0


Некако, на пчеларската депресија што ме зафати после првиот поголем и мошне долг дождовен бран, се надоврза и недовербата во смислата на пишување на овој мој пчеларски дневник.

Јас сум речиси 100% убеден дека во иднина ваква пчеларска година нема да се повтори, така што евентуалните поуки од ова, овогодишно искуство ќе бидат речиси бескорисни за понатаму.

Иако, обично си се придржувам до мојот личен принцип, да направам се што е во моја моќ за работата со која сум се зафатил да успее, годинава во моево пчеларење ниту одев до тој максимум, ниту пак сметам дека тоа ќе направеше некоја разлика.

Изминатиов, практично втор дождовен бран, како и првиот се одликуваше со необично ниски ноќни/утрински температури.

Како резултат на тие температури, сметам, пчелите беа принудени да се збиваат во клубе, сепак не толку цврсто клубе како зимско, но, ова однесување, придружено со честите дневни врнежи придонесе пчелите - и покрај тоа што беа на работ на смртта од глад - да влегуваат во состојба на притеснетост, и некаков принуден нагон за роење.

Резултат на оваа состојба беа роидбените матичници - но матичници што беа под секоја стандардна норма: помали (скусени) и помазни од нормалните.

Рамка од пчелното семејство кое требаше да биде превземено од купувачот Зоран Р.
Ако ова треба да бидат природни роевски матичници
- и баба ми ќе требаше да биде манекенка!










































Најчесто старите матици беа подготвувани за изројување, беа станати тенки и со драстично намален интензитет на несење - но самиот чин на изројување се пролонгираше и пролонгираше до степен на неслучување.

Многу пчелни семејства, веројатно делумно и зависно од интензитетот на пашата (багрем и др.) се пишманеа, т.е. ја забораваа намерата да се изројат, едноставно беа зашеметени од тие осцилации во температурите (кога преку ден, беше топло, го освојуваа со своето присуство целиот сандак) и пашата (која беше на моменти преизобилна, па нектарот мораше да се разнесува по целиот сандак).

Оваа “топло-ладно“ ситуација траеше необично многу долг временски период - со денови,  со недели - и се уште трае, кога го пишувам овој пост.

Најдобро, се чини, во целата оваа заврзлама со континуирани студени дождовни периоди поминаа, барем досега, оние пчелни семејства кои се одзимија како најслаби - само ним, оваа ситуација им одеше во прилог (ако беа прихранувани).


За мене лично, доста демотивирачки делуваше и фактот што купувачот на пчелни семејства, за кого, заедно со мојот пријател-компањон, вложуваме дополнителни напори, имал лош финансиски период и не си ги превзеде пчелните семејства во оптималниот период.

Г-динот Ристовски беше спречен да си ги земе веднаш порачаните и готови за делење пч. семејства.
Во меѓувреме се појави уште еден купувач на три исто такви пч. семејства - Зоран е сликан покрај едно од нив.

Заедно со дождот, тоа предизвика неколку од семејствата ангажирани за него да влезат во зрела роевска состојба - до степен на предизројување.


Две од неговите (во ДБ) влегоа во роев нагон при првиот студен дождовен бран, а вчера тоа го констатирав и со едно од четирите пчелни семејства, ангажирани за него во пчеларникот во Скопското поле - како последица на вториов бран.

Вчера (сабота) залетан - понесен од убавиот неколкучасовен сончев период, што уследи после раноутринското тмурно дождовно будење - на прагот од пчеларникот се појавив токму кога започна уште еден дождовен период.

Багремот беше во фаза на прецветување, но беше без пчели и со слаб мирис.

Дождот паѓаше речиси еден час а јас се врткав наоколу со чадор во рака.





На појавувањето на сонцето, и кога се чинеше дека барем малку ќе потрае, пчелите веднаш реагираа со масовен излет.

За помалку од половина час излетувањето на пчелите стана толку масовно што настанаа огромни гужви од забрзани пчели пред влезовите во сандаците.

По интензитетот на летањето јасно ми беше дека едно од пчелните семејства во ЛР сандак, наменето за купувачот Зоран Ристовски, влегло во роевски нагон - и затоа прво го отворив него.

Знам дека минатиот пат, кога пред неколку дена бев на овој пчеларник, на ова семејство му поставив одозгора ФР медиште со делумно полни и празни изградени рамки - и немав време да го ѕирнам - да подигнам некоја рамка. Се некако одложував да манипулирам со овие семејства наменети за купувачот - во исчекување, тој неговото да си го плати и да си го земе...

Сега, т.е. вчера, кога го отворив тоа беше слика на хаосот што годинава пчелите го прикажаа!

Претпоставувам дека овој матичник бил залепен со восок за соседната рамка па при одвојувањето беше скинат.

Имав капацитет/амбалажа од троделни оплодници да поделам едно до две ЛР семејства, па решив тоа да го направам со ова семејство - иако, можев да констатирам дека одлично си работело во медиштето и ако се заборават зрелите матичници и матиците што излегуваа - како да немаше намера да се изројува.

Матицата на фотката подолу вројатно излегла од овој матичник!




















Млада матица во потрага по матичници.
Од него направив 4 оплодници со мои ЛР рамки, од кои еден оплодник беше со излезена млада матица на која пчелите не и дозволуваа пристап до матичниците.

Во сандакот на старото место останаа 5-те рамки на купувачот, плус неколку други празни, изградени ЛР рамки.








Непријателско однесување кон нова, тукушто излезена матица.


Неколку минути следев како пчелите од ова пч. семејство заклубуваа една излезена млада матица! (Старата матица, при обавувањето на овој преглед/операција не ја видов).

Потоа ги прегледав и преостанатите пчелни семејства на купувачот Зоран и констатирав дека, фала богу, немаат намера да се ројат.

Едно од нив, кое досега беше во Фарар сандак, го префрлив во негов сандак, поделувајќи го на два дела - па денес ќе мора пак да поминам за на безматичниот дел да му “инсталирам“ нова матица, комплетно со целиот нејзин ФР нуклеус.

Ова е семејство за новиот купувач Владо,
но и семсјтвото на Зоран изгледаше вака пред да го префрлам.
Изглед на сандакот (Фарар) при префрлувањето/делењето на два дела
- еден дел е ЛР а другиот ФР.

Тоа ми беше и последната работа што ја направив пред да побрзам да се вратам дома, за да се подготвам за одење на свадба - на синот на еден наш колега-пчелар!

Инаку, должен сум да кажам дека оплодувањето на првите Јентер матици поминало многу добро на новата локација.

Тревата нараснала - но не пречи за оваа работа. Напротив!
Тревата ја подобрува ориентацијата на матиците!

Таму, при последната посета констатирав дека од 15 оплодници имам 10 оплодени нови матици, три во фаза на оплодување и еден оплодник со матичник - трудот за нив, и едното загубено пчелно семејство, заедно со неговата матица - се покажа на крајот - дека сепак не беше јалов.

Нова тукушто пронесена млада матица.



Постави коментар Blogger

 
Top