0
Од моето скромно искуство да кажам, мислам дека околу 90% од македонските пчелари за пчеларството и за нивните потреби знаат се што им треба.

Така, јас веројатно пишувајќи го ова им се обраќам само на помалку од 10% незналици - во кој се вклучувам и себе си.

БЕЛО

Завчера се прикрадував како мачка на гулаб, додека со точакот му приоѓав на пчеларникот.

Многу добро се сеќавав на минатото доаѓање, кога берев капинки... Денот кога констатирав дека беше испрана целата медлика од вчерашниот оркански дожд.

Од тогаш поминаа само два дена. И јас се појавив на пчеларник - љубопитен да видам дали живомедликата ќе се обнови или не.

Беше доста рано утро, пред 8 часот и погледот ми беше залепен за небото барајќи пчели во лет - и не видов ништо...

Ахххх, мајку му - пчеливе изгледа дремат.
Немааа пашааа... Си мислев.

А паша - имаше!

Штом нестрпливо зачекорив на пчеларникот, веднаш, на прв поглед, констатирав дека пчелите сепак работат.

На втор поглед, пак морав себе си да се коригирам!

Не само што работат - работат мошне добро.

Едноставно, аголот на моето гледање при доаѓањето беше таков што тие не се гледаа во воздух.

Ете, воодушевен како работат, морав да ги фотографирам.
Еве една од направените фотки!


Не се гледа како пчелите работат?

Тогаш, ако сакате да видите, еве, кликнете не било кое од овие две видео клипчиња подолу.

Не знам дали беше тоа поради пашата, но не мал број пчелни семејства одлучија дека токму овие утрински минути се најдобри за младите пчели да направат облет:



А останатите работеа со таков интензитет, што секој почетник би бил збунет - дали пчеливе се ројат?



Веднаш се упатив кон сандаците кои делумно беа под шумски гранки - и да! На нивните капаци имаше капки!

Овие инсекти не се предаваат така лесно!

За оваа живомедликова паша поројниот дожд не беше голем проблем - напротив... Според тоа како работеа пчелите изгледаше дека секој дожд е добредојден.

Веднаш и кај мене се појави желба да работам, да ги отворам.

Ми недостасуваат рамки со темно саќе...
Но... Претходните денови, после дождот, пашата била толку добра што тука сум можел да поставам сотна основа или градежник.  
Се уште има и трутовско легло.
И уште повеќе...
Ако кликнете еднаш врз фотографијава и потоа во прегледувачот за фотки ја отворите во нов таб или нов прозорец (макс. големина, со мени од десното копче на комп. глушец) убаво ќе ги видите јајцата.
Оваа рамка е мошне добар раскажувач за тековната состојба.
Капак на се е оваа “циркузантска“ фотка.
Моите пчели не се селектирани на мирност/неодбрамбеност.
Јас никогаш ниту влегувам, ниту работам на пчеларник вака.
Фоткава ја направив специјално за блогов - да се види колку пчелите беа мирни.


ЦРНО

Утредента требаше некој да го сними мојот оптимизам.

Се појавив на пчеларник неколку минути подоцна од вчера. Точакот ми беше натоварен со 15-тина рамки со главно темно саќе што ги изцентрифугирав утрината.

Реков веќе: се досега пчелите не прифаќаа бело саќе!
За ништо.

Минатиот пат беше прв пат кога видов јајца на саќе извлечено од сотна основа и мед/нектар во веќе извлечено такво саќе.

Но, кога тоа утро стапнав на пчеларникот, ситуацијата беше сосем спротивна од онаа вчерашната во истото време од денот.

Сега на пчеларникот владееше некое мртвило!
Необјасниво мртвило!

Што беше разликата?

Денес само имаше некој северен ветер и... ништо подруго или нешто повеќе!?

Како и да е... Тргнав да си ја реализирам минималната норма - да извадам барем 8 рамки со мед, за барем едно центрифугирање.

Нормата ја реализирав, но при крајот на таа работа веќе пчелите-крадливки вршеа толку голем притисок што решив да ја баталам понатамошната работа.

Треба многу да се внимава кога во еден пчеларник се чуваат и многу јаки и многу слаби пч. семејства.

А токму слабите потоа сакав да ги провоцирам на создавање повеќе легло со додавање на црна добро изградена изцентрифугирана (влажна) рамка меѓу рамките со легло.

Пчеларникот го напуштив во кисело расположение.

Да не ти се верува што може да се случи за само еден ден, си мислев.

Доста од мрежите се веќе во завршна фаза на исполнување со прополис.
Ова семејство освен што ги запушило дупките на мрежата, работело и на рабовите од рамките.

Јас го собрав тој прополис со ножот и еве колку извадив.

ЦРНО и БЕЛО

Денеска не мораше многу да брзам за да стигнам порано на пчеларник.

Горештината која најмногу ја избегнував овие денови, не беше некоја закана, бидејќи беше облачно - дури и малку невообичаено преоблачно за август.

По патот, додека возев, ме освежи паѓањето на ситен дожд.

Инстиктивно знаев дека овој дождец ќе биде и-тоа-како добредојден за живомедликовата паша. Нормално, ако мојата теорија за престанок на оваа паша поради преголема сувост на воздухот е точна.

Кога влегов на пчеларник ситуацијата беше иста како што го оставив - тотална беспашност.

Можеш да заспиеш пред летата на сандаците броејќи ги ретките пчелки што излегуваа-влегуваа.

И дождецот набргу престана.

Сепак беше пријатно за работење и јас тргнав да си ја реализирам денешната норма - да извадам барем 8 добро изградени, темни рамки со мед.

Откако тоа го завршив, веднаш продолжив со отворањето на нуклеусите и поставувањето на влажните рамки донесени уште вчера и овие донесени денес. Истовремено ги вадев стапчињата со флувалинат и од средината ги тргав настрана рамките со сотни основи или бело саќе (и саќе со само една-две генерации излегнати пчели).

Но како што минуваше времето - не само сандаците кај кои ќе поставев влажни рамки, туку и другите посилни а негибнати пчелни семејства почнуваа да покажуваат засилена активност, а многу од нив се решаваа да направат и облет...

Кај 14 часот, кога решив да направам пауза за оброк, целиот пчеларник работеше интензивно - речиси исто како завчера!

Пак пчелите станаа необично мирни и незаинтересирани за грабеж - иако јас веќе преминав на модусот на строго придржување на принципите на работа во беспашни услови.

Ете, така, почитувани читатели-колеги, во само еден ден, јас денес го искусив истото она што ми се чинеше неверојатно брзо кога беше сервирано ден-за-ден.

Сево ова, секако нема да им користи на оние што веќе се знаат.

За мене (и нас останатите 10%) овој ден беше возвишен приказ на моќта и непредвидливоста на животот на оваа наша планета.

Денес дома донесов две вака исполнети мрежи со прополис.
Овој прополис е првокласен/чист/тазе и јас не го давам за помалку од 50 евра за килограм.
Инаку, една пријателка правеше испитување на овој мој прополис и констатира дека содржи 4 пати повеќе флавоноиди од останатите примероци!

Постави коментар Blogger

 
Top