Во Скопје, пред да заминам, пчелите работеа и на цветовите од Софората. |
Ова не се случуваше само на една од моите локации, туку и на голем дел од просторот на западниот дел од градот.
Отпрвин завртував лисја на разни шумски грмушки (на пр. капинки и сл.) каде ги наоѓав малите колонии на преживеани инсекти а потоа, најпосле ги добив и овие први докази.
Но, во развојот и во однесувањето на пчелните семејства, барем во времето кога ги направив овие фотографии, се уште не можеше да се забележи почетокот на медликовата паша!
Трутовите беа во немилост, додадените рамки со вградени сотни основи, поставени дури и меѓу легло, беа со денови и дури и со недели негибнати или беа само тука-и-таму започнувани, подградувани, но секаде беа игнорирани од матиците - небаре се вертикални преградни даски.
Во деновите пред да заминам на год. одмор со моето семејство, а кога се направени овие фотографии, констатирав дека пчелите ги носат првите приноси од медликата и со нив, некои, веќе го блокираат леглото.
При овие прегледи карактеристично беше што пчелите беа исклучително мирни - дури и во периодите од денот кога пашата очигледно беше слаба (пладневните часови).
Го снема и она познато нервозно грабежливо однесување и притисок од пчелите што ние пчеларите го чувствуваме кога сме во пчеларник а кога ја има атмосферата и условите за грабеж.
Истресени рамки и се гледа добар дневен принос од медлика. |
Можев да си седам колку што си сакам, само на два метра оддалеченост од летата на пчелните сандаци, без ниту една пчела-стражарка да ме проверува а камоли нападне.
Се покажа како успешна консолидацијата на медиштата кај неколку од пч. семејства, каде дотогаш имав два спрата со недовршени/недополнети медишни рамки над мат. решетка.
Тоа го направив 7 до 10 дена порано, кога кај повеќе многу силни пч. семејства забележав дека матицата во загрижувачки размери го намалува несењето и одржувањето на рамките со легло.
Ова ќе ги оставаше овие семејства со минимална работничка сила во периодот на почетокот на август - период кога ја очекував медликовата паша.
Кај нив ги консолидарав медиштата на тој начин што сите рамки со многу мед останаа во спрат над м. решетка (како и дотогаш) а пак сите преостанати, со помали количини отворен мед, ги поставив под плодиштата.
Пред да заминам на одмор дојдов до цврста констатација дека оваа постапка (авто-прихрана) имаше исклучително поволен исход - леглото кај овие семејства (некои и со стари матици) се дуплираше или триплираше!
Практично, секаде каде плодиштата беа редуцирани на едно тело, тогаш и така ги проширував на две.
Единствено бев нерешителен како да постапувам со рамките со сотни основи. Морав да ги додавам, затоа што рамки за тројно зголемениот број на пчелни семејства ми требаа како вода на жеден.
При еден преглед ги додавав и поставував меѓу легло, при следниот, ги тргав настрана, при крајот.
Потоа, при следното отворање, со мислата: “Колку сум глупав!“, пак ги враќав меѓу легло - во надеж/очекување на ефектите од медликата.
Во овој период направив и принудно центрифугирање на дел од рано-летниот светол мед кој што во рамки, го чував за додавање на семејствата деленици - кои, патем да кажам, загрижувачки стагнираа (останувајќи без капка мед!) и некои дури назадуваа со развојот, иако, некои од нив, беа веќе подолго време префрлени од троделните нуклеуси/оплодници во посебни тела (работа што ми одземаше многу работни часови во претходниов период).
Со центрифугирањето добив 40-тина килограми мед в канти, но и изградени темни влажни празни рамки, со кои, во овој период на беспашност, најефикасно се работеше (матиците го избегнуваа белото саќе како ѓавол).
Последицата на триплирањето на пч. семејства: недостатокот на патосници и поклопни даски, ја решавав со поставување на мрежите за прополис - кои пчелите одлично и бргу почнаа да ги исполнуваат.
Вака ги притискам мрежите на сотоносците. |
Вака изгледа една делумно завршена прополизација. |
Во овој беспашен период направив и неколкукратно стимулативно прихранување со раствор на мед од медните капачиња и шеќер - за делениците - но ефектот врз нивниот развој и мотивацијата за изградба на ново саќе, од овие спорадични прихрани беше речиси никаков.
Задоволен сум, да се пофалам, што до пред овие прихрани, од минатата есен, па се досега, имав потрошено само околу 30 кг. шеќер а во меѓувреме бројката на дваесетина презимени семејства ја триплирав и извадив 120 кг. комерцијален светол мед.
Затоа и како одговор на многубројните прашања, како ја оценувам досега оваа сезона, јас велев и сега велам дека сезоната беше “луда година“ но, велев и дека за мене беше добра.
Пред да заминам на одмор, поради уништувањето на трутовите, сметав дека ќе биде најдобро да ја третирам вароата со поставување на стапчиња со флувалинат.
Овие стапчиња немаат толкава ефикасност како порано, но јас таква ефикасност не им ни барам.
Доволно ќе биде да спречам следната генерација на пчели (после прекинот на трутовското легло) да не ми биде оштетена во поголема мера. Ова е, секако, поука од лани!
На првиот преглед после враќањето од одмор (по околу 10-тина и + дена во сандаците, планирам привремено да ги извадам, ако медликовата паша продолжила (како што сега, од тука, од Охрид, додека го пишувам ова, јас очекувам и се надевам дека навистина ќе биде).
Постави коментар Blogger Facebook