0

Денешното утро го видов со мисла: конечно сонце, сончево...

Сосем спротивно од вчерашното утро: пак дожд, пак облачно, пак студено... Утринска мисла што од-ден-за-ден ми предизвикуваше лоши сокови во телото и душата.

Мошне ризично беше пчеларењето во изминатите неколку дена: не знаеш дали ќе покиснеш или пак може да те закачи некој гром.

Но денес се разбудив мошне доцна, околу 8 часот, и прва мисла ми беше дека треба да подготвам два спрата со рамки со сотни основи, затоа што за овој неделен ден се договорив со мојот пријател-компањон да појдеме порано на пчеларниците во Матка. Не сакав да одам со празни раце - особено затоа што после овој последен дождлив повеќедневен бран очекував пашата да биде најсилна - а за Матка можеби и последна.

Кога стигнавме во долна Матка, веднаш се нафрлив со отворање и средување на моите фарар семејства.

Тука, за разлика од состојбата во скопското поле, пчелите повеќе трошеле за времето на дождливиот бран. Сепак, денес пашата беше изобилна и тие беа тотално мирољубиви.

Отворав во плодиштата и од таму заменував две три рамки со мед или легло со рамки со сотни основи. Овие рамки од плодиштата потоа ги поставував над матичните решетки за медиштата да ги докомплетирам со изградени полупразни рамки.

Практично го завршував средувањето на третото пчелно семејство во Фара опрема, и си констатирав дека сум таргетирал 5 медишта од три семејства, затоа што во последното матицата ја изолирав со матична решетка на само еден спрат, во кој пред тоа наместив дури 5 рамки со сотни основи (благо Демарирање) -  кога пристигна мојот пријател од краткото отсуство и излегувајќи од колата веднаш почна да извикува: се ројат! Ова семејство сега се рои!

Покажуваше на вториот сандак од првиот ред - на сосем спротивната страна од пчеларникот! Јас ова изројување, занесен во суредувањето на моите фарар сандаци, воопшто не го забележав!

Мојот пријател беше мошне возбуден - небаре него го фатила роевска грозница.

Бргу, извикуваше, бргу, да го собереме - да не ни избега...

А ројот веќе одбра да се консолидира на едно ниско оскорушче, десетина метри од пчеларникот.

Додека јас, ни малку возбуден, се обидував да си ги докомплетирам белешките на картончињата од сандаците, мојот пријател грабна еден празен сандак, најде неколку изградени стари рамки и трчајќи му се пушти на ројчето.

Му постави две рамки одозгора и возбудено и нетрпеливо чекаше да види дали пчелите ќе преминат на нив.

Најпосле и јас дојдов да го видам тоа чудо и откако дел од пчелите преминаа на рамките се обидов да ја барам матицата - со подготвен кафез во раката...

Најпосле ја здогледав и по неколку неуспешни обиди, ја фатив и ја затворив во кафезот со шеќерно тесто.

Потоа беше едноставно - само пчелите да се истресат во сандакот поставен под оскорушчето и кафезот со матицата поставен врз рамките.

Со поклопната даска само го подзатворивме сандакот (даската ја поставивме малку искривено дијагонално) одозгора ставивме стиропор со камен, и си заминавме додека пчелите се прибираа во него.

Планот, што на крајот од денот беше и реализиран, ни беше семејството од каде што излезе ројот да го префрлиме на нова локација во пчеларникот, а на неговото место, вечерта да го поставиме ројот докомплетиран со рамки со сотни основи, а и со медиштата и со пчелите во нив, од роевското друштво. Тоа роевско семејство, на тој начин ќе загубеше уште повеќе излетници, и после краткотрајното гладување (без излетнички), ќе престанеше да се рои понатаму - а пак ројот ќе можеше, засилен, да биде максимално медоносен.

Работевме уште многу други работи на овој пчеларник, но кога дојде еден часот после пладне, се решивме дека доста ни е - и дека е време да направиме ручек-пауза.

Иако Дадант-Блат сандаците беа ѓаволски добри за развој - не можеше крај да им се фати во нагонот да се изројуваат! Сега се виде колку вреди фарар опремата - во неа пчелите како да не знаеја што е тоа роење. И не знам како, ама како да знаеја кога треба да бидат во максимална сила - а тоа се случуваше токму во овие денови.

Мислам дека кога ги отворавме овие ДБ сандаци една од најголемите грешки што јас и мојот пријател ја правевме, беше да не правиме дар-мар во распоредот на рамките од сандаците кога правевме прегледи, т.е. ги отворавме.

Премногу често ни се случуваше да отвориме сандак, да подигнеме една рамка, да ја вратиме назад на истото место и позиција, констатирајќи дека е се в ред - а секогаш, буквално секогаш на пролет, сметам дека треба да се прави разместување/ротирање на позициите/распоредот на рамките во сандакот.

Дојдете пак... Постот ќе продолжи...
  

Постави коментар Blogger

 
Top