Се појавив на пчеларникот во скопското поле уште во 9 часот, со кола во која беа неколкуте спратови со изцентрифугирани рамки.
Очигледно беше, според летањето на пчелите, дека пашата е доста слаба.
За тој ден, главни задачи ми беа да извршам пресадување на ларви од Јентер изолатор, но пред тоа да го подготвам семејството за стартување/прифаќање на додадените матични почетоци, потоа да ги распоредам изцентрифугираните рамки, најпаметно што можам, и патем, правејќи ја таа работа, да ги отворам сите семејства што не сум ги видел кој-знае-од-кога...
Овој пчеларник сега има преку 70 пчелни семејства и целата таа работа што ја правев вчера, затворен во пчеларска заштитна облека, по цел ден, на крајот од денот ме истошти - сосема.
Иако направив една ручек пауза, иако пиев доста вода, внимавајќи да не дехидрирам, иако не брзав... Пак... Бев “мртов“ уморен на крајот од денот - а она ниво на контрола што сум си навикнал да си го постигнувам кога имав 20-тина пчелни семејства, не можев да си го постигнам вчера - пак ми останаа некои нуклеуси неотворени повеќе и од 20-тина дена.
Не знам дали беше добра или лоша, во тој поглед, околноста што времето не беше кристално сончево, затоа што ќе ме отепаше пресилното сонце (топлотен удар) - но за оној дел од работата со матиците, вториот турнус, што годинава го правев со Јентерот, времето беше идеално - многу топлина и влага, малку или речиси ич ветер, и долги периоди без сонце.
Можеше да се пресадува полека и мирно на лице-место, врз самиот сандак, без да се има грижа за пресушување/преладување на штотуку распуканите јајца.
Истиот сандак/семејство ми беше и родоначелник, и стартер и одгледувач - и еве, за вас, читателите на овој блог, ќе се потрудам да опишам како.
Тој сој на пчели и матицата мошне ми се бендисува поради фактот што пчелите не се премногу одбрамбени, и затоа што матицата не е наклонета кон роење и има феноменален состав на феромонот, што пчелите не чувствуваат потреба да ја заменат на било каков начин.
Ова го проверував на тој начин што на ова семејство речиси со секое мое доаѓање на пчеларникот, во целата пролет што измина, му додавав по една рамка со легло од другите.
Матицата успеваше да го одржува целото тоа легло и дури да освојува нови рамки.
Застанав со таа работа кога направив цели три ФР спрата полни со легло - а кои матицата ги одржуваше, без проблем, без бунт од пчелите што потекнуваа од други семејства.
Кога ја почнав оваа работа со Јентерот, ова семејство имаше два спрата полни со отворен мед, матична решетка под нив, и два спрата со легло, каде беше матицата.
Матицата ја затворив во Јентер изолаторот доцна предвечер, околу 19 часот на 23-ти јуни.
Истовремено од најгорниот, медишен спрат извадив два рама со мед и на нивно место поставив два рама со легло.
Ја ослободив матицата, и тоа, само во првиот спрат, под мат. решетка, не следниот ден, туку ден потоа, само затоа што следниот ден бевме со мојот пријател на пчеларниците во Матка.
Вчера, најважна ми беше таа работа со матиците, и првин морав да проверам каква е состојбата со јајцата/ларвите во Јентер изолаторот. (Да не пропуштам да потенцирам дека овој рам со изолаторот веќе една недела беше поставен во друго семејство и таму пчелите го суредија максимално!)
Во изолаторот веќе имаше неколкучасовни ларви - и тоа во речиси секоја негова ќелија! Оваа матица имаше исклучително малку бош јајца!
Потоа, пристапив кон подготовката за стартувањето. Тоа ми беше планирано да го направам во четвртиот спрат, каде имав веќе две рамки со легло.
Најпрвин го прегледав првиот спрат, проверив дека матицата е таму, и решив специјалната матична решетка со фиока, да ја поставам над вториот спрат а него и првиот спрат го завртив со летото завртено наопаку, одзади.
Оставив само едно лето од предната страна, во првото медиште (третиот спрат).
Видливо е како пчелите се обидуваат да влезат во сандакот долу, каде дотогаш беа нивните лета. |
Во најгорниот, четврти спрат, извадив три медни рамки, и поставив два рама со држачи/носачи за матичници т.е. Јентер матични почетоци - а меѓу нив: една рамка со отворено легло (ларви) од соседното семејство.
Од истото тоа соседно семејство, истресов и пчели од неколку рамки и ги насочив истресените пчели да се приберат на горното лето. (Оваа операција би ја направил и ден пред тоа, да можев...)
После работев со останатите пчелни семејства, за време од два часа, кога решив дека, поради метеоролошката ситуација (за 15 до 30 мин. ќе се отвореше дупка во облаците и ќе имав јако сонце) најдобро е да почнам со пресадувањето.
За понатаму овој сандак го оставив вака. Излетничките и другите летачи на овој начин лесно се ориентираат на новото горно лето. |
Тоа го направив во празен ФР спрат под кој имав рамка со мрежа, за топлината и влагата да минуваат во празниот спрат додека пресадувам.
Го извадив од вториот спрат рамот со изолаторот (можев да го префрлам во четвртиот спрат и порано, кога констатирав дека ларвите се в ред, ама не ми текна). На негово место поставив рамка со сотна основа (кај матицата) и откако ги истресов пчелите го направив пресадувањето, па рамките носачи на матичници ги поставив на нивните празни места, но сега меѓу нив поставив една рамка со полен, зачувана од порано, а пак рамката со отворено легло, која дотогаш беше на таа позиција ја извадив.
Ларвичките во најголем дел беа вакви - со одлична возраст! |
Повторно работев со другите семејства, малку се одморав и ручав - и некаде околу 16 часот, ја направив првата контрола на прифаќањето на додадените матични ларви.
Жив се запрепастив, кога констатирав дека при првото пресадување на една од двете рамки-носачи сум пропуштил да пресадам цел еден ред од матични почетоци! (Телефонот?)
Покрај неприфатените, на кои што им ги заменив Јентер чепчињата со други чепчиња/дна, со ларви од изолаторот, ги пресадив и пропуштените...
И, целава оваа операција ја правев само за да добијам околу 15-тина добри матичници од овој сој. (Ова, е нешто потешко да се опише, отколку да се направи).
После облетот на младите пчели, кои одзади излетаа и се вратија однапред, и враќањето на излетничките (со нектар) од паша, кои, влегуваат во горниот медишен дел, јас очекувам во делот од сандакот со матични носачи да имам одлични услови за добар старт и одгледување на матичниците, до нивното затворање, кога планирам да ја тргнам фиоката од матичната решетка и да го отворам летото на подницата однапред...
Со оваа операција, семејството ќе продолжи да си живее како и пред тоа...
Откако го завршив тоа што го планирав со матиците, останатиот дел од денот мака мачев со распоредувањето на центрифугираните рамки, особено оние што ми беа по ЛР стандард.
Бидејќи сум дефицитарен со ФР спратови решив да им извадам на две семејства по две медишта, и тие да ги додадам на довршување на тие семејства што бараа проширување, а пак на нивно место да поставам по еден ЛР спрат со празни рамки.
Оваа операција не е толку лесна кога се прави во скоро беспашност.
На крајот од денот ми преостана уште да го суредам дивото саќе од еден занемарен троделен оплодник - да го поставам на голи рамки со жица и толку ми беше за тој ден...
Беше минат 19 часот, кога си одев од пчеларникот, што беспашно мируваше...
П.С. Медот што го извадив беше со светло-жолта боја, многу редок, и со деликатна арома. Не го продавам, освен ако некој ептен не инсистира, се додека не се згусне до стандардната густина (септември и +).
Постави коментар Blogger Facebook