0


Пожолтуваат житните култури во скопското поле - жетвата наскоро треба да почне.

Вчера, враќајќи се од пчеларник, додека го возев стариот шантрав точак низ скопското поле, ми се чинеше дека само треба да забрзам малку, да пружам рака - и ќе ја допрам големата светла жолта топка - месечината!

Месечината беше ниска и беше толку голема и светла што мене ми предизвика некакви чудни меланхолични емоции.

Има големо бреме, си мислев, за оној што разбрал колку кусо е човечкото постоење на оваа наша планета, загубена во милијардите слични на космосот.

Од првите денови кога ноќните температури се зголемија а и дневните почнаа да личат на летни.
Речиси половина од куќните пчели на некои семејства ме чекаа вака - молејќи да им овозможам поголема вентилација (класични подници).


Бев толку занесен со средувањето на пчелните семејства што едвам го регистрирав доаѓањето на мракот.

Некако при крајот на денот, трошејќи ги рамките со сотни основи, налетав на едно безматично семејство што сум го заборавил.

Беше на само едно фарар спратче и освен уште две-три рамки на кои доминираше леглото, сите преостанати му беа полни со мед и полен.

Толку полни, што медот беше пред затворање.

Решив да го спојам преку избушена новинска хартија со друго семејство, исто на еден ФР спрат, кое го донесов на неговата позиција. Ова ќе му биде медиште, си помислив.

На местото од пренесениот сандак инсталирав спрат во кој ги поставив рамките со легло и пчели од еден од троделните оплодници.

Неговата матица ја сместив во кафез со доста шеќерна погача, за да ја спасам од првиот налет на излетниците кои ќе се вратат на старото место.

Тоа е истата онаа шема, опишана во мојот пост за пчеларскиот балет, што некако, како желба за рутина, ми се наметна.

Оваа година рутинското работење некако почна да ми недостасува! Во други, пак, понормални години од оваа, рутината обично ми збоктисува.

Веќе десетина дена пчелите на овој пчеларник имаат во природата повеќе нектар отколку што можат дневно да потрошат и медните резерви се зголемуваат и зголемуваат.


Малку, срамежливо, медните рамки сега веќе се забелени од новиот восок што го лачат младите пчели опиени и сити од континуираниот доток на нектар со кој натоварени доаѓаат пчелите-излетнички.

Оваа ситуација не само што ја најави, туку и ја потврди навистина енормно силниот мирис што во градот Скопје доминираше неколку дена - како никогаш досега - мирисот на медењето на липите.

Липата им беше една од главните паши само на пчелите од градот, но сепак навестуваше дека насекаде во околината веројатно се случува истото - многу влага и многу топлина - идеални услови за собирање мед.

Конечно дојдоа веќе предолго очекуваните денови на изобилна паша - и тоа, токму во вистинскиот момент за пчелите: кога роевското расположение дојде речиси до степен на непостоење.

Состојбата со паша во долна Матка остана непроменета - дури стана и полоша. Необјаснив феномен, кога се има предвид богатството на разновидна цветна флора...
Благодарение на добриот вид и пчеларската интуиција, мојот компањон-пријател забележа рој на дрво во близина на пчеларникот.
Ројот не беше голем.
Но откако му ги поставивме овие рамки, од кои една беше со легло - ројот одлета!

На долна Матка играта со роевските матици се уште немаше абер од престанување.
Роевски матици излегуваа од сите страни...

Ако внимателно се гледа - ќе се види матицата.
Ова е типичен роевски матичник за годинава - и ете каква матица излегува од него.

Неколку млади матици фатени и затворени во кафези.
Еве еден од истите тие кафези, два дена подоцна - пред додавање во оплодник што загубил матица.
Првите јајца на младата оплодена матица од средината на фотката под оваа.

Градежна рамка од оплодник - знак дека матицата е присутна/оплодена.

Освен трошењето на рамките со вградени сотни основи, друга главна задача во работењето ми беше слабите пчелни семејства, кои се досега беа на еден фарар спрат, да ги проширувам со медишта.

Овие медишта ги создавав со тоа што вадев по една рамка од медиштата на силните (ги оставав на девет) и кога во еден спрат ќе соберев 7 рама, додавав уште два рама со зрело легло и мед од слабото семејство, па ги поставував над него, одделени со матична решетка. Се разбира, на местото од одземените рамки во ФР плодиштето поставував сотни основи.

Деновиве вака трошев/поставував сотни основи, проширував стеснети семејства и го зголемував капацитетот на медиштата - се во едно!

Дојде време и вториот купувач на нуклеуси, Владо, да си ги земе своите деленици...

Спремни за транспорт - сепак на еден од овие, на подницата имаше скриена дупка.

Купот надоградено трутовско саќе. ЛР рамките на купувачот, поставени во Фарар спратовите вршеа улога и на градежници.

Новата локација за купените деленици - на падините на Скопска Црна Гора.

Најновата вест, од вчера, ми беше фактот дека некои од семејствата веќе започнаа да ги запечатуваат медните рамки - нешто што на оваа локација до сега не сум го видел. Обично, во нормалните години, рамките беа, во најдобрите ситуации, полни, ама пашата во ова време ја снемуваше и... Во најголем дел, заклопувањето си остануваше недовршено!

Сега пчелите почнуваа со заклопувањето а за пашата немав впечаток дека се намалува - напротив, пашата беше топ!

На секој пчелар, верувам му претставува посебно задоволство кога ќе го отвори истиот сандак од пред 5 дена и ќе забележи дека работите во него “се движат“. Дека сотните основи што ги додал се изградени и заполнети со легло, мед или полен, дека семејството го одржува, и дури и шири леглото или пак дека пашата е посилна од матицата...

Поради комарците, работењето со пчелите после 17 часот е невозможно без ракавици. Примерок на рамка од која се гледа доминацијата на пашата над матицата.

Од друга страна, се уште не можам да разберам што се случува со локацијата на Долна Матка, каде и при последната посета, пред една недела, состојбата со пашата беше мизерна - беше, дури помизерна и од неделата пред тоа, затоа што пчелните семејства очигледно трошеа и повеќе отколку што внесуваа.

Од големиот избор на расцветани ливадски растенија, во долна Матка, во близина на пчеларникот најдов пчела само на ова бело цветче... (средина на фотката)


Постави коментар Blogger

 
Top