Мора да си признаам дека сум слабак, дека сум лигле, дека лесно дозволувам да ме исфрли од “колосек“ и некоја мала ситница...
Еве веќе дозволив поради случката со крадење на сандаци на комшијата Драги во Г. Матка, да заостанам со евидентирањето на моите посети/активности на пчеларниците.
Блогов почна да ми заличува на хаос...
А времево, во минативе неколку дена, дождливо и студено, беше одлично да го надоместам заостанувањето - да не беше таа подла депресија што ми се вовлече во крвта и не ми даваше сила да седнам и да пишувам...
Изминативе студени денови главно ме сопнуваа во намерите да започнам со произведување на нови овогодишни матици.
Почнав да верувам дека е природен закон, фактот дека кога јас ќе почнам порано со работа на новите матици - да паѓа снег.
Пречесто тоа ми се случува!
Во постот “Сладок е медот, ама пчелниот убод боли“ веќе напишав дека стартував со Јентер-изолаторот...
Сега, ред е да известам дека од тие ларви - ништо не бидна.
Кога дојдов да пресадувам, во саботата на 12-ти април, условите за тоа беа никакви - студениот бран што дојде, очекувано, ги принудил пчелите на адаптација.
Состојбата во ќелиите на Јентер-изолаторот беше индикативна: најголем број од занесените ќелии беа исчистени, во некои имаше неактивирани јајца (исправени, како да биле положени од матицата истиот ден), во други ќелии имаше малку накосени јајца (активирани претходниот ден), во трети, легнати јајца а во четврти, имаше и ларви...
Се обидов да избројам колку ларви имам - и бргу се откажав. Малку беа, а и времето беше ќумур.
Математиката што во пчеларските книги се учи за времетраењето на процесите/фазите во развојот на една пчелна единка не е воопшто толку нерастеглива - а фазата на јајце има убедливо најрастеглив рок на “траење“...
Решив дека поарно ќе биде да направам уште еден обид и одново го замачкав целиот изолатор со мед (преку ларви и преку јајца) и им го оставив на пчелите од истото семејство, да го чистат.
За тоа време, го искористив овој прв убав ден после два-трите што беа дождливо студени и ладни, за прв пат годинава да ги ротирам посилните семејства - оние што приближно една недела пред тоа ги проширував на тој начин што во горниот спрат им поставува сотни основи а во долниот им го префрлував вишокот рамки со мед и легло.
Ротирање... Медот, ако го имам, секогаш внимавам да биде во долниот спрат. |
Сите вакви семејства, заради лошото време, практично ги беа запоставиле овие спуштени рамки - матиците не се спуштиле сами во долните спратови, ниту да го одржуваат ова легло - камоли и да шират легло - на што јас се надевав, тогаш кога ова проширување го правев.
Дури кога ептен застуди, половина час пред 18, ја побарав матицата под матичната решетка на семејството-одгледувач и ја затворив во Јентер-изолаторот.
Еве ја матицата - пред по втор пат да ја фатам и пренесам во Јентер-изолаторот. |
Следниот ден не можев да дојдам за да ја ослободам, затоа што се договорив со мојот пријател-компањон, денот задолжително да го минеме во посета и преглед на пчелните семејства на пчеларникот во Г. Матка.
Сабајлето, тој следен ден (недела, 13-ти април), сметав дека не смеам да пропуштам да ја бојадисам последната, трета рака, на десетте нови спратови, што претходните два дена ги мачкав со по една четка/рака.
Тука е ред да кажам дека од моето досегашно искуство, со денешнава моја памет, најдобро сум ги бојадисал сандаците до сега...
Бојадисувањето со мрсна боја, растворена 1:1 со разредувач, во три раце, даваше најдобра заштита без да се направи дебел слој од бојата врз дрвото - т.е. годовите и структурата на дрвото беа распознатливи а бојата беше подлабоко навлезена во порите на дрвото и беше подобро врзана за истото.
Според моето денешно сфаќање оваа заштита беше можеби и малку подобра (и поевтина) од заштитата со најдобрите лазури за дрво.
На Горна Матка, најпрвин разговаравме со нашиот комшија Драги, за деталите околу кражбата на неговите три сандаци со пчели...
Тој беше разочаран од увидот што го направила полицијата - ниту испитувале, ниту влегле во дворот да направат сериозен увид.
Морам да кажам дека можеби... Можеби постои некоја мала можност, целава оваа ситуација да е последица од ситуацијата од пред некоја година, од претходната кражба на негови сандаци со пчели...
Тогаш полицијата направила сериозен увид, направила истрага - и ги фатила арамиите! На Драги полицијата му дала совет да направи тужба - и... Драги тоа не го сторил.
Не чини да си премногу добар човек - ниту за себе, ниту за другите.
Гласот, дека можам да те крадам, дека можам и да бидам откриен, а ти да не превземеш ништо - бргу и далеку се шири.
Дел од пашата на Г. Матка |
Сите со ред ги прихранивме - овој пат повеќе удривме на прихранување со шишиња - што, поради лошиот студен и снежен бран што настапи потоа - се покажа како добра одлука.
Ланска, необележана матица. Во оваа позиција на мирно несење... |
...лесно беше да се маркира со фломастер. Директно. Без да се допира/фаќа на друг начин. |
Кај сите сандаци карактеристично беше што резервите од мед, кои дотогаш беа одлични, во меѓувреме (две недели) се стопиле.
Повторно мораше и да го дозасилуваме најслабото гревче/семејство со истресување на пчели од другите.
Матицата пак ја затворивме во кафез затворен со шеќерно тесто. |
Вака го затворивме сандакот, пред... |
...да му истресеме пчели од други, посилни семејства. |
Кога завршивме со сите, констатиравме, како и обично, дека нема да имаме доволно време за да одиме на прегледување на пчелите во Долна Матка - а сепак ќе имаме доволно време за да го посетиме малиот пчеларник на еден друг наш комшија во Г. Матка, кој љубезно не покани и не очекуваше да дојдеме - откако ќе завршиме со нашите пчели.
Неговите семејства беа во чудна состојба. Тој беше пчелар од лани и практично секој што ќе стигнел, му бил ментор...
Некој од менторите, уште неколку недели предходно му ги ротирал спратовите - поставувајќи го горниот спрат (ЛР), каде пчелите презимиле, долу.
Така, развојот на овие семејства беше запрен.
Едно од семејствата беше во фаза на принудна замена на матица. Една матица беше излезена од матичник, и јас ја видов, но потоа кога констатирав дека има многу подобри матичници - не можев да ја најдам за да ја ликвидирам (беше “принудно“ слаба).
Кога го отворив семејството што менуваше матица изгледаше вака... |
Овој наш комшија-пчелар имаше и дополнителен личен проблем: му се појавила алергија на пчелен убод. И покрај тоа, тој не покажуваше ниту најмала намера да го откаже чувањето на пчелите.
Јас лично, почнав него да го мислам пред спиење...
Си помислив дека, поради него, кога ќе одиме на Г. Матка ќе треба да мислам на тоа и да не заборавам да си го понесам мојот обновен прибор за анафилактички шок. (Види со клик: “Арсенал за борба против последиците од анафилактички шок“)
Наредниот ден (понеделник, 14-ти април) мораше да одам до пчеларникот во скопското поле, со единствена цел - по втор пат да ја ослободам истата матица од Јентер-изолаторот.
Тој ден, како и секој пат, оваа пролет, не пропуштив со мене да понесам и 15 литри шеќерен сируп, и бидејќи времето не беше толку лошо, прегледав повеќе средни и слаби семејства.
Со тешко срце морав да проширувам по некое од нив со сотна основа или рамка со празно изградено саќе меѓу легло - бидејќи прогнозата за следните денови беше лоша.
Не паметам никогаш во својот живот волку многу да сум прихранувал со шеќер - а пч. семејства пак ми беа на работ од гладување!
За следните денови лошата прогноза не само што се оствари, туку времето беше и полошо од прогнозираното...
На Водно падна дебел снег...
Постави коментар Blogger Facebook