0

Минаа без еден - два, речиси 10 дена, пред повторно да дојдам на пчеларникот во скопското поле.

Иако кај најголем дел од моите сограѓани причина за вакво поголемо отсуство се летните годишни одмори - јас не бев на одмор.

Едноставно, без така да планирам, се нанижаа настаните.

Најпрвин ги добив државните пчеларски субвенции за 2013-та и веднаш тргнав во нивно трошење - што деновиве успешно го привршив!

Најмногу од добиените пари ми отидоа за ремонт на колата, потоа, тргнав во пребојадисување на моето семејно живеалиште, и најпосле парите ги докрајчив со покривање на дел од трошоците што ми настанаа заради пружањето гостопримство на моите роднини кои ми пристигнаа на повеќедневна посета од Босна.

Финалето беше за цвеќе потребно за погребот на мојот братучед Зоран.

Само малку пари од добиените субвенции завршија за набавка на некои ситници поврзани со моето пчеларење.

Но, сите овие надоврзани настани ја имаа токму онаа последица што погоре ја спомнав - мое недоаѓање на пчеларник.

Токму затоа чувствував голема љубопитност кога со мојот реновиран стар точак во врелите летни рани вчерашни пладневни часови возев накај пчеларникот.

Додека возев мораше да се борам со топлиот, умерен до засилен северен ветер што ми дуваше во градите и тежината од тагата што ја чувствував во срцето поради прераната смрт на мојот братучед, со кого, со децении порано, добро си живеевме.

Уште на патот, во непосредна близина на пчеларникот, забележав две парцели кои беа насадени со детелина што во моментот изобилно цветаше.

Застанав кај едната, и се уверив дека е добро посетувана од пчелите.


Тоа, зеленилото на тревата, и многубројните други разновидни расцветани растенија по меѓите на нивите, па и на некои ниви во мирување, ми влеа оптимизам дека повеќекратните летни дождови што наврнаа во овие изминати десетина дена, си донесле како ефект - поголема паша.


Кога влегов во пчеларникот мојот оптимизам навистина се потврди - пчеларникот беше исклучително жив и разлетан. Многу од пчелните семејства правеа облет на младите пчели во тој период од денот, но и тие што не правеа - летаа одлично.


Една од главните причини за моето доаѓање, освен да видам како стои работата со пашата беше да видам кои нови матици ќе ми бидат определени за продажба, бидејќи ми се јави еден колега со порачка за 10.

Веднаш штом го допрев пчеларскот нож решив да ги отворам двете соседни семејства кои последни ги бев прегледувал, десетина дена порано (на 11-ти јули).

Тогаш си заминав од пчеларникот со констатација дека пашата е речиси никаква, а во главата ја имав сликата на медишните рамки на тие две семејства со венци затворен мед и ниту капка отворен мед/нектар во празните ќелии под него.

Сега мораше да констатирам дека пашата била добра, бидејќи ќелиите под затворениот мед беа полни со отворен мед!

Дури, во плодиштето, имаше и зафатеност на скоро повеќе од 50% од површината од новододадените сотни основи со мед - обид да се направат венци мед на плитките фарар рамки во плодишниот дел/спрат на семејствата, под матичните решетки.

Со оваа штик-проба како да заврши мојата љубопитност околу пашата.

Понатаму си зедов обврска да ги заменам преградните фолии на пчелните семејства на кои им бев додавал нови матици во спратовите со легло над нив.

Пред да ја поставам мрежата (иста како и за прополис) под овие нови семејства - за изедначување на мирисите, пред спојување - требаше да ја видам состојбата во која се наоѓаат новите матици и нивното легло.

Првото што го отворив, беше во ред, но матицата, премината од троделен оплодник каде одржувала само три рамки со легло, во новата средина леглото го беше проширила само на 4 до 5. Ги разместив малку овие рамки, додавајќи дел од празните странични рамки меѓу постоечките со легло.

Но веќе при работата со вториот сандак сопрев со таа активност - кај него имаше само околу 20-тина ќелии со ларви и, дури неколку рамки со јајца и никакво друго легло - а матицата беше примена и жива!

Се зачудив од оваа состојба и решив да не го припојувам ова семејство, се додека не почекам да видам што ќе биде со толкавиот број јајца - иако веќе беше јасно дека работата нешто не ја бива...


Потоа го здогледав капакот од мојот братучед... И тука заврши мојата желба да работам понатаму.

 

Иако рационално се трудам да не се грижам за работи на кои не можам да имам никакво влијание, сепак тагата по братучед ми ме здроби.

Правев понатаму уште доста работи на пчеларникот, но сето тоа беше со гласно офкање и изнасилено до бескрај. Како да се мачам.

Братучед ми беше еден од неколкуте луѓе што ми помогнаа да запчеларам. Беше несуден пчелар.

Во приближно исто време кога јас го започнував моето пчеларење и нему му падна идеја да види дали и тој ќе може. Беше агроном по професија и проблематиката му беше блиска.


Си купи еден пчелен сандак, но, само по одењето на неколку состаноци од локалното скопско пчеларско здружение, кое своите редовни неделни состаноци тогаш ги одржуваше во сала на сојузот на пензионерите - од разговорите што ги чул, констатирал дека работата со пчеларењето и претпоставените големи приноси од мед е тотално промашена - и се откажа.

По некое време самиот ми понуди да ми го даде неговиот сандак а јас пак како и се друго тогаш, го жигосав неговиот идризовски капак со неговото име и годината кога сандакот го примив - за да ме потсетува на донацијата.


Тие неколку луѓе што ми помогнаа во почетокот ги сметав за мои акционери и секогаш кога ќе имав доволно мед, имаа по некоја тегла од мене за нив и нивните најблиски.

Капаците ме потсетуваа на таа нивна поддршка...

Но сега, овој капак ми го зеде здивот и... Ќе започнев да плачам на пчеларникот...

Се дотогаш добро си ги држев емоциите под контрола.

Се дотогаш, ме држеше лутината што ја чувствував кон братучед ми, во последниот период.

Му бев лут, што после првиот мозочен удар, тој очигледно крена раце од борба за сопствениот живот.

Мислев дека тоа е крајно неодговорно кон него самиот и неговите најблиски, особено неговата мајка и моја тетка, на која тој требаше најмногу да и помогне, а не, против нејзина воља, со измама да ја смести во старечки дом специјализиран за луѓе на кои им е неопходна исклучиво медицинска нега.

И таа лутина кон неговиот однос кон себе си, што тој практично речиси ништо коренито не промени во своето дотогашно живеење и си го доби тоа што си го заслужи и си го бараше, ме држеше се до тој момент - кога го видов капакот...


Ме скрши сознанието дека беше сепак многу добар човек, што цело време многу пазеше никому ништо лошо да не му направи - а и да помогне, ако може!

Зошто... Зошто таквите луѓе, луѓето како него, се чини како да си заминуваат прерано - не ми е јасно...

Иако понатаму работев со некоја механичка упорност, работата ми беше се потешка и потешка...


Вчера не почувствував радост заради новите оплодени матици.



















Речиси воопшто не реагирав кога констатирав дека некои од младите неоплодени матици што сум ги додавал на троделни нуклеуси од минатиот последен пат кога сум бил тука, останале во своите кафези затворени - затоа што сум планирал да дојдам следниот ден за да ги пуштам со тесто.

Иако матицата беше мртва, нејзиниот мирис им беше важен на преостанатите пчели од нуклеусот. По кусо време од “обезматичувањето“ тие го најдоа кафезот-кофчег во кој таа долго време престојувала и умрела...

Една беше мртва а друга беше жива, и ја пуштив, иако времето за правење на оплодувачки летови веќе и беше поминато...

Ех...

Ех, кога би можело времето да се врати назад...


Постави коментар Blogger

 
Top