Само што се вративме од пчеларникот на Долна Матка, јас и мојот пријател-компањон, малку покиснати од дождот и испратени од светкањето на молњите и татнежот на громовите...
Сепак бевме задоволни од направеното.
Кога доаѓавме, околу 15 часот, во Матка веќе започна да паѓа ситен дожд и белите облаци се буткаа по повисоките врвови...
Во еден момент додека возевме натаму, дури на мојот пријател-компањон му дојде желба да ја заврти колата и да се вратиме назад - толку обесхрабрувачки делуваа облаците и дождот што се гледаше таму, на Матка, како паѓа.
Сепак, како да сме стари морнари-гусари, ниту јас ниту тој, понатаму не покажавме колку малку очекуваме од денот, и брзински се опремивме со најнеопходните потреби: прскалка, пчеларски ножеви, сируп и рамки со сотни основи - особено со приоритетните рамки со вградени сотни основи од нашиот купувач на пчели.
Постоеше дилема дали ќе успееме да се искачиме со џипот по лизгавиот стрмен земјен пат - но тоа испадна многу полесно одошто се плашевме.
Потоа времето како да сакаше да не награди заради покажаната храброст - росењето на дождот стивна, и кога го отворавме првиот сандак - сосема престана.
Мајчина душица во цвет... |
Сепак, пчелите не ги напуштаа масовно сандаците - што беше јасен знак дека времето всушност нема подолготрајно да се подобри.
Она што го видовме кај сандаците со приоритет, оние кои беа наменети да градат рамки за нашиот купувач, главно беше задоволувачко за нас. Двете ЛР рамки вметнати во сандаците речиси секаде беа изградени и беа окупирани со затворено легло.
Овој сандак го растоваривме од 3 ДБ рамки со легло, заедно со пчелите неизлетнички што беа на нив! |
Таму каде што немаше место, вадевме ДБ рамки со легло и пчели, или пак само со легло (без пчели) и поставуваме уште две или три ЛР рамки со сотни основи.
Примерок од ЛР рамка комплетно запоседната со затворено легло. |
Уште една рамка - од друго пч. семејство. |
Времето без дожд, беше токму толку доволно долготрајно за да им најдеме место и сместување на рамките со легло и да дозасилиме некое пч. семејство со истресени пчели.
Кога тресевме пчели од рамките, обилно прскаше собраниот нектар од сотните ќелии...
И кога си заминувавме, додека дождот почна се посилно да паѓа, овие пчели пред сандаците не го напуштаа овој стиропор - пред да го излижат комплетно целиот истресен нектар... |
Но, доброто време, иако не траеше премногу долго, сепак нам доволно ни беше, за да ни овозможи да ги потрошиме сите ЛР сотни основи што ги понесовме и патем, да прегледаме и прихраниме повеќе други пчелни семејства.
Наша заедничка констатација беше дека развојот на пчелните семејства во Д. Матка се случува токму сега - и дека треба да запнеме во изработка на рамки со сотни основи - во спротивно ќе ја загубиме контролата врз пчеларникот!
Јасно беше дека пашата започнала од вчера, а дотогаш многу од пчелните семејства биле речиси на работ од гладување (беа прихранети дури пред две недели).
Постави коментар Blogger Facebook