Ова што ќе го прочитате подолу е напишано за да биде маркетинг за мојот мед.
Затоа не очекувам никаква благодарност за евентуалната корист што би можеле да ја имате од овие информации - освен да купите по некоја тегла мед од мене!
Вашите коментари (пофалби и забелешки), се мошне посакувана манифестација на личниот интегритет!
Мотивација
Во лето, но и при обавување на некои други работни и спортски активности често станува неопходно секојдневното капење/туширање.Јас лично почнав секојдневно да трчам и после трчањето редовно се враќам дома испотен - па туширањето ми стана секојдневна неопходност.
Првиот проблем е што при оваа работа, со користење на разни сапуни, шампони и купки се обезмастува кожата, нашиот најголем орган, и нема ниту една хемикалија што таа природна заштитна маснотија може вистински да ја замени - иако многу козметички брендови тоа го тврдат.
Втор проблем е што сите достапни купки, шампони и сапуни се коктели на хемикалии, всушност отрови, кои не би смееле да ги вкусиме никогаш, одделно, а особено не во дадениот коктел (шампон, итн.). (Често може да се прочита на нивните пакувања дека е потребно брзо перење и друга медицинска помош, ако истите ни влезат в очи.)
А јас ја поддржувам мислата на една наша промоторка на “здрав живот“ (С. Велков) дека нешто што не би го јаделе, не би смееле и да го користиме/клаваме на нашата кожа.
Сепак, факт е и дека човечката кожа е мошне издржлив и флексибилен орган, и дека може да издржи прилично големи малтретирања. Да не е така, индустријава за козметички препарати и сапуни одамна би била банкрот.
Мојот предлог не е крајно решение, туку само еден чекор поблиску до него/природата.
Знаеме дека последниве години станаа многу популарни шампоните, купките и сапуните “со“ мед и млеко.
За овој приказ јас во локалниот супермаркет го набавив овој производ - купка. |
Е, па, жалната вистина е дека тие од медот и млекото во себе не содржат ништо или имаат само трагови - колку за да го оправдаат името.
Но затоа имаат меден мирис - и тежнеат преку коктелот на хемикалии да го постигнат истиот ефект што се очекува од медот и млекото.
Посакуваниот ефект е мека, “влажна“ кожа - нешто што треба да биде замена за обезмастувањето. Решение за оние од нас кои, по природа, имаат посува/попосна кожа.
Тоа што при секојдневната употреба на овие отровни “хигиенски“ хемикалии, колку и да се миеме со вода, на нашето тело остануваат остатоци од нив (резидуи), кои што со тек на времето можат да предизвикаат, или можат да придонесат во предизвикување на многу здравствени проблеми - тоа како никому, па ни нам, на корисниците, како да не ни е важно! Битен е само моменталниот учинок/впечаток!
Некои од нас се залажуваат дека сето тоа секојдневно контаминирање останува на површината, само на кожата - но за жал, тоа не е така. Осмозата е одамна утврден механизам кој базира на увидувањето дека преку клетките на кожата во нашето тело можат да влегуваат супстанците од надворешноста - а особено е тоа изразено/брзо ако таа надворешност е влажна!
Јас тука ви предлагам НАВИСТИНА да ставите мед во овие модерни “мед и млеко“ купки - и тоа висок процент - дури до 50%.
Подолу на фотките ќе видите како јас тоа го направив, а вие, ако можете, експериментирајте дополнително, со додавање на помалку, или пак, уште повеќе мед - иако јас сметам дека оваа количина мед е повеќе од доволна!
Медот (мојот) за оваа намена е најдобро да биде малку потечен, светол, НИКОГАШ незагреван - истиот што всушност би го намачкале на парче леб и би го изеле.
Ова е се што е потребно за да се направи медената купка/шампон. |
При дозирањето треба да се внимава единствено на оставањето доволно празен простор во шишенцето. Тоа е непходно за побрзо/поефективно мешање. |
Завршениот производ! |
Употреба
Јас ја употребувам оваа медена купка и за коса (глава), и за тело.При првото сапунење обично се троши многу.
Мене ми се може - медот е мое производство. Но, ако вам ви е скапо, можете за првото сапунење да си употребите било каков друг шампон/купка.
Ако направите така, гледајте тоа да трае мошне кратко (првин тело, па потоа глава/коса) и потоа добро да се измиете.
Дури потоа, со оваа медена мешавина што сами сте си ја направиле, можете полека, со мерак, да си се мачкате, миете и уживате...
Севкупно, ова е мала финансиска инвестиција, но која, на долги патеки, може мошне многу повеќе да значи за одржување на сопственото здравје.
П.С. За скептиците:
а) Мешавината останува хомогена, т.е. медот подоцна не се таложи ако еднаш, на почетокот, добро се измеша/клати најмалку барем 5 минути. Не е воопшто неопходно, иако може, еднаш, да се проклати пред употреба, но тоа е добро и за сите други течни сапуни и шампони.б) Не, нема да се лепите после миењето (со 50% содржина на мед)
в) Да, ако користите сунѓер при капењето, добро е, секогаш, ептен убаво да го измивате и повремено, почесто, да го вметнете на перење со сите други бели алишта.
П.П.С. Рокот на траење на оваа мешавина не сум го утврдил. Затоа, мој совет е да се прави помала доза, од најмногу половина литар, која, најдолго за неколку месеци, ќе се потроши.
Постави коментар Blogger Facebook