0

Прилично добро ме замисли ситуацијата на тоа пчелно семејство.

Да се нема резерва мед за неколку дена а да се постигне толкава развиеност?! Не знам што да мислам...

Го прегледав ептен детално, од првото до последното рамче. Во горниот фарар спрат, каде имаше 8 комплетно исполнети рамки со мед, деветтата беше само со полен, а само на едната страна од десеттата рамка имаше свеж нектар - по паушална проценка, нешто повеќе од половина килограм. Долу, во спратот под гнездото, рамките беа празни (малку свеж нектар)...

“Четворицата крушевчани“ пред заминување...

Ова семејство беше дел од групата што си ја викам “четворица крушевчани“ - најсилни семејства на пчеларникот - сите четири вчера беа со по 8 рама легло.

Но трите други “крушевчани“ имаа барем, вкупно, по околу 2 полни рама со мед - главно преместен во долниот спрат - а јас на овој преглед токму тоа и го правев - ги префрлав крајните рамки со мед во долниот спрат, заедно со 2 рамки легло. На нивно место поставував две изградени празни рамки на краевите, и две рамки со сотни основи на позиција 4-та и 7-ма рамка.

Позицијата на рамките со сотни основи.

Иако, во некои од моите минати постови реков дека очекувам вакво нешто да се случи, сепак, не очекував волку брзо соочување со иднината!

Немам пчеларска вага, но од вчерашното работење јасно ми беше дека конечно започнала некаква малку подобра паша - бидејќи пчелите беа мирни како “бајчиња“ и не се нафрлуваа на отворените сандаци и привремено оставените “голи“ рамки.

Овие четири семејства “крушевчани“ не беа отворени речиси 10 дена и за нив најдов време дури при крајот на денот, на заминување - а дури и во тоа време, тие работеа интензивно, додека останатите послаби семејства замреа.

Да не мислев дека е најнеопходно да им поставам фолија, па медиште одозгора со 5-7 изградени рамки, и патем, да го ѕирнам и плодиштето можеби немаше вчера да ги гибам - и немаше да ја видам состојбата со резервна храна.


Ете ја фолијата - пред да го поставам медиштето.

За два до три дождливи или студени дена, ова семејство може да угине од глад! За само два дена може да влезе во самојадачки гладувачки модус - после што еден месец ќе се опоравува од стресот а тоа значи дека ќе биде загубен потенцијалниот вишок на багремов мед од него.

Затоа, откако завршив со неговото прегледување му поставив одозгора едно шише од 1,5 литри полно со сируп (со две дупчиња). На останатите 3 “крушевчани“ тоа не им го сторив, затоа што сепак имаа каква-таква резерва од мед во долниот спрат, а и пашата, и временската прогноза, беа добри. Со шишето со две дупчиња обезбедив барем една недела опстанок на семејството.

Од овие картончињаможе да се види колку засега е понапред оваа година!
Истиот овој сандак беше лани меѓу најсилните и на 1-ви април 2013 имаше 6 рамки со легло.
Годинава, на ист датум, има 8 рамки.
Инаку, вчера на пчеларникот довлечкав доста празни изградени рамки и речиси се што имав од стари стандардни спратови.

Се зафатив најпрвин со отворање на слабите семејства што, практично сум пропуштил детално да ги прегледам макар еднаш годинава. Беа тоа гревчиња со легло на од 2 до 4 фарар рамки. Субвенционаши...

Легло едвам на 3 рамчиња...

За нив, си мислам, да не давам годинава поддршка со рамки легло, нека се развиваат нормално, со честа прихрана, па ќе имаат шанси да ми дадат мед, ако има медлика (и така сум дефицитарен со опрема).












Интересна беше компаративната силина на ова пчелно семејство. Лани беше меѓу најсилните, и точно на 1-ви април имаше 5 рамки со легло. Годинава матицата е стара (тригодишна) и има на истиот ден 6 рамки со легло (најсилните на пчеларникот беа со 8).

Иако досега ова семејство градеше само работничко саќе,
сега неговото расположение се промени.
Почна да гради трутовско
а еве и подготвителна чаура за матичник.
Очигледно матицата стигнува до својот максимум.
(Добар кандидат за одгледувач на матици)





















Скоро десет минути безуспешно чекав да се појави пчела на цветовите на оваа врба во близина на пчеларникот. Немаше. Очигледно подземните води се премногу ниски и оваа година нектарска паша од врбите - нема.



Тука, во скопското поле, слабите се речиси на идентично ниво со слабите што ги прегледувавме два дена пред тоа, правејќи го, со мојот пријател-компањон, првиот пролетен преглед на пчеларникот во Горна Матка.


Таму, како деновиве пч. семејства да се вадат од пролетното слабеење - последица на замената на зимските пчели.

Уште на почетокот на работата најдовме две семејства-гревчиња, од кои едното беше со матица и педесетина преостанати пчели - и за нив не можев да најдам кандидат за донатор на пчели или малку легло, речиси до крајот на прегледувањето на целиот пчеларник.

Ете гревче!
Матицата ја ставив во кафез затворен со шеќерно тесто
а пред сандакот истресовме пчели од други семејства.



Надморската висина (600+ метри) и оскудната поленска паша се, по мое мислење, причинителите на заостанувањето во развојот таму, во споредба со другите два пчеларника.


Дури сега се сетивме да ги затвориме фиоките на сандаците со отворени мрежасти патосници.

И пак се покажа дека за интензивно повеќечасовно работење, и јас, и мојот пријател-компањон, едноставно немаме доволно сила.

Иако требаше да појдеме и во Долна Матка, за да видиме дел од пропуштените семејства од минатиот пат, имавме душа само до толку за да му помогнеме на еден наш колега комшија, во санирањето на исто така едно гревче со матица и педесетина пчели.

Оса матица. Веќе започнал нивниот пролетен циклус.

На враќање дискутиравме за тоа дали развојот ќе беше позабрзан во Горна Матка ако, во условите на оваа година, се сетевме порано да ги затвориме подниците...

Постави коментар Blogger

 
Top