0

Што значи тоа: “микро-локална“?

Е па тоа, јас и мојот пријател-компањон, го спознавме тврдо и фактички деновиве, кога после не знам ни сам колку долго време, за прв пат во ист ден ги посетивме и двата пчеларника на Матка.

Во прегледувањето на пчелите во Долна Матка бевме фрапирани од прекинот на пашата што се случил, една недела и повеќе, од порано.

Пчелните семејства немаа венци од свеж мед околу подрачјата со легло, дури најдовме еден нем оплодник на кого пчелите до последна му беа на подницата - мртви од глад!

Последниот пат кога бевме тука, плускаше свеж нектар од рамките кога тресевме пчели а сега, сега пчелите живееја од денес за утре - преку ноќ го трошеа она што успеале да го соберат преку ден.

Несватливо...

Особено затоа што природата во околината беше во полн цвет - имаше голем број разновидни расцутени ливадски растенија а и чалијата почнуваше да цвета.

Очигледно имало неколку критични денови кога пчелните семејства на оваа локација не можеле да дојдат скоро ниту до грам нектар од природата.

Необјасниво голем број мртви пчели пред овие два сандаци!

Посилните семејства биле спасени од нивните претходни медни резерви, но ете, еден од оплодниците немал таква среќа - остана нем сведок на оскудицата, со една рамка затворено легло и сите негови пчели на подницата.

Мртвите пчели кога биле живи покривале 2 ДБ меѓурамковни улици.

Овде, двата пчелни сандака на кои мојот пријател ја испробуваше методата со изолација на матицата, на само три ДБ рамки со легло - се покажа како тотално промашување.

Измина и третата недела откако ова изолирање беше направено и пчелите единствено имаа донесено малку мед во медишните рамки, директно над изолаторот со матицата.

На останатите рамки, во плодиштето имаше само малку свеж нектар, полен, и проретчени пчели кои веќе ги напуштаа рамките блиску до ѕидот на сандакот, ѕидот од спротивната страна на матичниот изолатор.

За овие пч. семејства фрлената коцка донесе тотална загуба - дури, едното од нив поминало низ роевски период - и сега го најдовме без матица (матицата му беше со скратени крила): само со матичници во изолираниот трорамковен дел.

Толку остана од ветувањето за сигурни 30 килограми мед, што ги добивал пчеларот кој што оваа метода ја работел и му ја препорача на мојот пријател.

Моите семејства во фарар сандаци на оваа локација овој пролетен период го минуваа без роевски нагон, но во некоја спора развојна линија - небаре е април. Матиците им беа оплодени на овој пчеларник и, сметам јас, имаат многу бош сперма во своите спермотеки, по потекло од сродни трутови - иако морфолошки беа првокласни.

Искрено, се сомневам дека ќе соберат нешто мед за мене, освен ако оваа година пашата не се продолжи невообичаено.

На самото место, во близина на пчеларникот, очигледно беше отсуството на цветот на мајчината душица - во меѓувреме таа прецветала.

Кога истиот ден стигнавме на пчеларникот во Горна Матка, беше очигледно дека тука мајчината душица се уште е во полн цвет.

Ова семејство едвам презими во овој нуклеус. А сега...

Тука и нуклеусите и оплодниците си имаа донесено доволно резервен мед. Рамките беа подзабелени и некаде делумно запечатени со бели восочни капачиња.


Како да стапнавме, со еден чекор, од пеколот во рајот!

Некои семејства се уште си ги влечеа проблемите со роевскиот нагон што тука, при последната наша посета, констатиравме дека беше премногу силно изразен.

Два или три рама со легло подигнавме во горно спратче а долу му поставивме празни рамки и сотни основи. Меѓу спратчињата поставивме матична решетка.

Тука, од увидот само во едно-две, констатиравме дека семејствата каде мојот пријател направил изолатор за матицата беа во мошне добра кондиција, донеле по цел спрат мед, но леглото се уште не беше излезено во плодишниот дел затоа што изолацијата беше направена повеќе од една недела подоцна од таа во Долна Матка.

Се решивме да не ги гибаме, но беше задолжително по една недела да се ослободат матиците, за семејствата да не завршат десеткувани како што ни се случи долу.


Кога се гледа фоткава во оригинална големина, во центарот на овој природно изграден трутовски сот, во трутовските празни ќелии, можат да се видат капките нектар, депониран тука од пчелите заради негово згуснување...

И најпосле, следниот ден јас бев во пчеларникот во скопското поле, каде ситуацијата со пашата беше ни таму, ни ваму.

Имаше паша, пчелите носеа, но не до толку за да се видат забелени рамки.

Некои семејства, како ова, ми беа буквално заборавени - неотворени цел еден месец.
Кога во трутовско саќе пчелите депонираат нектар - пашата е добра!

Некои од семејства веќе се стабилизираа и почнаа да работат на носење медни резерви, и јас нив им го подредував леглото и им го сепарирав медот во медишта, преградени со матични решетки од плодиштата.

Се зафатив со таа работа, непланирано, и на крајот си бев лут самиот на себе си, бидејќи доаѓањето ми беше со цел да ја подготвам платформата за селидба, а не да ги чепкам медарите.

Но како и пчелите, и мене ме понесе фактот, што сепак, се создаваат какви-такви вишоци од мед, за кои што, по се изгледа, веќе стигнав да ја загубам надежта.

Секогаш го вадам трутовското затворено легло. Има тука доста заробени крлежи.

Тука, се чини, пашата осцилираше после секој паднат дожд.

Тогаш се засилуваше до максимум и потоа опаѓаше - се до наредниот дожд, кој во минатиов временски период, паѓаше периодично, на неколку дена.


Не можев да одолеам а да не пробам од делот од саќето, над леглото, каде имаше мед.

За крај, да кажам дека Македонија е земја пребогата со микро-локации каде условите за пчеларење (и се друго) се мошне поразлични - и тоа, на само два километри воздушно растојание.

Меѓу пчеларниците на Горна и Долна Матка има само 1800 метри воздушно растојание, но се разликуваа како црно и бело, како небо и земја!



Постави коментар Blogger

 
Top