Одгледувањето на матици за нас пчеларите не е редовна работа. Тоа ти е, некако, “сепаре“.
Иако, во некои години, доста матици пчелите сами си ги менуваат, сепак, ако оставам се така да се случува, мислам дека пчеларењето нема да ми донесе ништо за мене - а за пчелите, можеби доволно и ќе има.
Денес, според мојот план треба да ги префрлувам Јентер-матичниците од одгледувачот во троделни оплодници, ама...
Вчера бев на пчеларник, да ја проверам состојбата со матичниците, и да тргнам неколку рамки со пчели и легло за да поседат до денес затворени и безматични - за полесно да ги примат матичниците.
Но тоа ми е несигурна работа и плус, на мојата импровизација беше и дождот што паѓаше, речиси без прекин, од кога дојдов на пчеларник.
Тоа ми е капак на се.
Знам дека правам лошо, ама и времево ми ги негира намерите.
Историјатот на овие матичници што денес ќе требаше да ги префрлам во оплодници започна уште пред две недели, на 12 април, во саботата - кога дојдов да ги пресадувам ларвите од првото затворање на матица во Јентер-изолаторот.
И тој ден беше дождлив и студен како и вчерашниот - копија!
Тревата расте ли расте... |
Наместо да пресадувам ларви, мораше да си констатирам дека пчелите одбиле да стартуваат скоро 90% од јајцата во изолаторот - најмногу, се разбира, од оние, што беа во сотни ќелии што имаат подвижно дно/“чепче“.
Тогаш го подготвив Јентер-кафезот одново, како на почетокот, и, после некој час чистење од пчелите, пак ја затворив истата матица во него.
Во матичарството роковите за завршување на некоја работа не се онолку флексибилни како што мене лично најмногу би ми одговарало, но што да се прави, некогаш се мора и она што не се сака...
Затоа, пак се појавив на пчеларникот во најдоцниот можен термин, во четвртокот, на 17-ти април, во доцните попладневни часови.
Претходниот ден врнеше,а и утрината имаше истур...
Но, како добар знак, го протолкував моментот кога на пладне се отвори времето и се појави топлото сонце.
Го подзасилив одгледувачот со уште пчели... |
Тие неколку часа што ми беа потребни за да ги средам носачите на матичници, да ги намачкам со мед, да ги поставам во истото семејство на полирање и чистење, ми поминаа во пристојни временски услови.
Добро што, додека траеше полирањето на носачите, прегледував, ротирав и што прихранував, па отидов до колата, паркирана настрана, за да си земам уште една тура сируп во шишиња...
Тогаш констатирав дека колата ја фатило сонцето и внатре беше идеално затоплена...
Како контраст на тоа, одеднаш се појави силен и студен ветер и, целиот мој претходен план на пресадување на ларвите над самото пчелно семејство-одгледувач, почна да изгледа како скоро апсолутно невозможен.
Веднаш ми светна дека пресадувањето треба да се направи во колата - и така и го направив - во спротивно ќе мораше да бидам задоволен со успех во прифаќањето од 15%! Затоа што, тоа пребирање по престарените ларви и требење на јајцата, не можеше да се направи за најкусо можно време.
Подостарена ларва... |
Може да се види од сатницата на фотографиите во кое време завршив!
Надвор студениот ветер донесе речиси зима!
Не... Временските услови не нудеа никаков оптимизам за оваа моја намера!
Иако по два дена, во саботата, повторно дојдов на пчеларник - проверката на прифатеноста на матичниците воопшто не ми беше приоритет.
Од небото се истураше дожд без прекин, а јас мислев само на тоа, силните семејства, што до тогаш ги запоставував - да не ми влезат во состојба на гладување.
Прихранував по студениот дожд се додека не почувствував како водата ми влегува под мишките, стомакот и чорапите...
Благодарение на полу-водоотпорната пчеларска заштитна блуза со капа, што одамна ја чувам за вакви прилики, тоа протекување ми се случи дури откако завршив со целиот сируп - по речиси два часа.
Првата контрола на прифатеноста практично ја направив после цели 4 дена од пресадувањето, кога на пчеларникот се појавивме заедно, јас и Зоран, идниот купувач на пчели - заради кој, впрочем, беше и целата оваа брзаница.
Дали со скопско баш се е можно? |
Избројав околу 15 матичници, што пчелите ги хранеа. Но, според изгледот на изграденото, јасно ми беше дека од овој прв турнус нема да произлезат славни матици. Росеше ситен дожд...
Ете го купувачот Зоран! Полн со оптимизам... (наспроти газдата) |
Со купувачот Зоран ги отворивме семејствата што градеа негови рамки, и некако при крај, произлезено од муабетот го отворивме она семејство што лани ми го чуваше медот, а годинава единствено беше што се одзими со легло во долниот спрат, и се досега, сметав дека одлично напредува.
Кога го отворив, се покажа дека неколку дена пред тоа, тоа решило дека мора да има нова матица. Иако старата ја барав - ја немаше!
Ете, си помислив, ќе си имам бекап варијанта ако ептен не успеат Јентер-матиците... Ова беа некој вид на полу-принудни матичници. Старата матица, очигледно имала некој проблем, но полека, не одеднаш, ја загубила “власта“.
Во вторникот (22-ри април), следниот ден, пак имаше мал прекин во дождовниот период, и попладнето се појавив на пчеларникот.
Пак го отворив одгледувачот и ги преброив сега веќе затворените матичници.
Ги прегледав и соседните рамки и на една од нив открив два пристојни затворени матичници. Рамката ја обележав а матичниците ги оставив - демек да ми бидат во резерва - со мисла дека порано треба да ги тргнам...
Истиот ден ја отворив матичната решетка што го делеше овој спрат од долниот, во кој беше старата матица, и која се до овој момент беше затворена.
Кога дојдов вчера на пчеларник (сабота, 26-ти април), по ситниот дожд што паѓаше, мораше најпрвин да ги ѕирнам матичниците и тие ми изгледаа в ред.
Потоа, бидна мал прекин во дождот и се зафатив со барање матици во послабите семејства, заради одбирање и префрлување на рамки со легло во оплодници и тресење на дополнителни пчели во нив. Успеав да завршам само со три - кога почна да истура.
Си поседев/почекав в кола... Гледав дождот како паѓа на стаклото од шофершајбната и слушав како тропка на лимот од кровот, кога... Ми текна!
Абееее... Заборавив да ја тргнам рамката со природни матичници!
Почекав дождот барем малку да подзастане и ја извадив таа рамка... И... Што да видам!
Матица излегла од едниот матичник и веќе го срушила другиот, од другата страна на рамката!
Потоа изгубив многу време во потрага по матицата и не ја пронајдов.
Матичниците пчелите ги чуваа мошне збиено и немаше смисла на таа ниска температура да ги разголувам.
Решив, принудно, уште сега да префрлам 6 здрави матичници со легло и пчели од самиот одгледувач а останатите три рамки со носачот на матичници и скоро 10-тината матичници на него ги оставив на милост и немилост - оти се стемнуваше и стана толку студено и се подождливо, што беше глупаво да се работи со матичници.
И ете така, сега тргнувам во неизвесност.
Немам поим, ниту план што ќе правам - оти не знам ни што ќе ме чека.
Постои голема можност матицата што излегла да се обидела да мине низ матичната решетка (во обид да ја совлада старата матица долу) и при тоа да била убиена од пчелите...
Но дали се случило тоа - ќе видам денес.
Постави коментар Blogger Facebook