Иако првично, со овој вид прихрана стартував поради необично топлата зима, сепак, мора да се коригирам себе си - за волку пак топла зима, како минатава, употребата на сувиот бел шеќер не беше најидеална!
Пчелите премногу летаа зимава и тоа придонесе доста од шеќерот да биде исфрлен. (Во една вообичаена зима, сметам дека неговата употреба би била зголемена!)
(Внимавајте! Има барем две пчели што, поттикнати од светлината, сакаат да исфралт две зрна шеќер!)
Но, од економска гледна точка, како замена за употреба на погачите, сувиов шеќер и-тоа-како си ја заврши работата.Ваква беше мојата есенска прихрана - и зазимување, кај повеќе пчелни семејства. |
Вака изгледаше моето прво, импулсивно (неподготвено) давање на шеќерот. |
Со негова употреба, по цена, од двојно до тројно пониска од цената на погачите, се смири стравот што кај мене постоеше, дека пчелните семејства, среде оваа екстремно “мека“ зима, би можеле да ми останат без храна - и навистина, се покажа дека на голем дел од пч. семејства, на овој начин успеав да им заштедам добар дел од природниот мед во саќето, мед што токму сега, во раната пролет, најмногу ќе им користи на пчелите.
Само на ваквите, слаби пчелни семејства, во троделни нуклеуси, не најдов начин како да им давам сув шеќер, туку првин им дадов погачи, па потоа, со појавата на првиот разновиден полен: сируп. |
Малку се чувствував “шубе“ кога ги гледав пчелите што го изнесуваат и го фрлаат, но, реков, кога надворешните температури не би го надминувале 5-иот до 8-миот Целзиусов степен, скоро целиот шеќер би бил употребен во онаа мерка во која би бил изложен на кондензираната влага од сандакот (да, сигурно е дека никогаш нема да можам да предвидам каква ќе биде зимата). А имаше три модификации кои ги испробав оваа зима при употребата на сувиот шеќер (плус нивните комбинации, како и комбинацијата со давање сируп: одделно а паралелно).
1. Истурен врз парче фолија, парче кое беше доста покусо од сите страни. Овој начин беше обид за директна замена на погачите - во речиси сите нивни карактеристики. Потоа оваа фолија, со шеќерот и неколкуте стапчиња-поткревачи беше прекривана со друго парче кое ја покриваше комплетно целата површина на сандакот.
- Предности: подобар пристап за пчелите (од сите страни)
- Недостатоци: големи (огромни) количини од шеќерот пчелите растураат и го буткаат на патосниците (па, потоа надвор), отежнат преглед на пч. семејство.
- Поука за понатаму: фолијата на која што ќе се истура шеќерот најдобро е да биде иста онаква каква што се користи за негово покривање (да ги покрие сите страни), но да биде поставена врз рамките на тој начин што од напред ќе биде повлечена за приближно една третина од должината. Шеќерот треба да биде истурен при задниот крај на површината под најлон - најмалку 5 до 8 сантиметри подалеку од предниот раб, од каде ќе пристапуваат пчелите.
2. Во хранилка на која и е извадена преградната бариера.
- Предности: поефективна употреба на шеќерот, лесен преглед на пч. семејство.
- Недостатоци: послаба достапност за пчелите, не одговара за ниски температури, кои во текот на денот не ја поминуваат границата од нула до 5 Целзиусови.
- Поука за понатаму: подобро е сандакот да има поклопна даска а под него врз рамките да нема фолија. Ако сандакот е малку навален на напред, отворот и хранилката да бидат поставени одзади (на повисокиот дел). Целта е голем дел од кондензираната влага да биде насочена во хранилката. Добро е хранилката да биде исполнета до горе (шеќерот да го допира капакот на хранилката). Никогаш да не се дотура вода или сируп врз веќе поставен шеќер (дури и ако има малку шеќер).
3. Истурен директно на поклопната даска, околу стандардниот отвор наменет за хранилка. Поклопен со фолија. (Овој метод немаше поголеми предности спореден со методот со хранилка.)
- Предности: употреба без никаква подготовка (при итност). Лесен преглед на пч. семејство. Потребно е само парче фолија. Поголемата површина на фолијата создава поголема количина кондензирана влага.
- Недостатоци: нешто поголемо растурање на шеќерот, во споредба со методот со хранилка, квасење на поклопната даска
- Поука за понатаму: шеќерот да се истура подалеку од отворот (минимално 5 до 8 сантиметри).
Мој сегашен генерален заклучок
Сметам дека сувиот бел шеќер ќе го употребам сигурно и следната зима - единствено што ќе треба да си подготвам соодветна количина фолии, кои и онака, во пчеларењето ги користам за многу други работи. Долната фолија, при зазимување, ќе ја поставувам врз рамките малку поповлечена од порано што сум правел (т.е. на една третина од должината на рамките).Исфрлување на шеќерните кристали. |
Напад на шеќерот навлажнет со водениот кондензат. |
На ова семејство шеќерот му беше ставен на многу кусо парче фолија и речиси целиот го исфрли. Сепак, стигна и да се блокира, тоа е сега едно од најсилните во пчеларникот.
П.С. Еден редок случај за крај. Едно од пчелните семејства кое имаше подница-поленособирач (а немаше горно лето) успеа самото да си се затвори со ронките од шеќер (поради внатрешната коса клапна на подницата-поленособирач). Беше во таа состојба сигурно доста повеќе од 2 недели пред да го забележиме. Кога го забележавме и ослободивме, немаше речиси воопшто легло. Од сатницата отпечатена на фотографијата подолу може да се забележи со каков ентузијазам, до ноќ, неговите пчели собираа полен, додека неговите соседи во пчеларникот ја прекинаа својата собирачка активност.
Постави коментар Blogger Facebook