0

Центрифугирам мед во 02 часот сабајле и си мислам - само лудаци тоа го можат!

Само во луда пчеларска година како што е оваа, тоа е можно...

Неколку доаѓања по ред, на пчеларникот во скопското поле ги носам со себе купените флувалинатни стапчиња - за џабе.

Не ми текнува дека треба да ги поставувам.

Ниту календарот, и датумот што го запишувам на картончињата на прегледаните сандаци, не ме потсетува на ова, ниту пак, поголемиот број мртви, оштетени пчели пред сандаците, или забележувањето на бескрилни пчели во гнездата - не ме сепнуваат!

Наспроти тоа, наспроти се - јас вадам мед. Им одземам огромен дел од медните резерви на пчелите, резерви што би требало, според календарот, да ги оставам за нивно презимување.

Што правам, си мислам сега? Што е ова?

Се однесувам како да е 19-ти јули а не 19-ти август?

Во муабетите што ги правиме, ние тука во Скопје, сите како да се согласуваме дека оваа година еден месец доцни... Јуни би требало да се вика мај, а август би требало да е јули...

Матиците несат на сосем бело саќе, на извлечени сотни основи...

Пчелните семејства се уште одгледуваат трутови... Затоа и ургенцијата за некакво третирање на крлежот е намалена.

Најпосле и разликата во максималните (дневни) и минималните (ноќни) температури се зголеми - и тоа е сериозен предуслов за појава и на медликовата паша (која еднаш и се појави, но траеше кусо - поради честите дождови).

Но и без неа, пчелните семејства што имаат добри матици генерираат мали вишоци од светол ливадски мед.



Сега мојата борба е за што повеќе легло, но и за подобар распоред на рамките во сандаците: светлото саќе, без ниту една или со само една генерација пчели одгледана во него, го поместувам странично.

Карактеристично е дека воглавно пч. семејства имаат направено дебели венци од мед - и некои дури и претерале - па морам да интервенирам со додавање на празни изцентрифугирани рамки со добро работничко саќе (особено во горниот дел на рамките, под сотоносците) за да го деблокирам одгледувањето на поголем број зимски пчели.

Многу помал број се оние семејства кои имаат многу легло, легло до сотоносците на рамките - кандидатите за прихранување.

Тука и таму, по некој ме прашува дали сум ги зазимил пчелите...

Јас одговарам: јок...

Моите пчели се уште се во развој! 


Интересно А:
Нуклеусот-оплодник во кој додадената млада неоплодена матица беше ослободена од својот кафез после изминати 13 дена заточеништво.




















 Интересно Б:
Вонредна активност на некои пчелни семејства - до најтемната ноќ!



Интересно В:
На пчеларникот во Горна Матка имавме “роење“ во 15 минути до 19 часот.
Кога пчелите почнаа да се смируваат - ете ја матицата на ова гранче зад сандакот.


Еве го сандакот што се “изрои“ - речиси 2 месеци функционирал вака: двоматично (со старата матица под мрежата на подницата а новата во сандакот).

Матицата беше “спасена“ во овој кафез и беше додадена во еден сирот троделен оплодник, наредниот ден.
 




















Имаше и други пчелни семејства на овој пчеларник во Г. Матка, кои имаа свои “подземни“ активности...







Постави коментар Blogger

 
Top