ако при прегледот се утврди потреба.
Денес
Вчера (петок) пак се појавив на пчеларникот со точак.Најдов поевтини кинески гуми (само 100 ден.) па точакот го ставив пак во употреба.
А употребата беше доста солидна бидејќи возев 11 литри сируп во шишиња, и овој пат: последен!(...)
Некои од семејствата ги отворив а некои не, затоа што одозгора, преку фолија (каде што ја имав поставено наместо поклопна даска) се гледаше дека прихрана им треба.
Се остварија моите предвидувања дека и годинава како лани ќе имаме “индијанско“ лето, и овие температури, кои неколку часови од денот под сенка достигнуваат до скоро 30 целзиусови, во голема мерка го потпомогнале заклопувањето на префрлениот сируп.
Инаку, за цело време, во сирупот што го давав, додавав по малку јод и сосем малку сол (само половина прст на 10-тина литри) а растворањето на шеќерот го правев без да го загревам, само со топла/млака вода од бојлер.
Сметам дека јодот во голема мерка го одложува појавувањето на габи и ферментацијата на сирупот (истиот треба да издржи на топло време и повеќе од недела дена).
Уште десетина годинешни нуклеуси требаше да се потсредат, да се извадат непотребните и празните рамки а некои и да се изротираат половично (20-30 степени) за да се подготват подоцна за преместување во троделен оплодник.
Инаку овие нуклеуси уште пред повеќе од еден месец беа “средени“ на тој начин што од двете или барем од една страна беа “ограничени“ со рамки на кои имаше бело саќе или сотна основа, така што растурот на додадениот сируп беше незначителен.
По една до две, од овие рамки со делумно полни ќелии со храна, ги поставував од другата страна на сандакот осамени - така што пчелите во целиот овој раноесенски период ја пренесуваат оваа храна во гнездото (од 5-6-7 рамки) од другата страна на сандакот.
Тоа главно, беше мојата работа вчера, подетално опишана, затоа што фото-апаратот се уште ми е на сервис и неговата судбина е неизвесна.
Постави коментар Blogger Facebook