Деновиве привршува мојата битка со времето и потребите на пчелите.
Мојата битка, што уште малку завршува, беше да подготвам и поставам колку што можам повеќе рамки со сотни основи во леглата на пчелите семејства, со цел тие да бидат залегнати и до крајот на сезоната, да бидат потемнети, т.е. од нив да се излегнат неколку генерации пчели.
И оваа сезона ми успеа пчелите да ми изградат повеќе вакви “идеални“ рамки - со 100% чист природен восок - а доминантно работничко саќе. |
Скоро се што имав од рамки, складирани и затурени на сите места во мојата куќа, употребив, и сега ми останаа само уште триесетина што бараат поголеми поправки - и толку е за годинава. Отсега па понатаму, би требало да работам само со тоа што го имам.
Годинава употребив повеќе од 22 килограми сотни основи за 60 и кусур, презимени пчелни семејства, главно во Фарар и само малку во ЛР опрема.
Интересно е дека потеклото на овој восок беше рамномерно поделено: 5 кг. од Босна, 5 кг. од Србија, 6 кг. од Албанија и само околу 6 кг. заменет восок од Македонија.
Освен основите од Македонија, сите други беа ладно валани сотни основи.
Како пијан за плот, се досега, кога купував сотни основи јас се држев до барање на соодветната Фарар димензија, но годинава открив дека всушност големите Дадант-Блат димензии на сотни основи всушност одлично му одговараат на мојот начин на употреба/рециклажа на рамките.
Рамките ги рециклирам на тој начин што старото или неправилно изграденото саќе го сечам со скалпер така што оставам триаголен закосен дел од саќето залепено на сотоносецот од рамката.
Потоа жицата, ако има потреба, ја дотегнувам.
Со ова рамката е подготвена за додавање на пчелите веднаш, ако сакам да се обидам да добијам 100% природно работничко саќе или пак...
...Да поставам сотна основа која треба само да биде доволно голема за да ги опфати трите жици на рамката - а за тоа најдобра се покажа токму половината од стандардната плодишна ДБ димензија.
Албанскиот восок, што го користев најпосле во сезонава, го имаше единствено во ЛР формат.
Се обидов да го употребам по истиот терк (сечење на пола), арно ама, резултатот не ми се бендиса баш многу, затоа што и покрај тоа што овие основи беа мошне ригидни/тврди, па се држеа, без да се превиткаат и ако често не достигнуваа да ги опфатат сите три жици на рамката, сепак пчелите, преголемиот оставен празен простор често го оставаа предолго или така, празен, или пак го градеа со трутовски ќелии - не следејќи го теркот од сотната основа - што се случуваше, кога просторот без основа беше помал (при употреба на половина од ДБ).
Ова додавање на половинки од сотни основи го правев откако роевската сезона на оваа локација помина. Во пролет или во доцната зима, основата пазев да биде комплетна - од летва до летва! |
Ова е еден “светол“ пример на успешно изградена половинка од ЛР основа, на Фарар рамка |
Откако констатирав дека само со едно парче (долното), работата со половинките од ЛР сотни основи не ја бива, правев и вакви крпеници. Ова го овозможуваше ригидноста на овие албански сотни основи. |
Денот започна да се намалува и за неколку дена, и моиве пчели на оваа локација во скопското поле ќе го спознаат тоа, и ќе почнат да одбиваат да користат рамки со сотни основи - а матиците нема да сакаат да несат јајца во нивните светло-жолти ќелии, освен ако не се овогодишни, добро кондиционирани и многу квалитетни.
П.С. Намерно не сакам да дискутирам за “квалитетот“ на восокот од сотните основи.
Се покажа дека најостар отисок имаа албанските основи, а најтап српските.
Сепак, градењето на сите овие основи од страна на пчелите беше добро.
Според мое мислење, најмалку чист пчелен восок имаа албанските, а најмногу босанските.
Туѓиот материјал што беше вграден во сотните основи, нив ги правеше потврди или помеки во условите во пчелните гнезда: најмеки беа македонските, па босанските, па српските а најтврди беа албанските, кои се достапни на нашиов пазар (имаат дистрибутери) и, по мое мислење се најпогодни за користење во јужните, пожешки региони на Македонија.
Постави коментар Blogger Facebook