4
Деновиве се опоравувам, додуша мошне полека, од ефектите што целокупната негативна енергија поврзана со мојата комшиска ситуација ми ги истури врз мојот беден животец.

Ете дури сега се нафатив да пишувам за она што сите нас, што сме тука, всушност, најмногу не интересира - за пчелите и моите доживувавања со нив.

Завчера бев со мојот компањон на пчеларникот во Долна Матка.

Во деновиве што изминаа, без мое пишување на пчеларскиот дел од блогов, всушност пчеларството ми беше како некоја наметната обврска што мошне тешко ја реализирав. Се што правев, правев некако механички, без чувство и без интуитивно планирање - што е мој основен начин на функционирање. Концентрацијата за пчеларењето ми отиде некаде, некаде в неврат...

Од таа пчеларска летаргија најчесто ме вадеше мојот пријател-компањон кој повремено ми се јавуваше со сугестии да појдеме на пчеларење за да завршиме ова или она... Но последниве денови дури и тој започна да бега од моето депресивно друштво и мојата бескорисна присутност на пчеларникот.

Така, тој ми се јави и завчера... А јас, за прв пат после подолго време, имав интуиција дека ова одење кај пчелите ќе биде јалово за него, т.е. неговите пчели нема ниту да ги отвориме а времето и трошокот за одење ќе падне на сметка на моите пчели.

Така и бидна, а јас сепак бев некако позитивно мотивиран од ова, затоа што за прв пат имав некаква интуиција поврзана со пчелите и дури испадна дека ми е и точна.

Не можевме да отвориме, вчера, ниту едно семејство во ДБ сандак затоа што не спречија првите предвеснички капки на големиот и долготраен пљусок што потоа се истури врз Матка - а во поголемиот дел од Скопје, овој дожд воопшто не беше ниту регистриран....

Кога стигнавме горе јас веднаш себично се нафатив да го отворам најсилното семејство во фарар сандак. Од него, пред тоа, бевме извадиле веќе два спрата со мед и јас му бев поставил спрат со 9 изцентрифугирани рамки. Бев љубопитен да видам колку овој спрат всушност беше наполнет за околу 10-тина дена.

Ништо спектакуларно.

Беше само околу 40% полн и тоа значеше дека уште тогаш пашата била во надолен тренд. Решив да прочепкам под матичната решетка и ако ја најдам матицата да ја ограничам само на долниот спрат.

Матицата ја најдов и... Така и направив.

Со ова, практично, ги започнав подготовките за зимување, иако имаше изгледи ливадската паша да се продолжи во недоглед - а на оваа локација лани имаше и доцна дабова медлика, па, се додека имаше доволно пчели за добро да ги покриваат рамките, ќе останат и двата спрата над решетката, од кои едниот (најгоре) е чисто медиште а другиот полу-плодиште, т.е пчелите од леглото во него ќе излегуваат до крајот на овој месец, кога ливадата би требало да биде и-тоа-како веќе завршена.

Од ова семејство извадив еден рам со добра количина затворено легло и му ја додаов на еден од овогодишните фарар-нуклеуси.

Кај другиот сандак што беше тука во фарар опрема, а беше за цело време втор по силина, првото и единствено медиште што му го одзедов, му го тргнав порано од првопрегледаниот сандак (кој имаше две одеднаш) па ова пч. семејство, новододадените рамки ги беше наполнило до 80%.

Кога го чепкав под м.решетка открив дека и тој спрат има околу 70% исполнетост со мед и... Ново младо легло од нова матица.

Старата (маркирана со жолта боја) заминала во историјата.

“Ваков сој на пчели сакам“, му реков на мојот пријател-компањон веднаш, а тој ми забележа да ги запишам токму тие зборови на картонот на семејството - за де не заборавам.

Откако за малку ќе ја загубевме оваа нова матица при фаќањето за да ја обелижиме, ја поставиве на рамката со нејзини ларви, во првиот спрат, под матична решетка.

Веќе почна сериозно да се наговестува дождовниот бран што доаѓаше од северо-запад и јас на пријателот му ја искажав/признав мојата интуиција.

Но, тоа мене не ме спречи да продолжам со себичниот преглед и на третиот, и најслаб фарар сандак, семејство чија матица неколку пати ми се качуваше над решетката и кое во медиштето имаше најмалку мед - едвам околу 30% исполнетост.

И неговата матица ја спуштив (уште еднаш) на првиот спрат а му одзедов две одлични рамки со затворено легло за да ги зајакнам и кондиционирам матиците од двата преостанати овогодишни нуклеуси во Фарар опрема.

Кога ова засилување најпосле го завршувавме, почнаа да не решетаат првите крупни капки од претстојнииот дожд и ние како уплашени глувци, трчајќи, едвам успеавме полу-суви да се прибереме во колата.

По патот за Скопје истураше како од водопад, но кога стигнавме дома - не дочекаа речиси суви улици...

Постави коментар Blogger

  1. Анониманјул 07, 2013

    Добредојдојдовте назад на блогов и ако ништо друго барем морална подршка за проблемите низ кои минувате..... поздрав од Кавадарци.Зоран

    ОдговориИзбриши
    Одговори
    1. Како што и си претпоставував проблемиве нема толку бргу да ги надминам...

      Избриши
  2. Анониманјул 24, 2013

    Aleksandar kako stois so prinosi? Godinava po se izgleda ke bide isklucitelno slaba sto se odnesuva na medoberot...

    ОдговориИзбриши
    Одговори
    1. Сума, сумарум, ако те интересира, од околу 20-тина презимени до сега в канти имам 120 кг мед од дури 4 различни вкусови/ароми. Светли медови. Последниве 40-тина килограми ги извадив од нужда - затоа што немав резервни темни рамки - а пчелите не градеа сотни основи/саќе веќе подолго време - ниту пак матиците ги залегнуваа веќе подизградените рамки. Инаку имам уште доста мед за вадење но го оставив во рамки за да не ми затреба (не мене туку на пчелите, бидејќи пчеларникот го триплирав).

      На моиве локации годинава воопшто не може да се каже дека беше лоша до сега. Пред неколку денови започна и медликата...

      Избриши

 
Top