0
Сите ние, пчеларите, сме различни луѓе.

Така е тоа и по прашањето: дали да се работи со пчелите голорак или пак со ракавици?

Јас работам голорак.

Мора да признаам мене многу ми се бендисува мирисот на прополисот на моите раце...

Најчесто кога се враќам дома од пчеларник, особено кога се возам со кола, знам да си ги кренам, дури ги допирам, дланките и прстите до носот - обожувам длабоко да го вдишувам тој мирис!

Мене тој мирис на свежиот прополис ми е апсолутно прекрасен!

Некако, секогаш кога длабоко ќе го вдишам, си добивам потврда дека нема цена ова што го правам и дека сум си ја нашол вистинската работа за мене.

Единствената маана на овие мои прополизирани раце лежи во фактот што јас сум градски човек и сите останати луѓе во градот имаат уплав од нечисти раце - а прополизираните раце изгледаат ептен нечисто.

За градските луѓе во мојот град Скопје, прополизираните (нечисти) раце се речиси сигурна асоцијација на нешто лошо - и грозно им е да се поздрават (ракуваат) со секој што на своите раце има нешто од она што го работел.

Оваа особина, верувајте, за многумина граѓани, пчеларството го ставило на списокот на непожелни, ниски и нечисти занимања - затоа што во нашево општество општ респект (култ) за работниците и работништвото напросто нема.

Има вакви исклучоци како мене, но на нив  останатите граѓани гледаат со страв измешан со жалење: “Кутриот, не се снашол во животот!“

Ете, тое е една од причините зошто многу мои колеги работат со ракавици - и, при тоа, убеден сум, губат - губат мошне многу од вредностите што можат да се добијат при дружењето со пчелите.

Ракавиците, сметам јас, се дел од неопходната основна опрема за пчеларење - но никако не се за редовно користење.

Оној што смета дека мора редовно да ги користи - напросто залутал во пчеларењето, а за “залутувањето“, сум видел досега, има многу разновидни мотивации - но карактеристично е тоа дека тие луѓе, залутаните, подоцна, откако ќе го напуштат, на своето пчеларење гледаат како на една, покуса или подолга, епизода од нивниот живот - преполн со обиди во разни други дејности/занимации.

А вчерашниот ден мене ми беше како суден да го минам на седиштето од некоја кола - се изнавозев вчера.

Бев на скоро сите страни од Скопје - но, главно, тоа беа пчеларски потреби, и додека возев, брзајќи да стигнам, најголемо задоволство ми беше што, ете, барем толку можев - да си го мирисам прополисот на моите “нечисти“ раце.

*****
Невозможна мисија е да се опише еден сончев пчеларски ден во мај без тоа опишување многу да одземе од следниот ден - а сите пчеларски денови во мај вредат како злато...

Затоа, во продолжение, еве само неколку интересни фотки од моите неколку изминати мајски денови, кои јас, барем ќе се потрудам да ги коментирам - а верувајте, и тоа е работа за која ми требаа неколку часови од денов.

Деновиве после багремовата паша доминира ливадата.
Мајчината душица ја има како никогаш досега.

На пчеларникот во Горна Матка речиси секое второ пч. семејство е во изнудена роевска состојба.
Ваквите нископрофилни матичници се правило!

Мојот компањон-пријател вадеше млеч - и на тој начин го компензираше загубениот мед.

Изненадувачка е количината на млеч што може да се извади од едно посилно роевско пч. сеемејство,
ако се отвори во вистинскиот момент - пред затворање на матичниците.


Неможноста редовно да ги прегледуваме сите семејства резултираше со вакви слики.
Се разбира дека само трутовското саќе е актуелно.



Ова додавање на сотни основи, требаше почесто да го правиме, ама...

Неколку дена не стемнуваше на истиот пчеларник
- работењето со роевски друштва одзема премногу време.


Мојот пријател подготвува изолирање на матицата на само три ДБ рамки.


Ете го еден од ретките обиди за изројување што го констатиравме.
Матицата со потсечени крила завршила под сандакот.
Во барањето и фаќањето на матицата под мрежата на подницата загубивме најмалку 15 минути.

Најпосле ја фативме...

... И ја пуштивме во изолирсниот дел од сандакот.
Пчели веднаш се собраа на местото каде само неколку минути беше оставен кафезот со матицата...
Тој ден пак сонцето ни зајде а сите пчелни семејства не успеавме да ги отворииме...
На небото деновиве облаците беа живописни како ретко кога до сега... Да ги гледаш и да одмориш душа!
Типично истенчена матица во подготовка за лет/роење...
Еве ја на посета кај една нејзина ќерка - потенцијална заменичка!
Дел од постапката на правење двоматични семејства во пчеларникот кај скопското поле.
Откако неколку дена беа поделени со мрежа, двете семејства поставени едно врз друго беа обединети со поставување матична решетка на местото од мрежата.
Во подготовка на троделните оплодници користев еден рам со затворено легло и една рамка со мед или полен, како на сликава, со пчелите на нив.

Еве ја матицата што “успеав“ да ја осакатам со фломастерот за облежување, но...
...но, нема причина за загриженост, затоа што пчелите решиле уште пред тоа дека треба да ја сменат.
Ете го рамчето кое го додал мојот пријател Горан, на кој му асистирав вчера во пронаоѓање на матицата-трутуша.
Леглото што било додадено, наместо да послужи за правење на матичници - уредно биднало заклопено!
Ако досега не сте виделе состојба на пчелно семејство со колку пчели - толку трутови: еве видете како тоа изгледа!

И ете...
Засега толку...





Постави коментар Blogger

 
Top