“Што му е на шишево“- си мислев додека го врткав со рацете, во обид да го видам од сите страни.
“Не ми е јасно!“ Си мислев, затворајќи ги двете мали дупчиња со прстите и обидувајќи се да го притиснам, за да видам дали од некаде “дише“. Не дишеше. Капачето си беше в ред... Добро стегнато.
Види, бреј... За неполни пет часа ми истече целиот шеќерно-меден сируп, скоро 1,5 литри, низ две мали дупчиња направени со боцка-притискач...
Немам крупна слика од шишево, затоа што бев премногу изненаден. Тоа до сега не ми се случило.
Вчера попладне, кога дојдов на пчеларников во скопсково поле, по втор пат, веќе беше заминат 14.30 часот.
Веднаш забележав дека на летото од овој нуклеус имаше голема гужва и забрзаност. Сега, отпосле, на фоткава, можам да ја забележам малата локвичка на полетувалката од троделниот нуклеус, но за жал, тогаш не ја видов. Го протолкував тоа како реакција од трошењето на сирупот додаден при утринската посета (и кај другите неколку семејства каде бев ставил сируп беше слична сликата) - и брзав да го искористам преостанатиот дел од денот.
Вчера морав во два наврати да одам на пчеларник.
Сабајлето, откако ги оставив децата в школо, и при тоа сфатив дека, непредвидено, денот ќе биде прекрасен, сончев, стигнав на пчеларник во 9 часот.
Не знам ни сам, колку време ми помина во барање на некои ситни работи што ми требаа за да прихранувам.
Сега си се чудам, самиот на себе си, како, од толкав поборник на стандардизацијата, јас, во пракса, станав толкав импровизатор.
Наместо прихранувањето да ми биде брза, рутинска работа, јас со секој сандак се занимавав како да го изработувам повторно.
Скоро за секое пчелно семејство имам некоја специфика - а тоа, и-тоа-како одзема многу време.
Главниот мотив за доаѓањето ми беше да ги прегледам, и да ги прихранам троделните нуклеуси, оти дома, додека размислував за нив, ми се чинеше дека тие, во овие пролетни услови среде зима, би можеле побргу да се развиваат и побргу би можеле да дојдат до степен блиску до гладување.
И само тоа, за тие, неполни 2 часа не успеав да го направам - махинално се закачив со отворање на некои од соседните сандаци, а потоа алармот на мобилниот телефон ме предупреди дека веќе дошло времето да се враќам назад, за да ги соберам децата од школо.
Трчајќи, едвам собрав се што во меѓувреме успеав да растурам, барајќи си ги работите, затурени и невидени од лани. Се втурнав во колата и додека возев за назад - ми се умираше од мака!
“Ова не е веќе живот...“ Си мислев. “Вака не се работи... Трчај да стигнеш, трчај и барај низ пчеларникот, ко безглава мува, па трчај за да се вратиш.“
Ниту видов како летаат, ниту видов што полен носат, а на крајот, попладнето сфатив, не видов ниту дека си создавам услови за грабеж.
А денот... Денот во тие претпладневни часови беше преубав, соооончев, топол и речиси без ветер!
О, да! Ми се умираше од мака што морав да се враќам!
А попладне, кога тргнав, денот веќе беше сосема поинаква приказна... Облачно и со услови за дожд!
Отворањето на сандаците и подетален преглед на рамките веќе стана операција што може/мора да се направи бргу, и со присилба, а не лесно и со мерак.
Од тие две-три пч. семејства, лански деленици, што успеав утрината да ги отворам, јас добив впечаток дека состојбата со резерви од храна (затворен мед на рамките) е речиси критична.
На овој лански ЛР деленик очајнички му требаше храна и проширување. Тоа и го доби. |
Ова е засега мојата идеална комбинација за овој период. Течна храна + сув шеќер во хранилка (полна до капак). |
Арно ама, на еден пчеларник никогаш не може се да биде исто во сите други пчелни семејства, како што е во едно.
Сега, кога го пишувам овој пост, зумбулите во мојот скопски двор се веќе расцветани. За прв пат, откога сум жив, видов овие зумбули да расцветаат пред 8-ми март. За прв пат видов и како скопските кајсии почнуваат да цветаат уште од пред една недела (последните денови од февруари).
Се досега мислев дека треба развојот на пчелните семејства да го забавувам колку што ќе можам повеќе - ама, оваа недела си донесов заклучок дека тоа е веќе невозможна мисија, барем не со истите методи како досега, и сега треба да се превземат превентивни мерки за појава на глад (читај: минимални резерви мед кај производните пч. семејства).
Ете еден недостаток на зимскиов метод на прихрана на сув шеќер без хранилка. |
Од една страна пчелите а од другата - првите мравки... |
Тоа ја вклучува употребата на шеќерниот сируп. И-тоа масивна употреба - не стимулативни порции од по неколку децилитри, туку - со литри! Одеднаш! На тој начин ќе може да ги блокирам семејствата кои сега се се уште стесенети на помал број рамки, како што беа зазимени.
Некои од семејствата ја завршуваа својата доза од сув шеќер - наскоро ќе треба да се даде сирупот! |
Сега, во овие услови (разновиден полен, млади пчели), само на тој начин, иако краткотрајно, ќе се забави развојот на пчелните семејства, што во услови на долга и развлечена пролет, ќе станат потрошувачи на о-громни количини храна.
Да се надеваме дека еден од следните мои постови нема да носи наслов: Банкротиран пчелар?
Не се сеќавам дека сум видел ваква сцена во сандак со живи пчели. Пајациве годинава се мошне агилни! |
П.С. Сабајлево се разбудив со мислата дека шишето со сируп неконтролирано се испразни поради создавање на локва од сируп која создала непрекинат тек (рекичка) надолу низ сандакот. Сепак, ќе мора да се обидам да ја повторам таа ситуација за да ја докажам оваа спекулација - со густ сируп, оти со редок, или со вода токот на течноста бргу и лесно се прекинува.
П.П.С. Последниве недели се обидував да направам реновирање на мојов блог, затоа некои постови останаа во минатото - ненапишани.
Сепак, ќе направам напор да направам кратки ретроспективи (flashbacks).
Александар, блогот ти е супер - како и да го дизајнираш и редизајнираш - важно е што е напишано!
ОдговориИзбришиИнаку во врска со раниот развој и јас бев загрижен, и тоа ептен.
Јас кај едно друштво пред 10-тина дена исто така бев избезумен од количина на затворено легло, два средни рама покриени со најмалку 80% затворено легло и ни грам храна за нив на тие рамови и плус на наредните рамови легло но во помала количина но на нив имаше тазе нектар и полен. Од страв да не залади па прегладнат и јас подготвив шербет и им притурив по 700 грама овој понеделник а попат едно и прегледав. Од прегледот констатирав дека потреба од прихрана и немало, на четири рама легло колку отворена рака а храна нововнесен нектар и полен на истата површина околу леглото. Морам да напоменам дека кај мене бадемот се уште не процветал а камо ли сливата.
Јас сега се плашам само од паѓање на температури на подолг период (10 дена да не можат да излезат) а доколку продолжи времево со нормални температури рано треба да спремаме центрифугите.....
Поздрав.