0
Вчера бев надвор од Скопје, кога на телефон го слушнав гласот на мојот пријател-компањон.

Очигледно се обидуваше да остане смирен додека ми објаснуваше дека кога дошол на пчеларникот на Долна Матка забележал многу пчели како се врткаат околу сандачето мамец за роеви.

Сандачето беше поставено на дабовото дрвце - среде пчеларник.

Ме прашуваше што да прави: пчелите не влегувале во сандачето туку се збирале под парчињата стиропор поставени одозгора и во голем број кружеле наоколу.

Отпрвин си помислив дека најверојатно се работи за ројче кое од некаде избегало поради глад или вароа а можеби било и од некој поранешен оплодник, и затоа му реков се да го остави така како што е.

Додека така зборувавме, тој се движел низ пчеларникот и во истиот момент забележа дека еден од моите сандаци - го нема!

Додека возбудено ми објаснуваше за кој сандак се работи - батеријата на мојот мобилен се испразни...

Јас во тој момент ручав со фамилијата и комшиите и не се сетив дека и мојата сопруга има мобилен.

Не помина ни еден час а заѕвони мобилниот телефон на мојата сопруга и јас одново го слушнав гласот на мојот досетлив компањон: го нашол сандакот!

Се договоривме да појдеме заедно вечерта, кога ќе се вратам во градот а по пат да пријавиме во полиција.

Нашата средба навистина се случи вчера вечер, некаде околу 22 часот.

Отидовме најпрвин во полициската станица во Ѓорче Петров.

Таму на влезот, на шалтерот за информации - неколку неангажирани полицајци не информираа дека денес било сабота и дека во сабота и недела сме морале да се јавиме на телефонот 192.

Бирократија на дело!

Наместо кога немаа некоја поважна работа да дојдат со нас, и да направат увид и записник, тие не советуваа, преку нивниот оператор на 192 (кого едвам го добивме) да сме се јавеле повторно утредента порано!

Нормално дека не ги послушавме да оставиме се како што е, и се упативме на “местото на злосторот“ за барем да го вратиме сандакот на старото место и на тој начин утредента да ги одвратиме пчелите од вознемирување на целиот пчеларник и околината.

Мораше да одиме нагоре околу 100 метри над пчеларникот.
Сандакот изгледаше негибнато.
Летото на сандакот беше затворено со парче стиропор.
Отстрана се гледаше црнило од запален оган. Вандалите можеле да предизвикаат пожар!
Ја помрднавме хранилката и низ отворот можеше да се види дека недостасуваат рамки.
Сандакот беше “перце“ за носење. Семејството во него беше меѓу најсилните на пчеларникот: даде речиси 3 фарар спратови со мед.

Кога го поставивме на старото место ја подигнав поклопната даска и ги направив овие две фотки:



Враќајќи се дома во колата со мојот компањон-пријател ги дискутиравме можните причини и мотиви за влегувањето на некои луѓе преку двометарската ограда, префрлувањето и носењето на целиот сандак сто метри нагоре, неговото отворање со палење на сува трева и вадењето на единствените рамки со мед и легло.

Дали матицата се уште е жива? Како ќе ја санираме направената штета?

На овие прашања одговорите следат денес. Договорен сум со пријателот сабајлево да одиме во спасувачка мисија.  

Навистина не е лошо да се поседува некој филозофски талент кога човек ќе се соочи со вакви ситуации.

Нашиот пчеларски свет карактерно не се разликува премногу од светот во кој опстојува и пчелата - малечко чворче во кое се врзани световите на многу други битија - живи и неживи - го посакувале тоа ние (за добро) или пак не (за лошо).

П.С. Насловот е мексиканска мисла-водилка! Запатистичка. Му благодарам на мојот фејзбук пријател Cristian Jesús Gutiérrez Arteaga што ми ја предочи.



Постави коментар Blogger

 
Top