Деновиве почна да не се исплатува гледањето во временската прогноза.
Ноќта пак паѓаше сахарски дожд, но прогнозата за денес, што ја погледнав сдабајлево, беше дека времето денес ќе биде доволно добро до некаде 14 часот а потоа пак требаше да врне.
Не се оствари.
Јас и не се брзав премногу да заминам на пчеларник - детето ми беше договорено да си игра после школо, кај другарка му.
Пак, во воздухот имаше премногу влага а сонцето правеше да биде тропското доживување потполно.
Веднаш штом стигнав му се пуштив на мистериозниот оплодник од вчера, да го видам и да се обидам да му ја “фатам“ логиката.
Пчелите беа концентрирани... |
Ете, си имаше матица - и оваа не беше онаа што ја фотографирав вчера (фото 1 и фото 2)! Сликав, го затворив и тргнав да работам сосем нешто друго - она за што всушност дојдов.
Матицата од мистериозниот оплодник. Оваа веќе личи на онаа што ја сликав пред три дена. |
Требаше да ги ’рчкам големите мечки - пчелните семејства што до сега беа само ротирани. Нив планирав класично да ги демарирам.
Тотален преглед на едно вакво развиено семејство и негово преуредување одзема огрооомноооо време - близу до еден час! Особено ако се откријат некои проблеми.
Најпрвин се фатив за семејството што годинава ја започна со две одлични рамки со легло (фотка). Од матицата на ова семејство потекнуваа јајцата за вториот турнус матичници.
Инстиктот ми велеше дека МОРА тука да се случува нешто...
И... ДА! Најдов! На само една рамка, имаше затворен тивкозаменски матичник - и веднаш со него, и со уште еден рам со легло пред излегување, оформив оплодник.
Тивкозаменскиот матичник, од поблиску. |
На друга пак рамка најдов и една матична основа со јајце! Ја обележав рамката.
Сандакот ко преуредив на следниов начин: на подницата беше спратот со матицата и две рамки со легло - останатите беа празни добро изградени рамки.
Врз тој спрат, на кој ја поставив матичната решетка го поставив спратот-медиште: полн со рамки со мед.
Преуреден/демариран екс-ротиран сандак. |
Оваа практика на додавање рам со легло од друга матица во гнездото на новопронесената, ја научив од мојот ментор Марко Цветаноски, пчелар што на времето работеше со најголем број пчелни семејства во Македонија.
Марко длабоко ја разбираше биологијата на пчелите и знаеше дека потребата за доминација на една матица кај нашиве пчели произлегува од мошне силен генетски нагон а пак оваа “љубомора“ искомбинирана со умешноста на пчеларот да ја искористи (во кондиционирањето на матиците), ќе може да ја провоцира квалитетната матица да се докаже до максимум - но не одложено (за следната сезона), туку веднаш по пронесувањето.
Новопронесена матица, јас мислам, која нема да биде испровоцирана да се докаже со доминирање/одржување легло на се повеќе и повеќе рамки, туку напротив, ќе биде ограничена во тој поглед, или ќе го напушти нуклуеусот (ќе се изрои) или влегува во висок ризик да не развие семејство доволно силно за претстојната зима.
И, да се вратам назад на распоредот во преуреденото пчелно семејство.
Над спратот со легло е поставена поклопната даска а врз неа спрат полн со рамки со испрскан мед, или малку нектар. Овој спрат има мал стеснет отвор (една пчела да мине) што пчелите останати внатре лесно ќе го бранат од туѓи пчели, се додека не го пренесат целиот нектар и мед, долу во семејството. Јас оваа техника ја нарекувам: контролиран грабеж.
За да се примени сето ова на ова семејство беа потребни цели 50-тина минути!
Но, јас не се откажувам лесно.
Истата метода ја применив и на сандакот до него. И тука, на една рамка најдов еден затворен тивкозаменски матичник - и повторно оформив уште еден оплодник.
Оваа техника е мошне значајна за мене, во овој период. Сите вака преуредени семејства стануваат потенцијални одлични стартери/одгледувачи на матичници од Јентер апаратчето.
Истовремено, тие ќе бидат и донатори на рамки со легло за кондиционирање на претстојниот голем број новопронесени матици.
Го отворив, детално прегледав и демарирав, ЛР сандакот чиј нагон за роење го скротив со преместување на позиција од деленикот направен од негови рамки со легло и пчели а со спасена (презимена) матица. Матицата на овој ЛР сандак беше рекордерска!
Одржуваше легло на два ЛР спрата. Јас практично само ја ограничив на првиот спрат, со најмалку четири рамки легло, затоа што за класично демарирање немав ЛР рамки. ЛР медиштето го поставив врз новото плодиште (мат. решетка).
Секоја чест за матицава. Изненадување на годината! |
И, најпосле ми остана уште толку време да ја повторам горната метода на демарирање врз уште еден сандак.
За разлика од другите два, овој беше подлабоко навлезен во роевско расположение. Мораше да му определам 2 спрата со легло (имаше премнооогу легло). Во горниот спрат поставив 9 рамки и малку го подигнав со хоризонтална рамка-дистанцер - затоа што на пет рамки имаше ларви во матичните чаури па така ќе му овозможам повеќе простор, за да ги изгради матичниците до биолошкиот максимум.
Маркираните рамки имаат... |
...вакви матични основи, со ларва. |
Само што завршив со него и мобилниот телефон ми заѕвони.
Бабата на другарката на мојот син прашуваше: кога ќе дојдам да си го соберам наследникот...
Se nadevam Aleksandar ke stignes do zavidna brojka i ke nadoknadis pogolem del od zagubite od preklanskata zima.
ОдговориИзбришиБлагодарам за добрите желби.
ИзбришиНо, не ќе е лошо да ја кажам вистината (за бројноста): бројката на пчелни семејства не е битна за да предизвикува нешто друго, освен исполнување на само еден од предусловите за создавање на квалитет (со селекција).
Samo matica sto odrzuva dve tela LR vo uslovi na solidna pasa ne bi ja narekol rekorderka, tuku toa e dobra matica i normalna, dodeka se drugo poslabo e nedovolno kvalitetna matica.
ИзбришиСе надевам, колега, дека блогов ќе помогне да се разбираат работите релативно (како сооднос на многу фактори).
ИзбришиИ јас не мислам навистина дека матицата е рекордерска, но се манифестираше така - главно, затоа што нејзиниот сандак го замени своето место со местото од неговиот деленик.
Останатите матици, под притисокот на поголемата паша, досега барем, ја губеа битката за слободни ќелии...