Тука ќе ги објавувам толкувањата/објаснувањата на поимите за кои што на некој начин ќе дознаам дека некому не му се јасни
Ако некому некој поим му е нејасен, може да напише коментар, може да испрати е-пошта, или може да ми соопшти на друг начин.



Демарирање

Привремено ограничување на матицата на мал простор во сандакот со минимална почетна количина на рамки со легло. 

Главна цел на демарирањето е да се контролира врвот во пролетниот развој на пчелното семејство (изројувањето) на тој начин што, до извесен степен, се симулира пост-роевска состојба  (се одложува роењето за околу 15 - 25-ина дена).

Споредни цели се:
  • одржување на леглото на посакувана позиција
  • одржување на леглото во помал обем (кога се пролонгира ограничувањето)
  • помага за одгледување матици
  • помага за производство на матична млеч
Јас ја изолирам/ограничувам матицата на еден фарар спрат (19 см висок) со хоризонтална матична решетка. Тоа обично го правам во време (некогаш и многу) пред да се појават првите знаци на изројување (залегнати матични основи) на најдолниот спрат и внимавам да имам минимум две рамки од кои барем едната, по можност, да биде со зрело, затворено легло (а другата е онаа на која ќе ја најдам матицата). Рамките со легло не ги поставувам една до друга.

Оригиналниот метод (по кој го именуваме) е презентиран  од пчеларот Ѓорѓи Димари (George Demaree) од местото Кристијансбург (Christiansburg), на државата Кентаки од САД, на пчеларско советување во Охајо. Потоа овој метод е објавен во списанието American Bee Journal, под наслов: “Како да се спречи роењето“ (How to Prevent Swarming), во Volume 29, Number 17 од 21 април, 1892 год. 

Она што многумина го помешуваат, е развојната претходница на методов, објавена во 1884 год. од овој автор, под наслов: Контрола на развојот (Controlling Increase, etc).





Кондиционирање (на матица)

Условување или предизвикување на матицата, со додавање легло од друга матица на периферијата од нејзиното гнездо.

Најчесто ги кондиционирам новопронесените матици, со рамки на кои доминира затворено легло (пред излегување).

Ако нуклеусот (или екс оплодник) има доволно пчели, рамката-предизвикувач ја поставувам преку една друга празна рамка, погодна за легло. Ако пак нуклеусот нема пчели, ова позиционирање на додадената рамка го правам во подоцнежна фаза (после 5 - 7 дена). (Уште една рамка)

За коректна проценка на “успехот“ во кондиционирањето мора да се има предвид:
1) времето од сезоната кога тоа се прави,
2) количината на паша и
3) квалитетот на матицата.

Ако првите два услови се поволни, неуспехот, без дилема, индицира неквалитетна матица.

Во пракса, кондиционирањето на новопронесените матици го правам најчесто со една, потоа продолжително, поретко со две, и најретко со вкупно три ФР рамки легло - но само поради недостаток на капацитет (време и извори на легло).

Реална и објективна проценка, т.е. тестирање на квалитетот на матицата може да се направи ако матицата се кондиционира неограничено - на секои  5 - 7 дена со една рамка легло - се до моментот кога матицата нема да успее да го одржува целото легло! (При што најпрвин ќе го занемари своето старо легло - не новододаденото!)

Кондиционирањето на некој начин е борба со времето на сезоната. Штом денот почне осетно (за пчелите) да се намалува, успехот во кондиционирањето опаѓа.




Мед живо-медликовец или паша на живо-медлика

Мед кој пчелите го создаваат собирајќи слатки излачевини од организми кои живеат паразитирајќи на листовите од растенијата и дрвјата.

Разликувам и расти-медликовец, т.е. мед добиен од вонцветните излачевини на растенијата/дрвјата (расти-медлика) што пчелите ги собираат, складираат и користат.

 
Top