0

Во Скопје, пчелната забава со багремот уште пред два дена заврши а тој изгледаше вака:


Јас денес морав да се појавам на пчеларник иако цело претпладне не мрднав а се туфкав, гледајќи ја прогнозата на интернет и истовремено реалната ситуација со времето.

Денот почна тмурно и со дожд кој оставаше впечаток на вечност.

Веднаш во главава почнаа да ми зујат мисли дека ако вака продолжи - ќе има роење кај пчеливе до бесфест.

Најпосле се создадоа поволни околности за да се ослободам од обврските и го јавнав точакот, па...


Дека нешто не е в ред со моиве пчели ми стана јасно веднаш штом стапнав в пчеларник.

Истиот момент една пчелка ме збодна во чело а друга ми се наврти на коса и в глава.

Па не е нормално, багремот да е во полн цвет, да мириса воздухот наоколу, а пчеливе да се лути како ѓаволи и да се бранат како да има грабеж на целиот пчеларник!?

Очите ми се вкочанија со погледот на сандакот од каде фрчеа пчели-камикази, а пред него имаше куп мртви пчели...



Грабеж?! Среде паша?!! Не е можно ова, си помислив - што ли се случува?

Вознемирен, се здадов во обиколка на сите сандаци - и кога завршив, веднаш ми дојде срцето на место! Кај другите немаше ништо така слично - единствено необично нешто беше тоа што пчелите работеа лудачки френетично!

Сите сандаци имаа огромна гужва од пчели на летата, и даваа голем напор со вентилирањето.

Што и да му се случило на оној сандак, се чинеше како главното да поминало - уште само по некоја пчела, пчелите-чистачки исфрлаа надвор од сандакот во обид со летање да ги однесат што подалеку.

Очигледно беше дека сите пчели угинале од убод на други пчели - во меѓусебна борба.



Денес задачата ми беше да направам оплодници за матичниците од првиот турнус а колку ќе ми требаат, зависеше од прегледот на досегашните оплодници што ги имав веќе направено.

Диво саќе на поклопната даска, направено во оплодник со спарена матица.

Констатирав дека доволно ќе биде да направам 6 оплодници (два троделни).

Бидејќи бројката не беше голема решив да одам во ризик да ги направам на истово место.

Легло на стршлен во оплодник. Матицата ја убив...
...А стршленските ларви изгледаат вака!

За таа цел практично десеткував две послаби демарирани пчелни семејства. Се трудев да истресам колку што можев повеќе пчели, затоа што знам дека е можно дури и сите пчели да се вратат - а рамката со затворено легло да остане непокриена и леглото преладено.

Планот ми е да пресадувам матичници утре, ако е можно - два дена пред денот на излегување на првите Јентер матици. Но, на овој начин ќе имам време и за корекции, ако треба, т.е. ако некој оплодник ми остане без доволно пчели.

А временската ситуација кога го работев ова стана буквално очајна. Почнаа да пукаат громови во близина и почна да капе крупен дожд.

Во ваква ситуација, кога сум на пчеларник се грижам се што треба да биде суво, да го покријам, и со едно око ги набљудувам пчелите.

Иако активноста видно замре, сепак се одржуваше некаква минимална активност во летањето, што ми оставаше надеж дека нема да биде толку лошо и затоа продолжив да работам, небаре ништо невообичаено не се случува.

За еден час ситуацијата се смени. Сивилото на небото се разбели, а пчелите повторно френетично почнаа да се гужваат пред летото...

Но јас, завршувајќи ја главната работа, решив да видам до каде се матичниците од вториот турнус.

Не сум задоволен од матичнициве...
Сите беа затворени, но очигледно големата паша негативно влијаела на нивната големина.

Немаше веќе причини зошто да останам на пчеларникот - на пчелите не им требаше никакво интервенирање од моја страна, па решив да си заминам.

Дел од нив ги оставив да се справуваат со донесениот нектар а другиот дел ги слушав како брмчат во целата багремова шума...





Постави коментар Blogger

 
Top