0

Нема друг месец, толку преполн со надеж и највоздигнати исчекувања, како април што е за пчеларот.

Скоро и да нема пчелно семејство во оваа земја што, ако е живо и здраво, не напредува, не се развива...

Како може да не е така, кога во околината цветно експлодираат црешите, јаболкниците, дивите круши, врбите, мртвата коприва, глуварчињата... Дури и репицата.


И ние пчеларите, заедно со нашите пчели како да живееме од чиста надеж, и од ништо друго: нашите пчели секој убав ден на паша од првите зори до мрак, а ние секој ден на пчеларник!

Кога со мојот стар точак возев накај пчеларникот, сериозно ми се чинеше дека нема да имам повеќе време од потребното за да прегледам само две или само три пчелни семејства.

 “Сеедно“, си мислев додека “веслав“ - на ова доаѓање треба да гледам како на спорт. Треба да се спортува, инаку телото ќе изневери...“


И не се лешперчев кога доаѓаа, првин едната, па другата, па третата угорница - туку убаво стиснав и, бога ми, добро се задишав додека избивав на врвот.

Кога пристигнав во пчеларникот, ми се стори дека моите “деца на сонцето“ не се радуваат кој-знае-колку... Но тоа беше во склад токму со сонцето: тоа си беше затскриено зад маглестите облаци.

Сепак, беше мошне и пријатно топло: околу 23 Целзиусови.

Не можам да кажам дека нешто многу размислував за тоа што ми е приоритетно да правам. Веднаш се фатив со прегледување и средување на посилните семејства - со цел да им поставам медиште со 5-6 изградени рамки, над плодиштето покриено со малку повлечена фолија.

Ова семејство имаше легло на 6 фарар рамки.

Му поставив две рамки со сотни основи а двете со мед/полен потпрени во позадината, ги спуштив во долниот спрат.

Малку ми го расипа расположението гледката на оваа рамка.
Пчелите тешко ја извлекуваат а матицата не сака да ја несе.
Убеден сум дека ова е поради квалитетот на “восокот“.

Не броев, но сигурно суредив/прегледав околу десетина такви сандаци - и тогаш ми текна дека крајно време е да растурам еден од троделните нуклеуси - и да ги одделам семејствата во засебни сандаци: пак да си бидат онака како што си беа на есен (методче: хармоника).

Се е подготвено за префрлување.

Ете ги трите рамки од нуклеусот префрлени во “новиот“ сандак. А четвртата...

Ова е четвртата, што ја додаов откако ги извадив трите постоечки, и таа е...

...еве ваква! Измачкана од медот после центрифугирање. На неа, како на магнет се “лепат“ најголемиот дел од пчелите што останаале по ѕидовите на нуклеусот. По неколку минути ја префрлив во новиот сандак и ја поставив меѓу леглото.

Еве го префрлувањето првин на другиот страничен нуклеус, а најпосле и на средниот.

Финито.

Да се најдат по три спратови со соодветна боја, три патосници, поклопни даски, хранилки и капаци - тоа не е лесна работа во пчеларник што е во критична состојба со опрема.

На пронаоѓањето на сите потребни елементи, и на префрлувањето, сигурно згинав скоро 2 саата.

Потоа, едвам имав време, пред да падне целосна темница, да си соберам и суредам се што бев растурил низ пчеларникот.


Додека заминував насекаде се слушаа возбудените чуруликања и пеења на безброј различни птици.

На патот за дома имам една чешмичка и тука застанав, па откако се измив ми текна да си ги искористам слушалките и мобилниот телефон - и да си пуштам од музиката што ми беше снимена на меморија - по случаен избор (random).

И... Ете, се погоди да ми се пушти токму една од моите најомилени теми на Брјус Спрингстин (насловот на овој пост).


Додека возев со шантравиот точак и ја слушав оваа музика (пуштете си ја и вие, ама најгласно) се обидов да возам “без раце“: како авион...

Сигурно возачите што ме престигнуваа си мислеа: овој е пијан или луд...

А сепак не бев!

И безбедно стигнав дома!

Па ете, речиси веднаш...

...Го напишав овој пост!

(П.С. Ако ви се бендиса овој пост, треба да му се заблагодарите всушност на Брјус, што е толку прекрасен!)





Постави коментар Blogger

 
Top