0
Денес решив да бидам паметен и да научам нешто од туѓите лоши искуства.

Во основа, зошто тоа го направив баш деновиве а не многу порано, како што всушност и требаше, е веста за смртта на еден млад човек од Охридско, кој што почина како последица на три убода од стршлени, додека сечејќи дрва го вознемирил нивното гнездо.

Починал од анафилактичкиот шок а не од количината и отровноста на стршленскиот отров.

Еден млад татко на две малолетни деца би бил спасен, тој или некој друг во неговата околина, да го имал овој арсенал, или барем еден важен дел од него - што денес, изразено во пари, чини само помалку од 100 ден (околу 1.70 евра).

Бидејќи поради разни научно-необјаснети околности се случувало и пчелари, со висок и континуиран алергиски имунитет, да западнат во анафилактички шок (но и некој од нивната најблиска околина) - јас ви препорачувам, колеги пчелари, уште денес, без одлагање, да појдете в аптека и да си го набавите овој комплет подолу (пола или цел). Немојте да чекате државата или некој друг тоа да го стори за вас! Тоа никогаш нема да се случи!


На мојот стар комплет му истече рокот на траење уште од пред 5 години - толку време требаше да помине, затоа што јас бев убеден дека се уште не е толку неефективен за да не придонесе во спасување на нечиј живот - ако таква прилика искрснеше.

Денес се разбудив со мисла дека веќе не сум убеден дека овие инјекции вредат - и појдов, и си го набавив следново, по список.

За (основното):
- ампула Дексаметазон (Dexamethasonum) 1 ml. (4mg./1ml.)
- ампула Синопен (Synopen) 2 ml. (20 mg.)
- и шприц со игла
...платив 89 денари.

А пак за (дополнителното):
- алкохолот медицински (100 мл)
- таблетите антихистаминиски
- пиличето за ампули
- и газата
...доплатив уште 107 денари.


Основните знаења за целта на поседувањето на овој комплет јас ги спознав од едно дамнешно предавање во пчеларското здружение Матица од Скопје. Предавањето беше одржано од доктор-пчелар (брат на познатиот пчелар Владимир Стојановски).

Во основа упатството за користење на овој арсенал е едноставно.
1. Ја инсталирате иглата на шприцот.
2. Ги засекувате и кршите (со палец) ампулите.
3. Ја всисувате со иглата целата количина од двете инјециски ампули, правејќи коктел.
4. Го исфрлате воздухот од шприцот стискајќи го додека го држите со иглата нагоре и додека не прокапе малку од течноста.
5. Дозирате со исфрлање на вишокот. Оваа количина на лек е приближно ефикасна и нештетна за човек од околу 80 до 100 килограми. За децата и сл. ќе ја намалите дозата соодветно на проценката за нивната телесна тежина. (За дете од околу 20 кг. доволно ќе биде ако му вбризгате само 1/4 од коктелот!)
6. Забодувате и вбризгувате некаде во мускул од телото на шокираната личност - не е важно каде - но најдобро е на дел кој што има поголема мускулна маса (задник или бут, на пример) (може - ако мора - и преку облека).
7. Ако имате време, пред или после давањето на инјекцијата местото на убодот го премачкувате со алкохол.

Што друго е поважно да се знае:

Отекувањето на делот од телото каде што се наоѓа убодното место на инсектот или др. е нормална телесна реакција - без обзир на тоа колку е голем отокот (или вам ви се чини дека е огромен)!

Бурната алергиска реакција на телото е она што е животозагрозувачко и секогаш опфаќа некој од виталните системи или органи кои се важни за целото тело - а никогаш не се јавува само на еден дел од него (таму каде што е убодот).

За временската рамка кога настапува алергиската реакција познато е дека најчеста е: од 15-тата до 30-тата минута.

Штом ќе замине овој период од убодот без реакција на целото тело (поради автосугестибилноста, намерно нема да ги споменувам тука симптомите, кои се доста разновидни), сметајте дека поминал критичниот период кога треба да сте на штрек, иако и понатаму, извесна опасност од анафилактички шок е реална, но тоа би можело да настане само како последица на некоја лична а можеби непозната здравствена аномалија (компликација).

Значи, да повторам: Не се употребуваат инјекции, освен ако некоја од виталните телесни животни функции не е очигледно до крај загрозена или пак престаната!

Таблетите се вклучени во овој комплет само ако се добијат убоди од особено моќни инсекти и сл., како што се на пр. стршлените - т.е. се сомневате на доза од отров што никогаш порано не била искусена, а можеби се наоѓате далеку од некаква медицинска установа.

Таблетите имаат одложено дејство, а затоа треба да ги употребите превентивно (превентивно за анафилактички шок, а не превентивно за некоја поблага алергиска реакција), веднаш по масивното убодување.

 (Но... Количината на отровот од една или неколку оси, или пчели, за секого, било дете или пак возрасен човек, е многу помала од некоја што е опасна по живот!)

Ниту таблетите, ниту инјекциите не влијаат на отокот и неговата големина.

Чувањето на овој арсенал е на суво и темно, на нормална собна температура, подалеку од дофат на деца. Не на сонце или во кола, или пак под капак на пчелен сандак!

Се надевам дека со овој мој пост ќе помогнам некому, и затоа вложив во него се што знаев и можев.

Ако имате забелешки, или пак сугестии за подобрување на овој пост, слободно пишете и заедно ќе го дополниме/измениме.

П.С. Дополнување 1.

Мојот пчеларски познаник и фејзбук пријател, г-динот Југослав Стојковиќ, имаше едно мошне суштинско дополнување за овој пост.

Тој предложи во овој арсенал, како негов задолжителен и важен дел да биде вклучена и една стерилна витлива пластична цевкичка со должина од 25 до 30 сантиметри.

Дијаметарот на внатрешниот отвор на цевкичката не треба да биде помал од половина сантиметар а најмногу до 1 сантиметар.

Образложението за потребноста на оваа цевкичка е поткрепено од неговото лично искуство - тој имал веќе две искуства на спасувања луѓе на кои после убод од инсект им отекле некои жлезди на вратот, па поради самиот оток дошло до делумно или целосно затворање на дишниот канал.

Тогаш е потребно преку грлото да се протне оваа цевкичка која ќе му го спаси животот на убодениот, обезбедувајќи непречено дишење.

Дури, од практични причини, колегата Југослав Стојковиќ смете дека е добро да се има и малку вазелин, со кој ќе се намачка цевкичката пред да се протне во грлото на загрозеното лице.

Му благодарам на колегата Југослав Стојковиќ за добронамерната желба и вложениот труд потребен да го сподели своето знаење и искуство со нас.


Постави коментар Blogger

 
Top