0
Ако само ви кажувам како поминав со пчелите на пчеларникот, при мојата последната посета - тоа кратко ќе трае.

А тоа е затоа што неодамна решив дека време ми е, и јас да се приклучам на лудите луѓе закачени на Фејзбук, и очигледно лудилото ме зафати и мене.

Бев на пчеларник со главна мисија да ги пренесам последните 7 пчелни семејства-деленици што ми заглавија во беспашното Скопје, поточно на разни места од мојата тесна куќа.

Најпрвин, тоа утро и не ми се стануваше толку рано - пак поради овој фејзбуковски синдром, арно ама - морав.

Слушав, ни сам не знам колку долго, некакво нервозно зуење што и мене ме изнервира толку, што не-знам-колку време ми требаше да се отрезнам и да сфатам дека не сонувам, туку навистина тоа нешто мене ми зуи, тоа нешто е блиску до мене, и тоа е пчела, и тоа е нервозна пчела, и дека тоа е нервозна пчела што упорно се обидува да мине низ феноменот: стакло на прозорец!

Ноќеска до 2 саатот сабајле ги симнував овие поскопјанчени нуклеуси од балкон и други скришни места, и ги тупнав пред влезот на куќата - мислејќи дека се добро затворени, а времето малку залади - па така ќе можам да си поспијам наутро колку што си сакам.

Испадна дека на два од нив ми се протнувале пчелите и тие пчели очајно се обидуваа пак да влезат, дел назад во натрупаните сандаци а дел на старото место каде што овие пред тоа си беа.

Кога сфатив дека ова ми се случува - ја батилив желбата да се доспивам и почнав да се трудам со разбирањето до кој степен е овој проблем.

Констатирав дека се во прашање едвам 50-тина пчели, меѓу кои една беше и онаа што влегла низ отворената врата (со која спиев во оваа топла скопска ноќ) па не знаеше како да се врати назад.

Доста пчели имаше и одоздола на некои од нуклеусите што имаа подници со жичана мрежа.

Решив да не го откажувам селењето на “протечените“ сандаци туку така, како што беа - некои и со пчели што лазеа по нив, да ги наредам в кола и со полузатворени прозорци да се возиме до пчеларникот во скопското поле.

Штета што не сликав како изгледаше мојава Шкода, со прозорци на кои одвнатре лазат триесетина и плус пчели - но и да фотографирав, сигурно тешко ќе можев да го фатам изразот на лицата на минувачите или возачите со кои се разминував или чекав зелено светло на семафор.

Ден пред тоа ги имав пренесено првите четири нуклеуси, и тогаш направив и нови постоља за овие што сега ги носев и кога стигнав, веднаш на нив ги поставив.

Еве дел од новопоставените нуклеуси.

Тоа, правење постоља во ваква горештина, претходниот пат ми се виде како мошне истоштувачка и демотивирачка работа. После тоа изгубив желба да отворам пчелни семејства.

А попладнето, и можеби и вечерта, имаше мошне силен ветер а потоа истури и силен пороен дожд.

Првиот дожд по кој-знае-колку време.

Кога се провртев малку околу пчелите, откако ги поставив и отворив донесените нуклеуси, изгледа ме совлада - или ова фејзбуковско расположение (седење) - или пак, испарувањето на влагата - и повторно - не ми се отвораше ниту едно пчелно семејство!

Аман, бре, си помислив, што ми стана?! Разгледував наоколу и констатирав, веројатно, заедно со моите пчели, дека медликата беше дефинитивно испрана и моите пчели токму сега, како мене, сфаќаат: нема паша!

Уф! Не бев расположен да ги чепкам во тие деликатни моменти.

Одеднаш сфатив дека и еден зајак е неинформиран дека сум се вратил од одмор, и дека како типичен збунет и смотан пчелар, стаписано го гледам в очи - и му стојам на патот!

Наместо да помине крај мене, како што, за миг, си помислив дека ќе направи, (така направи тој или некој негов другар пред една година) овој се уплаши од тоа што го гледам, застана, се заврти и спрашти да бега назад, од каде и што дојде.

Бидејќи не ми беше прв пат, не бев шокиран од оваа случка.

Микро локацијата каде ми е пчеларникот е всушност последното полу-еколошко шумско островче што е сардисано од сите страни со поле и урбана инфраструктура. Затоа и тука сум среќавал секакви животни.

Решив дека ќе се враќам дома, арно ама за да не ми биде доаѓањето ептен бадијала, ќе наберам за мојата ќеркичка капинки што од вчера до денес созреале во видно поголем број.

Ваков беше резултатот на почетокот...

Така и бидна.

Па... Тука имало паша и за мене... И за пчелите. Се на едно место,
Ваков беше резултатот на крајот!

Ете така помина мојата последна “пчеларска авантура“.

Постави коментар Blogger

 
Top