1

Прв обид: зазимување, потоа прихрана, а пред тоа, средување на вандализираното пчелно семејство


Знам дека должам продолжување на минатиот пост но никако да најдам доволно енергија (или читај: време) за на компјутерот да си ги инсталирам и наместам програмите што си ги користам за да продолжам со пишувањето/објавувањето на блогов.

Време си немам, не само заради враќањето на домашните обврски, главно со децата, што од први септември ми се зголемени и надградени, затоа што и другото, помалечкото дете ми тргна в школо (и е со поразличен термин на завршување на часовите), туку и заради тоа што пчелните семејства не ми се зазимени а морам да го искористам секој добар ден додека трае топлото време, за да им дадам на пчелните семејства колку што можам да си дозволам повеќе шеќерен сируп.

Овој шеќерен сируп пчелите би требало да го користат во доцна есен и во рана зима.

Е... И тука е мојот проблем. Проблем е што пчелите во фарар сандаците самите не си се зазимуваат.

Една е поставеноста на сандакот за добивање на екстра мед (за пчеларот) а сосем друга е поставеноста за презимување.

Најчеста ситуација што во овој период ќе ја искусат оние кои почнуваат да работат со фарар е пчелните семејства на повеќе рамки да имаат легло речиси до самата горна летвичка (сотоносецот) на рамките.

Недостасува на тие рамки медена “капа“ (заклопен мед) од барем 10-тина сантиметри - а таму, во ќелиите од кои ќе излезат последните есенски пчели пчелните семејства ќе си го концентрираат и своето зимско клубе!

Јасно е дека колегите кои ќе ја остават оваа ситуација како што си е, со мисла дека “пчелите си знаат најдобро“ - напролет разочарано ќе видат во многу сандаци мал број преостанати мртви пчели со главите забиени во празните сотни ќелии.

Затоа, пред да го прихранувам, морам секое пчелно семејство најпрвин да го преуредам, при што главно ги вадам непотребните празни рамки.

Силните семејства секогаш сакам да ги зазимам на два спрата. Ако имам слободни спратови така ги поставувам и средно силните.

Во горниот спрат оставам од 5, до најмногу и ретко, 8 рамки со темно саќе, работничко. Тоа се рамките со најмногу мед, но тука е и леглото - барем една рамка треба да е со најмладо легло.

Медот на овие горни рамки се трудам да внимавам да биде со висок процент на затвореност.

Последниве години мора да внимавам и колку има медлика, а и дали ќе има доволно место за прихраната со сируп.

Од долниот спрат ги вадам сите празни рамки а на нивно место доаѓаат рамки со отворен мед. Спорадично полни... Некогаш и побели рамки со повеќе или помалку легло.

Обично, во долниот спрат оставам онолку рамки колку што имам оставено и во горниот.

Рамките (и горе, и долу) ги поставувам прибиени до една од страниците на сандакот (преферирам јужна или западна).

Од другата страна на просторот не користам преградни даски. По потреба, како преградни даски можам да употребам и рамки со сотни основи или друго бело саќе - некогаш со мед а некогаш и без мед.

Дури откако ќе завршам со ова преуредување можам да започнам со прихранувањето на пчелното семејство.

Е, токму поради онаа намера да се исполнат добар дел од празните ќелии на последното легло со шеќерен сируп или медец добиен од него, прихранувањето треба да биде подолготрајно и доволно интензивно!

Одредувањето на интензивноста е дискутабилно, бидејќи секое пчелно семејство е различно.

Дигресија за пластичните шишиња-хранилки

Ете зошто мене најмногу ми се бендисуваат пластичните шишиња кои низ градовите во последниве години ги има бесплатно и во изобилство.
Овие шишиња ги користам во три комбинации: едно шише, две шишиња едно до друго, и шише со стандардна хранилка до него. 
На шишето бушам онолку дупчиња колку што мене ми се чини дека би требало, но ако имам време, најмалку една недела подоцна правам и контрола.
Тоа мое собирачко однесување што го демонстрирам собирајќи и чувајќи празни шишиња (од вода) им изгледа понижувачки на малограѓаните, кои кај нас ги има во изобилство - но јас гледам надвор од таа малограѓанска кутија и - шишињата си ги собирам - без да се обзирам на тоа како тоа им изгледа на комшиите, на мојата сопруга или пак на децата.
Интересно е дека рециклирањето на теглите за мед на нашиве комшии не им изгледа понижувачки!
Претпоставувам затоа што на малограѓаните тоа рециклирање не им асоцира на циганите - за кои тие имаат мислење дека се пониска класа од нив.
Деновиве во Скопје употребата на овие пластични шишиња толку многу се прошири што буквално нема потреба долготрајно да се складираат - доволно е само да се прошета околината во часовите/деновите предвидени за собирање на смет - и ќе се собере голема количина шишиња.
За илустрација: еднаш седев во еден угостителски објект, речиси во центарот на Скопје, и гледав кон прозорците, кои пак гледаа на неколку улични контејнери за ѓубре.
Неверојатно за мене беше што увидов дека на секои пет до 10 минути доаѓаа луѓе собирачи на пластични шишиња, без и со различни превозни средства - а без ниту еден од нив да остане со празни раце!
Фрлачите на ѓубре беа во толку голем број и фрлаа толку многу пластични шишиња, што, да не беа собирачите, контејнериве што ги набљудував сигурно немаше да бидат видливи (затрупани) за 5 до 8 часа!
Многу е битно ова да го потенцирам, а што го пропуштив минатиот пат кога го спомнав ова прихранување - шишињава за прихрана на пчелите треба да се употребуваат само еднаш!
После нивната употреба, од внатрешната страна на пластиката се јавуваат видливи и невидливи мевли кои можат да го упропастат следниот сируп - и да им наштетат на пчелите. Затоа препорачувам да се употребуваат само шишиња од вода - не и од сокови или нешто друго! Од соковите ги употребувам само ако јас сум ги испил - и тоа, пред малку време!
Миењето на шишињата, пред уште еднаш да се наполнат, е бесмислена опција, поради расположивоста на новите шишиња која ја опишав малку погоре.
Сирупот во овие шишиња треба да издржи, без да ферментира најмалку 7 дена...

Враќање назад

Ете така, во најинтензивна и се уште незавршена пчеларска работа ми минуваа последниве два-три дена (го пишував ова околу 15-ти септември), но ете, денес времето е дождливо и бидејќи навистина многу врне, дојде време сега да се вратам назад на одговорите од прашањата поставени во минатиот пост.

Назад, во продолжение на започнатиот пост

Следниот ден (по констатирањето на вандализмот), јас, мојот пријател-компањон и неговата сопруга, се упативме порано наутро кон Матка, но пред тоа, го посетивме пчеларникот во скопското поле каде во преносно сандаче зедовме 5 фарар рамки со убави венци на заклопен мед.

Кога влеговме во пчеларникот на Матка, веднаш го погледнавме сандачето-мамец за роеви, поставено на дабчето среде пчеларникот...

Пчелите ги немаше!
Пчелите кои вечерта ги оставивме во клубе под парчињата стиропор, ги немаше - се врткаше тука и таму, по некоја.

А, си рековме, пчелите сигурно се вратиле назад во вандализираното пчелно семејство.

Ете го и парчето стиропор со кое вандалите го затвориле летото на сандакот.
Веднаш, без многу да чекаме се фативме за него, детално да го прегледаме и да видиме: дали матицата (беше со потсечени крила) е жива?

Кога го отворив сандакот, очекував на поклопната даска, на просторот каде недостасуваа пет рамки да има клубе од пчели...

Но не. Немаше...

Пчелите да висат на поклопната даска? Не, ги немаше!
Сандакот мораше да се исчисти и суреди (зимска поставеност).
... пак прекин во пишувањето...

Втор обид да се продолжи...

...И тука го прекинав пишувањето на овој мој пост затоа што мораше да одам на пчеларникот во скопското поле, а си помислив дека е добро да направам за блогов и фотка од некое пчелно семејство во преуредена зимска поставеност.

На пчеларникот, во обид да фотографирам сфатив дека апаратчето ми заглавува - и ништо не бидна од фотката!

Се чини дека потешко ме погоди ова рикнување на фото-апаратчето, отколку што си мислев.

Се демотивирав да го завршам постот и со денови ситуацијата  остана иста, непроменета. Не ми се отвораше текстов.

Денес треба да појдеме со мојот пријател на пчеларниците во Матка и ќе видам што му се случува на ванадализираното семејство петнасетина дена подоцна.

Но пред тоа треба да го довршам опишувањето на она што се случи тој ден.

А за мене тоа беше уште едно ново пчеларско искуство!

И така...

Откако подигнувајќи ја поклопната даска констатирав дека на вандализираното семејство му недостасуваат главнината од пчелите, (немаше висечко клубе од пчели во празниот простор) - почнаа низ главата ми се мотаат разни варијанти како тоа би можело да се случи - а помислив и дури, дека е бесмислено да се спасува - оти со толку мал број пчели опстанокот преку зима му е крајно неизвесен.

Поради инерција во намерите, сепак му ги поставив донесените 5 рамки со мед. Дури и покрај тоа што беше очигледно дека нема и матица!

Резервни матици на пчеларникот имавме и откако една ја извадивме од нејзиниот оплодник, ја вметнавме во кафез затворен со шеќерно тесто, кафезот го поставивме меѓу новододадените рамки за вандализираните пчели да ја примат.

Потоа почнавме да работиме и други семејства во пчеларникот, барајќи лоши матици што ни беа предвидени за замена, кога...

Огромен број роевски пчели се појави на пчеларникот.

Беше тоа гледка на пчелно однесување што не може да се очекува и разбере како нормално за овој дел од годината!

Овие клипчиња се практично последните што ги направи мојот фото-апарат пред батеријата да му се потроши и во меѓувреме да се расипе.


Според зборовите на мојот пријател-компањон, практично се повторила истата сцена што тој ја затекнал претходниот ден. И тој ден пчелите, правејќи во лет ориентациски кругови се концентрирале на задниот дел од сандачето мамец за роеви, поставени на дабчето среде пчеларникот.


Поради ова враќање на безматичниот рој-бегалец, ние констатиравме дека всушност вандалскиот чин се случил најмалку еден ден пред денот кога мојот пријател го констатираше.

Пчелите истерани со чад, 50-тина метри подалеку од локацијата на сандакот...

...не наоѓајќи го него на старото место, се собрале на дабчето и сандачето на него, потоа минале низ стадиум на мирување во клубе (бришење на меморијата за старото место) и следниот ден испраќајќи извиднички успеале да најдат ново место погодно за живеалиште.

Одлетале таму, арно ама... Стигнувајќи на новата локација набргу констатирале дека немаат матица и се вратиле назад (тогаш, веројатно, ги видел мојот пријател).

Денот кога дојдовме да го санираме сандакот што ноќеска го вративме на старото место, пчелите всушност го повторувале истото однесување од претходниот ден - заминале на новото место и потоа, при наше присуство, тие се вратија назад, поради безматичност.

И на крајот, што направивме?

Најпрвин, откако пчелите се потсмирија  поставивме празна рамка со темно саќе до клубето... И на неа тие не преминуваа.


Потоа го извадив кафезот со додадената матица од вандализираното семејство и го закачив на празната рамка... И повторно, оваа постапка не привлече многу повеќе пчели.



(ова беше последната фотка од апаратчето)

Потоа ги истресов пчелите од делот од  клубето што ми беше достапен... Овој пат тие пчели се вратија назад, но при тоа ја прекрија рамката со закачениот кафез со матица.

Рамката со кафезот и пчелите на неа ги поставив назад во вандализираното семејство.

Потоа ги подигнав полека парчињата стиропор на кои висеше поголемиот дел од роевските пчели и полека и внимателно ги пренесов врз рамките од вандализираното семејство. Со куси отсечни удари ги истресов врз сотоносците на семејството. Пчелите се спуштија во улиците кај матицата и семејството го затворив и прихранив.

Повеќе немаше што друго да му правам... На дабчето, околу сандачето, останаа само десетина пчелички.

Пашата која беше во тоа сушно време достапна во близина на пчеларникот.

Трет обид да се продолжи/доврши постот

Најпосле го завршувам овој пост.

Вчера се вратив од пчеларникот на Матка каде го прегледав вандализираното пчелно семејство.

Имаше пчели на околу 4 улици и матицата беше примена.

Имаше веќе прилично голема површина затворено легло во горниот спрат - поставено на новододадените рамки со мед - токму таму каде што и би требало да биде!




Постави коментар Blogger

  1. Колку сличности во однос на пластичните шишња. И јас ги собирам преку цела година. Само што ги употребувам на поинаков начин. При зазимувањето на моите кошници (ДБ 12) , вадам 4-5 рамки (пак сличност) и во празниот простор ставам 3 шишња од 1,5 л (со одсечени горни делови). Во нив ставам малку слама, и ете ви големи ранилки со капацитет од 4-4,5 л шуруп одеднаш. Вадењето рамки има и друга позитивна страна. Внесениот шуруп или мед од природата се распределува на помал број рамки а со тоа и медниот венец е поголем. Спротивно од тоа кај зазимените кошници со 12 рамки храната се распределува на поголем број рамки и венците на нив се танки. Пчелите побргу ги пробиваат во текот на зимувањето а со тоа и потребата од ставање погача станува неминовна. Позз , Зоран-Кавадарци

    ОдговориИзбриши

 
Top