0

Денес е недела.

Тмурно, облачно време.

Мислам дека денес сонце нема да видам.

А вчера, во саботата (18-тиот ден од април) и завчера, во петокот не беше така - беше сончево и имаше само малку навестувачки облачиња за денешната тмурна облачност.

Во петокот (завчера) бев телефонски договорен со еден господин Драган, пријател на мој комшија.

Требаше да се најдеме на булеварот Партизанска, веднаш штом јас моите деца ги однесов во училиште.

Започнал да пчелари без доволно да се подготвува, пчелите му биле во Припор (источниот дел од Скопје) - толку знаев на почетокот за него.

Не е баш кусо растојанието од Тафталиџе, каде што живеам јас, до Припор, за наши македонски сфаќања.

Имавме доволно време за да си направиме некаков муабет патем - и тоа на г-динот Драган му овозможи да каже доста работи за себе си, за тоа како се случило да запчелари и милион други нешта - од што мене најголем впечаток ми остави страста, возбудата со која тој зборуваше за пчелите и за тоа што мисли и планира да прави со нив.

И покрај најголемата желба што може почетникот да ја има за учење на пчеларството, за кусо време, тешко е да се биде менторски конструктивен кон ученикот - тешко е да се спознае што всушност тој знае, и што би претставувало за него лично нешто што ќе биде не повеќе, ами само еден чекор напред. Оти да се даваат информации за некои работи кои се далеку понапредни е сосема бескорисно, дури тоа може да биде и контрапродуктивна работа.


На влезот не пречека чуварот!

Пчелите му беа во самиот двор на куќата во која тој живееше со својата сопруга - мораше да се мине крај нив, веднаш беа и до волиерата на стариот волчјак... 

Ова е мошне лошо место за кучето...






Имаше и два сандака во самата средина на дворот - мораше да се минува пред нивните лета...




Ваков двор би сакал да имам и јас - да живеев сосема сам!

Веднаш ми падна на ум мислата: би морало неговата сопруга да е уште поголема љубителка на пчелите за да го дозволи ова!



Испадна дека ова е само привремена ситуација и дека Драган чувствува голем притисок од целата околина - па и од неговата сопруга, за пчелите да ги тргне од тука!

Сандаците беа од типот Дадант-Блат (ДБ) со 10 рама, очигледно стандардни, освен еден од нив, еден од оние два сандака што беа поставени во средината на дворот.  

Јас најпрвин видов дел од опремата што тој ја набавил, а таа потекнуваше главно од еден пчелар во кумановско кој преживеал мозочен удар и на Драган му дал речиси сè пчеларско што имал.

Ми ја покажа центрифугата (електрична), сончевиот топилник, новата мрежаста патосница што ја купил, бегалките, за кои мислеше дека имаат функција на матични решетки, и спратовите ЛР за кои тој мислеше дека се полумедишта. (Пчеларот од кој ги купил очигледно работел со конфигурација: ДБ за плодиште и ЛР за медиште).

Исправањето на терминолошките грешки е само еден аспект од учењето на пчеларењето - тој што овозможува правилно разбирање на пчеларската теорија и литература.

Другиот важен аспект е коригирањето на базичните грешки во практичниот пристап кон пчелите.

Затоа јас го замолив Драган да ми покаже како тој, кога е сам, прегледува еден сандак.

Драган ја облекува својата пчеларска капа...
Ова е најчеста грешка кај почетниците.
Јас мислам дека подобро и побргу се учи ако се набави пчеларски блузон кој што сосема ќе го заштити почетникот од влез на пчела под капата...
Знаејќи го тоа, тој ќе може вниманието непречено да го посвети на она што го работи со пчелите.

Пред тоа научивме и како правилно се пали чадалка, оти нему му се гаснела...
























Драган премногу ги чадеше пчелите одозгора, а ниту еден здив од чадот, на почеток, не му внесе на семејството преку летото.

Ова пчелно семејствао беше одлично развиено.
Но... Беше блокирано во развојот од премногу мед и прихранување.
Имаше и доста неправилно/дефектно саќе - што е вообичаена гледка во ДБ сандаците.


Во текот на моето кусо менторство Драган виде е дозна некои работи кои нему најпосле му донесоа малку ред во хаосот од информации што денес секому му се достапни, главно преку интернет.

Драган во неговиот живописен двор - сега пренаселен со медоносни пчели.

Дозна и неколку од повеќето битни работи кои мора да се знаат за поуспешно и со што е можно помали проблеми, се чуваат пчелите во населени места.

Сепак, пчеларењето денес, за градските луѓе, не може да биде успешна непланирана активност.

Мора да се прават подготовки, тие подготовки мора да бидат подолготрајни, и најдобро би било да се користи помош од вистински пчелари, а дури потоа доаѓа влијанието на среќата.

Драган имал среќа со купувањето на стандардни сандаци и друга опрема од нашиот несреќен колега, но немал среќа при обидот да се снабди со нови ДБ сандаци - кои му беа лошо изработени и вонстандардни - а уште му беа и прескапо платени!

Во еден од тие лоши ДБ сандачиња, за 10 рамки, со фиксни подници и еден сантиметар покуси од стандардните, му беше сместено пчелното семејство кое извадено од шумско дрво му го донесол некој познаник.


И тука Драган го виде значењето на пчелниот простор, оти рамките на кои било насадено природното саќе, во сандакот не биле поставени на законското отстојание и пчелите си граделе ново саќе како што тие си знаат и умеат.

Наместо најлонски, да бил употребен конец од памук - од лани досега - истиот ќе го немаше...

Најпосле со Драган се разделивме пред мојата куќа. Тој беше воодушевен од работите што ги научи од мене, и ме прогласи за негов ментор...

Ех, му реков јас. За ментор некој да ви биде, треба многу повеќе и време, и многу повеќе услови...

И мислам, дека тој ова, во целост, не го разбра.

Ова, на деталов, колеги почетници, е перга.
Пергата е полен натопен со секрет од пчелите, набиен во сотните ќелии и залиен со зрел мед (потоа затворен со восочно капаче, исто како и медот).
На Драган му покажав и како да ја види приближната количина на полен/перга што една рамка ја содржи...

 

Постави коментар Blogger

 
Top