0

Вчера се вратив од пчеларникот со малку повеќе оптимизам.

Покрај гуштерите, на пчеларникот се појавија првите стари “гости“: желката и...
...Ежицата!

А деновите пред тоа, бев во класична пчеларска депресија.

Школски пример на депресија што го нема во ниту една пчеларска литература!


Во Скопје багремот беше веќе во полн цвет - првите пчели го откриваа...





















Уште долго ќе го паметам моментот на претходниот ден (петок), кога на пчеларникот се појавив задишан од носењето на 30-тина литри сируп.


Кој кретен сум јас, си мислев, носам толку прихрана а багремот во околината беше обелен - ден пред отворање на цветовите.

Потоа ги отворав семејствата од шумскиот дел на мојот пчеларник и...

...Само се чудев и чудев...

Три силни семејства што во тој дел од пчеларникот мислев дека ќе ми бидат во топ форма за багремот, а кои ги бев изротирал на 12-ти април - воопшто не се качиле со легло во вториот спрат! Матицата и пчелите останале долу, а рамките со легло што беа качени во горните спратови, беа неодржувани - со легло што ги напушташе последните ќелии...

Тотален застој - тотална стагнација во развојот.

Уште покатастрофална беше состојбата со храна.

Пред очи, за лажичка мед да ми умираше пријател - од тие пчелни семејства нема да можев да му извадам!

Косата мораше да игра овој ден...


Кога завршив со работењето тој ден (завчера) се каев што не ги растворив и последните 10 кг. шеќер што ми останаа дома.

Но и тоа - ми се чинеше - пак ќе беше малку!

Пресметав дека доволно ќе ми беа уште толку литри сируп колку што донесов тој ден...

Но, само половина од приказната за причините на мојата пчеларска депресија беше оваа состојба со неподготвеноста на моите производни пчелни семејства за претстојната багремова паша и долготрајниот недостаток на природна паша.

Другата половина е во склоп на она, за што останав должен од минатиот мој пост.

Кога околу пладне стигнав на пчеларникот тој ден (недела, 27-ми април), се разбира дека веднаш посегнав по отворање на семејството-одгледувач, каде беа оставени на милост-немилост десетината матичници.

Иако се подготвив да видам катастрофална ситуација - руинирани матичници и матични чаури без траг од восочните продолжетоци... Не!

Се си беше во ред!

Матичниците висеа како што и ги оставив а пчелите густо ги покриваа/чуваа.

Еден по еден ги извадив од рамката-носач и ги изселектирав - дури 5 ми беа премногу малечки за да ги земам во обзир - и нив ги тргнав на страна.

Дисквалификуваните матичници...

Од рамките со легло што порано ги бев одвоил, и ги бев поставил во спрат над матична решетка на соседното пчелно семејство, оформив и затворив уште 6 оплодници, на кои им ги додадов поквалитетните матичници.

Потоа се завртив кон семејството кое си ја менуваше својата матица полу-принудно. Решив да одвојам 3 рамки со по најмалку еден поквалитетен матичник на секоја, и така, заедно со пчелите да ги додадам во трите оплодници што ги изолирав/затворив минатиот дождлив ден.

И овие матичници, бидејќи беа создавани во ист период, не беа најквалитетни.

Внимателно, прскајќи со пумпица ги отворав овие оплодници и им ги поставував овие рамки со легло, пчели и природен матичник. 

Пред да го “пресадам“ Јентер-матичникот...

Пред да завршам со оплодниците решив да го средам и семејството-одгледувач, за кое сепак зачував два рама со легло и пчели во горниот дел заедно со 5-те послаби неуништени матичници.

Кога...

Ете...

Гледав запрепастено во спратот под матичната решетка, во малкуте раштркани пчели - несвесен дека започнува да ме поклопува депресијата.

Матицата тука дефинитивно ја немаше!

На единствениот бивши рам со легло, имаше по краевите на леглото, уште десетина неизлезени затворени ќелии со преладено работничко легло.

Без да офкам предолго, решив ова загубено пч. семејство да го поделам со целосна хоризонтална преграда, да оставам по еден рам со легло и пчели во двата дела (горе и долу), и да им додадам по еден од лошите матичници, што само пред неколку минути сакав да ги уништам.

Беда невидена... Ова рано одгледување матици ме чинеше доста скапо - цело едно посилно пчелно семејство и матица која сакав да ја чувам/пензионирам.

И што е уште потрагично, појма немам како да си објаснам што всушност се случувало тука.

Мистериозно ја снема новоизлезената млада матица, исто како и старата, под матичната решетка.

За тој ден, доста ми беше од се. Иако денот не беше толку лош за работа, сепак решив да ги натоварам 5-те затворени троделни оплодници во колата и да си заминам.


Далеку беше уште крајот на денот, кога ги донесов и ги поставив оплодниците на новата локација за оплодување.


Имав доволно време да почекам со отворањето, “по пропис“, за пчелите веднаш да не ми се измешаат.

На крајот, да го завршам овој пост пооптимистично...


Иако денес денот беше дождлив - во стилот на минатите неколку недели, сепак мора да кажам дека вчерашниот ден беше официјално првиот од овогодинешната багремова паша во скопското поле.


Вчера, при отворањето на сандаците, пчелите беа мирни како муви и ми дозволуваа лесно да им поставувам рамки со сотни основи, и по потреба, да им ги докомплетирам медиштата со рамки со изградено саќе.

Од овој багрем, како што сега стојат работите, очекувам само малку нешто повеќе од забрзан развој. 






Постави коментар Blogger

 
Top