0


Кога бев почетник во пчеларењето, како и сите други почетници многу сакав да читам пчеларска литература - особено кеиф ми правеа написите и книгите за техниките на пчеларење (тогаш ги нарекувавме “технолигии на пчеларење“).

Од ваму - на таму, одозгора - одоздола, преврти - заврти, одземи - додади... На фантазирањето после читањето на тие техники му немаше крај!

Бидејќи денес сум баш добро расположен, а тоа е затоа што не ме затера и денес, малерот со кражбата на сандаците од вчера, решив да му го направам кеифот на мојот пчеларски пријател Горан П. - да направам рапорт.

Рапортот тешко ќе може да се обликува поинаку, во вториот попладневен дел од денот - освен како типична техника на пчеларење.

А првиот дел од денот помина мошне добро, бидејќи во договореното време се јави купувачот на пчели Зоран Ристовски, со намера да си превземе уште четири од вкупно 6-те преостанати пчелни семејства.

Пакување за безбеден транспорт - опремата беше нова - без прополис!

Бевме на пчеларникот во скопското поле и за три часа, ја завршивме операцијата на одење, враќање, префрлување на неговите рамки во неговите сандаци, врзување за транспорт.

Многу време требаше да се најдат матиците, особено во еден од сандаците кој имаше легло на два ЛР спрата. Матиците ги обележувавме пред да ги префрлиме заедно со 5-те негови ЛР рамки.

Истовар...

Кога ги донесовме на неговата локација, од другата страна на Водно, кај идниот Сончев град, ги прегледавме претходно донесените четири семејства.

Уште две пч. семејства недостасуваат за малиот нов пчеларник да биде комплетен.

Две од тие семејства се истакнуваа - едното беше особено силно, а другото беше најслабо - тоа, најслабото, беше со токму онаква сила, каква би требало да има на почетокот од мај, кога беше договореното време за превземање.

Најсилното од новите семејства...

На неговата локација сега имаше одлична паша, пчелите одлично ги градеа сотните основи, па ете, преку овој мој пост, се сетив да му дадам еден технички совет на мојот купувач, кој знам дека е и редовен читател на овој блог.

Ако сака да ги изедначи по сила и развој овие две пчелни семејства, во конкретните негови услови, ќе треба само да им ги замени местата (едното да го префрли на местото од другото).

*****
Првите попладневни часови ги поминав дома, откако купувачот Зоран ме врати и преземените пчелни семејства си ги плати.

Не ми се излегуваше од дома, главата ме болеше, веројатно од ненормалниот крвен притисок, но после испиеното кафе, морав да се одлепам од троседот и да го “запалам“ точакот - во правец на пчеларникот во скопското поле.

Таму ме чекаа две безматични силни семејства - дел од оние што ги превзеде купувачот.

И тогаш, почна мојот пчеларски балет...

Уште од претходните денови на овој пчеларник ги бев вратил првите четири троделни оплодници од оплодувањето на друга подалечна локација.

Го најдов оној троделен оплодник кој ми беше нотиран дека слабо стои со бројност на пчели.

Најпрвин ги проверив сите негови три оплодници дали имаат матица. Имаа.

Потоа подготвив два кафези - ги наполнив со шеќерно тесто на деловите од каде требаше матиците да бидат ослободени.

Подготвив и три празни тела (Фарар) од кои за едното ми требаше + и подница и капак. Оваа подница што ја употребив беше специфична во тоа што имаше странично лето (а + на секој спрат имам кружно лето).

Префрлување на рамките од оплодникот во ново стандардно Фарар тело.

Најпрвин го отворив најслабиот оплодник со една рамка затворено легло и мошне малку пчели.


Новооплодена матица!

Ја најдов, ја обележав и ја префрлив неговата матица во кафезот со погача.



Потоа ги префрлив неговите рамки во едно од празните тела и додадов неколку изградени темни/стари празни рамки од резервните.

Делот со мал отвор на кафезот, затворен со шеќерно тесто се наоѓа во рамковна улица (празниот простор меѓу рамките).

Го однесов ова тело со 5-6 рамки до местото на пчелното семејство каде ќе му биде новата локација.
Ова е едно од одбраните семејства на кои итно му требаше проширување - пчелите почнуваа да висат пред сандакот во брада!

Потоа се упатив кај едно од безматичните семејства и му ги тргнав сите тела оставајќи ја само подницата (безматично беше веќе повеќе од 5 часа).

Се вратив назад кај семејството што требаше да го додадам. И него го подигнав оставајќи му ја само подницата, и го пренесов на подницата на безматичното.



Ете го тоа истото, на новото место - на подницата од безматичното.

Откако му ја тргнав неговата поклопна даска и му ја пренесов и поставив одозгора на нуклеусот со нова матица во кафез, го поставив и овој нуклеус врз подницата на семејството што беше одбрано за да го засили и оматичи безматичното семејство - а критериум за одбирање беше, матицата да биде добра, да му се сите 10 рамки со легло и практично да бара итно проширување со нов спрат.

Нуклеусот (црвен) на местото од сандакот на чие семејство му требаше проширување. Ианку тоа беше едно од оние три семејства кои ги пратевме на овој блог - што презимија во троделен оплодник!

Го затворив комплет ова семејство-нуклеус - целта е тоа да прими добар дел од пчелите-излетници пред да падне ноќта, тие да ја прифатат и ослободат матицата, а утредента, кога ќе дојдат и преостанатите излетници, таа матица да си има одбрана и сигурен прием.

Се вратив на локацијата на безматичниот.

Подготовка за мирно спојување.

Одозгора му поставив лист од избушена (со пенкало) новинска хартија и врз неа - спратот со комплетното безматично семејство.



Го затворив и него, и истата процедура ја применив потоа за следниот нуклеус од оплодникот, за другото семејство со сигурна и добра ланска матица и за следното безматично семејство.

Најсилниот од трите оплодници на подница со лето на топло.

Најпосле, преостанатиот трет најсилен оплодник го префрлив (рамките) со претходно обележаната матица во новото тело со подница и лето “на топло“, го опремив со дополнителни рамки, го затворив со новата поклопна даска и капак, и без да ги тресам преостанатите пчели одозгора му го поставив празниот отворен троделен оплодник.

Намерно го поставив овој спрат вака накосено за да ги прими излетниците од сите три оплодници (уште едно лето има на спратот).

Ете...

Кој разбрал - разбрал.

Кој не разбрал - тоа е!

Целта на оваа операција ми беше да ги оматичам безматичните силни пч. семејства на брз и сигурен начин и при тоа да им ја вратам производната сила - истовремено овозможувајќи им на новоспарените матици да продолжат со несење јајца на поголем број рамки.

Лесно се забележуваат новите два засилени сандаци - со повисоки ЛР спратови!

Лесно е, и убаво е, да се гледа балет - но кога би требало тоа да се направи/повтори од почитуваната публика - јасно е - за тоа, потребни се да постојат мноштво од предуслови.

Затоа, бидете си вие попаметни од мене - не фантазирјате премногу!

Постави коментар Blogger

 
Top