Вчера денот не ми тргна како што посакував.
Работата не ми одеше.
Ај што ме нервира кога морам да зажичувам рамки, ама требаше да зажичам малку, само 12 рамки, за да ми бидат подготвени за додавање во оплодниците, пред преселбата на нова локација, каде сакам новите матици да се спаруваат.
Никако не ми одеше. Неколку пати ми се кинеше жицата на затегнување - а капак на се ми беше, што морав на една рамка три пати тоа да го правам.
Работењето и поправките на тие 12 репарирани рамки премногу време ми одзеде, така што се откажав од одењето на пчеларникот во скопското поле.
Најпосле ми се јави мојот пријател-компањон, за да ги земеме оплодниците од Долна Матка и да ги префрлиме на новото место.
Пред крајот на претходниот ден јас дојдов сам на тој пчеларник и пресадував роевски матичници во нив а за тогаш ги немав подготвени тие потребни 12 градежни зажичени рамки што недостасуваа.
Мојот пријател имаше некој период на свадби - завчера една, денес друга и брзаше да стигне секаде.
Најпрвин во пчеларникот влегов јас и ги сработив оплодниците без ништо да забележам...
Дури откако дојде мојот пријател, тој беше оној што забележа дека недостасуваат еден сандак и еден нуклеус!
Се гледаат двете празни места каде беа сандакот и нуклеусот. |
Арамиите завчера дошле веднаш по моето заминување од пчеларникот и ги украле.
Нуклеусот беше бојадисан со карактеристична црвена боја а рамките и на двата сандаци се покуси за еден сантиметар од стандардните.
Ете како изгледа еден таков нуклеус. |
Аир да не видат од тие пчели и сандаци двајцата арамии и сите други што им помагале!
Тешка неизлечива болест да ги фати од која што ќе умрат тие и нивните деца (ако, пред да украдат, ги создале)!
Затоа што трудот наш што беше вложен во тие пчелни семејства беше голем и парите што ги плативме за да го купиме тој нуклеус и сандакот беа чесно и со мака заработени - мака што е илјада пати поголема од таа што ја осетиле додека украдените сандаци ги носеле.
На овој начин, со крадење, никој, никогаш додека е жив, нема да стане пчелар!
Стекнатото со арамилак секогаш зрачи со негативна енергија, па за арамиите-пчелари, во нивниот живот, пчеларењето секогаш било и останало само неповратно загубено време а медот што арамијата ќе го проба од украдените пчели, сигурно ќе му донесе горчина и јаловост во неговата фамилија!
Веднаш пријавивме во полиција, но заради обврската со свадбата на мојот пријател и затоа што требаше да ги преселиме троделните оплодници, немавме време да почекаме околу час, час и половина, за кое време ни рекоа дека ќе дојдат да направат увид.
Не, тешко е со зборови да се опише маката од бељата што не снајде!
Додека се враќавме во градот носејќи ги оплодниците, јас и мојот пријател-компањон се обидувавме да се тешиме еден со друг.
Машки е да се издржи нанесувањето на неправда, но машки е, и да се признае, дека боли тоа кога не ти се цени трудот и времето!
Мрежата на оградата е налегната на местото каде еден од арамиите се прекачувал. |
Ќе мора да превземеме нешто за да го отежниме крадењето, кое било и останало еден од најглавните проблеми на македонското пчеларство - проблем поради кој што нашето пчеларство со децении не може да напредува.
Постави коментар Blogger Facebook