1

Не можам да се сетам на некоја друга, волку стабилна ситуација со времето, при крај на зима и на почеток од пролетта, како овогодинешнава.

Долго, навистина необично долго трае ова убаво време.

По малку, ми се чини дека и претера времево со слушањето на нашите, пчеларските желби.

Овие денови, морам да констатирам дека има пролетна суша...

И покрај расцветаноста на многу видови овошки и голем број ливадски растенија (мртвата коприва, глуварчињата, итн.) пчелите се во одбрамбен модус - опасност од грабеж.



Не можеш да отвориш сандак а да не се завртат пчели-грабливки.

Три последни дена од изминатата недела (петокот, саботата и неделата) ги минав во интензивно работење на пчеларниците.

Малку бев изненаден од самиот себе си, за тоа, колку мала ми е ефективноста во работењето.


Неколку дена претходно се занимавав со пчеларската опрема, особено со ревитализацијата на старите рамки, пукнати, искршени, извитоперени, свиткани - и таа работа воопшто не ми е омилена. Неколку години со ред ја избегнувам, и купот на такви рамки (баш и не се на едно место туку по сите ќошиња) само се зголемуваше - ниту ми се поправаа, ниту пак мислев да ги фрлам - оти, прво, немам пари за нови а второ, и прополизацијата на дрвото не треба да се потценува, а на крај, плус и трето: очекував и се надевав дека ќе дојде година како оваа кога нема да знам што да правам поради недостаток на опрема.

Првиот ден (петок, 21-ви март 2014) кога бев на пчеларникот, и всушност првиот ден на календарската пролет (Ден на Екологијата) имаше доста добра сатница на мое доаѓање на пчеларник: околу 13 часот.


Едвам ги истоварив сите работи: 30-тина рамки со сотни основи, десетина шишиња со сируп, не знам ни сам колку рамки градежници со затегната жица и рамки без жица.

На крајот од денот се покажа дека за тој ден ми беа доволни едвам една третина од сите донесени работи.

Се нафатив да си ја прегледувам подетално групата сандаци кои ми се на најсончевата позиција, во мислите си ја крстив “Крушево“.

Тоа беа пчелни семејства кои повеќе од половина беа лански деленици, што привремено беа во градот (Скопје), а останатите беа “домородци“.

Се разликуваа во се, како црно и бело.

Решив да одам со ред, за да не ми се случи прескокнување и запоставување. Овој пат решив дека ова е официјален пролетен преглед, и на сите им “отворив“ нови картончиња за забелешки.


Тргнав со “доселениците“.

Уф, едно по едно, и западнував во се подлабока депресија - не очекував волку да се слаби! Имаа легло на меѓу 2 и 3 рамки. Очекував далеку поголем обем на легло!

Додека да стигнам до “домородците“ веќе ми се смачи работењето: една мисла ме прогонуваше...

“Каква е смислата да се прават вакви пчелни семејства што буквално до крај се зависни од мое субвенционирање“, си мислев?

Ги хранев и негував цела ланска година, и еве ги сега, пак се исти како што и си беа - гладни за прихрана и “работа“. “Од нив ништо за мене нема да има оваа пролет“, си мислев.

Пчелите од троделниот нуклеус на овој сончев дел од пчеларникот ги испразнија шишињата
со сируп порано од останатите. А, леглото - беше само на 1 - 2 рамки.
 
Но, кога почнав да ги отворам домородците, оптимизмот ми се враќаше... Со секое отворање.

Бидејќи решив да го стопирам прихранувањето со сув шеќер, сега практично, доста време губев во отстранувањето на остатоците. Но, кај овие домородци, такви остатоци речиси и да немаше - шеќерот го немаше. Тие, дури беа и блокирани. Го освојуваа плодиштето освојувајќи ги остатоците од претходно ротираните рамки.


Нивното легло се движеше на 5 до 7 рамки.

После завршувањето на прегледот од третиот таков домородец, се сепнав и решив дека е веќе време да им обезбедам медишта - оти блокирањето кај овие семејства беше очигледно а моето интервенирање со по една до две рамки со сотни основи, ќе го релаксира блокирањето само за ограничено време од 3 - 4 дена.


Ним им поставував парче покуса фолија, со малку повеќе простор за премин однапред и одозгора, ставав уште еден спрат со 6 и + рамки изградено саќе. Тука и таму, префрлав рамки со мед и полен во првиот спрат, под леглото.

Градежник што е слика на променливото расположение
кај пчелите - последица на моите интервенции.

Тој ден на пчеларникот го завршив речиси во 18 часот, поминав едвам 20-тина пч. семејства и да имаше уште дневна светлина, повеќе нема да можев - толку ми беше душата!


Треба ли да нагласам дека за целото тоа време, работев со истите мерки на претпазливост од грабеж, исто како да беше есен, затоа што пчелите се навртуваа дури и на рамките со сотни основи?

-----------------------------------------

Следниот ден (сабота, 22 март 2014) договорот меѓу мене и мојот пријател-компањон беше да се посети еден од пчеларниците на Матка, но мене ми искрсна една семејна обврска. Годишен помен на гробот од мојот чичко. Дури откако ја завршив таа обврска се сретнав со мојот пријател - но веќе беше поминат 13-иот час од денот.

Како никогаш досега, пчелите годинава го користеа цветањето на рузмаринот.
Првин, решивме да го поминеме пчеларникот во Долна Матка, и...


Исто како и кај пчеларникот во скопското поле, и тука, бевме изненадени од слабата сила на голем дел од презимените пчелни семејства.

Меѓу 2 и 4 ДБ рамки со легло, просечно, наоѓавме во пчелните семејства. Главната работа ни беше средувањето на остатоците од шеќер, ротирањето за по една рамка и поретко, додавањето на рамки со сотни основи.

Пчелите ја посетуваа поилката, летаа грабежливо, и во еден момент, поради заборавени рамки со остатоци од мед, мораше да ја прекинеме работата - грабежот стана навистина интензивен!

Грабеж...

При крајот на денот, мораше да констатираме дека десетина пчелни семејства од овој пчеларник ни останаа непрегледани.

-----------------------------------------

Неделата (23-ти март 2014) беше ден што го очекував, за да продолжам со работата во пчеларникот во скопското поле, но...

Ноќта имав таква грозница каква што не сум доживеал - не паметам од кога. Не можев да си го контролирам тропкањето на сопствените вилици. Пола ноќ ми мина борба со грозницата и утрото го дочекав здробен како да ме поминал ваљак за рамнење пат.

Не можев рано, ама јас и мојот шантрав точак со неколку шишиња сируп, се појавивме на пчеларникот. Беше тоа околу пладне.
 
Да, шеќерниот сируп, оваа година го сметам за основен пчеларски прибор... Без него не смеам да се појавам на пчеларник!

А пчелите, тој, умерено облачен ден, вредно и радосно работеа на мртвата коприва во околината на пчеларникот. Сливата џанка на пчеларникот, прецветуваше.


За тој ден, решив да ја поминам групата пчелни семејства поставени под најмногу сенка.


Состојбата со силината на пчелните семејства беше слична - две крајности: слаби со легло на од 2 до 4 рамки и силни со 5 до 6, и нагоре.

Пчелите не беа помалку грабежливи од завчера.

Два или три пати во денот ми беше доста од се, и си мислев дека треба да си заминам, но...

Да видам што се случува со ова, па после со она, и... Останував и работев - се до стемнување.

На крајот од тој ден, ми останаа уште само 5 - 6 непрегледани пчелни семејства.

И тука, шишињата на овие нуклеуси беа празни.
Средниот нуклеус имаше легло на 3 а останатите имаа легло на 2 рамки.

Еве го додадениот рам со мед на ограбуваното нуклеусче. За промена од минатиот пат,
употребен е медот во центарот на рамката, но ќелиите сега се полни со полен и “нектар“.

Пчелно семејство кое има легло на 7 рамки.

Две соседни семејства.
Едното гради многу трутовско саќе.
(Ептен му треба проширување)

А другото гради скоро само работничко!

Рам градежник со работничко саќе од семејство со 3 рама легло. (Го ротирав и го вратив на истата позиција)

Го поделив целиот сируп што го имав, исто како и скоро сите резервни рамки со мед, и секаде интервенирав најсоодветно - голем дел од семејствата требаше и да паузираат со примањето сируп а рамки, изградени, со основи, градежни со жица и градежни без жица, имав во сосем доволен број.

Како куриозитет ќе го споменам единственото семејство на пчеларникот што зимата ја презими на долниот фарар спрат.

Тоа беше истото она семејство за кое пишував во некои мои претходни постови - семејството што беше деленик, беше на привремен престој во Скопје и беше формирано со слична силина како и останатите со него.

Но, него јас го одбрав да ми биде чувар на резервните рамки полни со затворен пролетен мед, рамки наменети за најслабите троделни нуклеуси.

Тоа семејство на есен беше единствено што успеа да се одлепи од просекот на останатите негови содружници-деленици - стигна до скоро 10-тина рамки со легло.

Бидејќи беше зазимено со 6 рамки полни со мед горе, тоа практично си се зазими и презими во долниот спрат. Кога го отворив сега, имаше на два рама широко легло горе и уште на 5 рамки долу.

Неговите содружници воглавно, тие денови преминуваа на 4-тиот рам со легло... (Поука?)

Кога дојдов дома тој ден, веднаш легнав в кревет и се здрвив - ми се стори како да ми претстои истата грозница како вчера - и конечно решив да голтнам едно апче.

Се уште сум нездрав, додека го пишувам ова...

Ништо ново, ниту чудно, би рекле за тоа, моите пријатели...
А мене се уште, во ушите, ме прогонува грабежливото зуење на пчелите...

Постави коментар Blogger

  1. Анониманмарт 26, 2014

    Godinava kako mi izgleda, najoptimalni vo pogled na jacina ke bidat semejstvata koi sega imaat 3 ramki leglo.

    ОдговориИзбриши

 
Top