Зрачев...
Не знам дали можете да ме разберете, оти не знам дали и вам неодамна ви се случило тоа?!
Не можев никако да си ги нормализирам мислите, додека утринава возев со точакот накај пчеларникот.
Ете! Еден дечко со точак излезе од кривината и ме поздрави, точно во моментот кога ја завртив главата и го здогледав.
Не го познавам, си помислив, но сеедно... Си продолжив со возењето понатаму, откако му отпоздравив. Очигледно и тој беше добро расположен.
Се разминав и со еден чичко што возеше мотокултиватор со приколка - него го знам, си реков додека му отпоздравував. Се видовме пред некој ден - тогаш јас го престигнав.
Морав да му отпоздравам и на детето што со лопата работеше на истовар на некој песок. Ме поздрави и му отпоздравив - иако беше на 15-тина метри оддалеченост. Не го познавав и него.
Можеби сите мислеа дека јас нив прв ги поздравувам?!
Најпосле стигнав на пчеларникот.
Сега не гледав во воздухот - гледав пред сандаците и видов: гужва од пчели.
Што да ви кажам - на доброто расположение денес му немаше крај.
Решив денес да го променам малку редоследот на работење. Наместо најпрвин да ја остварувам нормата со вадење на најмалку 8 рамки со мед, за денес решив првин да ги отворам сите запоставени нуклеуси и да им вметнам по една влажна темна изцентрифугирана рамка меѓу легло.
Првин ги фатив оние нуклеуси донесени од пчеларникот на Горна Матка, пред некој ден.
Што да кажам, жални беа за гледање.
Имаа легло едвам на 2 рамчиња а вкупната површина не би пополнила цела една Фарар рамка.
Феромонот на празното саќе мислам дека ќе ги стимулира најмногу што е можно - и да излезат за да собираат, и за матицата да несе. Затоа добија по една влажна рамка меѓу двете со легло.
На некои мораше да им додавам и рамки со мед, зошто беа празни и суви.
И нуклеусите што ги префрлив тука од мојата куќа во Скопје не беа многу подобри со легло - единствената разлика беше што беа тука неколку дена повеќе и беа солидно пополнети со свеж нектар/медлика.
Денес ми се чинеше дека доста долго работам и не видов нешто интересно за сликање, се додека не дојдов до нуклеусот што пред да заминам на одмор го одбрав да биде чувар на резервните рамки полни со светол мед.
Кога го завршив прегледот на овој нуклеус си помислив: ова е школски пример! Многу може да се научи од ова делениче!
Еве, за вас го фотографирав неговото картонче, на кое јас си бележам секогаш кога го отворам.
Се гледа кога и како стартувал, дека бил стимулиран со влажна центрифугирана рамка, и дека матицата била кондиционирана со еден рам легло.
Денес неговата сила беше двојно поголема од сите други негови “врсници“ само поради една единствена специфика: целиот спрат со мед ставен одозгора над матична решетка!
Пчелните семејства никогаш не го достигнуваат својот максимум кај скржавите пчелари! За максимум развој треба максимум мед - си помислив.
Следното семејство што ме стимулираше да го извадам фотоапаратот беше едно од оние што во третата декада на месец март едвам се извлече.
Тогаш тоа имаше мртви пчели во хранилка.
Сепак се извлече, и на 18-ти мај имало 10 рамки со легло и било демарирано.
Оваа матица не им “штима“ на пчеливе иако одржуваше легло на 6 рамки: на три од нив тие негуваа по еден тивкозаменски матичник!
Првиот |
Вториот |
Од оваа страна - не! |
Тука - да! |
Го оставив како што си беше, само оваа бела рамка со мед/медлика ја тргнав настрана, извадив една друга со сотна основа и на нејзино место поставив празна темна рамка.
И ова семејство беше еден резервоар за чување на рамки со пролетен мед (третиот спрат).
Ќе видиме што ќе се случи со ова семејство понатаму!
Кога најпосле ги потрошив сите влажни рамки, се наближуваше 15 часот и се почувствував премногу заморен.
Некои облаци кумулонимбуси опасно се доближија и почнаа да се слушаат грмежи.
Не ја исполнив нормата денеска - но што е важно тоа? Ќе паузирам еден ден!
Кога заминував настана некоја тешка оморина и сите пчелни семејства со мака ја одржуваа температурата во сандаците...
Постави коментар Blogger Facebook