Не треба да се потценуваат маките на заљубените...
Секој гест од оној што се љуби подлежи на толкување...
Секое толкување како да е судбоносно...
Некогаш, се толкува дека љубовта е возвратена...
Некогаш - не.
Денес се чувствувам зашеметено како љубовник изгорен од контрадикторни сигнали...
Се чудам, како посветен родител кому ќерката пред неколку минути му изјавила дека дефинитивно ќе се замонаши...
Вчера се вратив од пчеларникот во скопското поле потонат во депресија...
Немаше паша...
Пчелите ми делуваа бројчано ослабени...
Медиштата полни, чекаа заклопување а пчелите дремеа...
Пак ли ова, си мислев, ниту има доволно за да завршат, ниту нема ич, за да ги преселам од тука...
Цела ноќ мислев и премислував на што се должи овој прекин во пашата...
Дали премногу пчели загинале затоа што летаа при дожд, во дождливите денови?
Дали земјоделците во околината сложно побрзаа да третираат со пестициди, кога разбраа дека времето ќе се подобрува?
Дали, најпосле, можеби едноставно нема доволно медоносна флора, затоа што се што било пред тоа прецветало?
Дојдов да вадам мед и тоа со тешка мака го правев, како во есен, како во беспашен период - под постојана закана од грабеж...
Редуцирав медишта, сандаци каде сум претерал со големината на медишниот капацитет (две ЛР медишта и сл.), каде имаше рамки со меѓу 30 и 50% заклопени ќелии со мед... А ретки беа такви...
Денес појдов на пчеларник, најмногу со цел да продолжам со редуцирањето... Ако ги стегнам на помал простор, поголеми се шансите заклопувањето побргу да се заврши...
И пак, уште на влез во пчеларникот, се изненадив...
Не само што облетот на пчеларникот беше масовен, па целиот вриеше небаре е една голема кошница, туку и оние сандаци/пч. семејства што очигледно не правеа облет работеа како да има мошне силна паша...
Што е бре сега ова?
Не ми е јасно...
И ништо не бидна од редуцирањето...
Само вадев по некоја позрела медна рамка и поставував рамки со сотни основи во плодиштата...
И сега, ете, уште не знам на која нога да застанам...
За неколку смејства со класични затворени подници овие летни температури беа неподносливи... Мораше да им ја заменам подницата со мрежаста... |
Вчера немаше, денес има...
Пчелите денес работеа многу интензивно до речиси 20 часот, а вчера и пред 18, пчеларникот беше замрен...
Денешен нектар, истресен од една рамка со трутовско легло (градежник) што ја извадив за леглото да го исперам... |
Постави коментар Blogger Facebook