8

Кога распоредот-календар вели дека денес е денот да се пресадат матичниците од првиот турнус - мора да се оди. Иако надвор роска дожд, а прогнозата навестува уште поголемо влошување...

Решив да одам со кола и нормално, таквото одење мораше да го искористам за да си донесам опрема на пчеларник.

Багремовата шума делуваше доста тажно - багремот прецветуваше, но при самиот момент на моето доаѓање, малку дождецот престана и пчелите го искористија моментот, не само за добрата паша, туку и за младите пчели да направат облет.


Веднаш се зафатив со преглед на вчерашните деленици - идни оплодници. Барем неколку од нив беа опасно испразнети од пчели.

Вчера некој бил и го расчистил трутовското легло.
Трутојадецот имал ваков измет...

Најпрвин решив да ги поделам матичниците а потоа и да истресам некоја рамка со пчели пред летата на полупразните оплодници (ризик!).

Два од најпразните оплодници елиминирав а останатите пчели во нив ги споив со соседните. Решив да оставам еден матичник во спратот во кој пчелите дотогаш ги чуваа матичниците (пред тоа, со две поклопни даски, целосно го изолирав од долните пчели).

Овој оплодник всушност е неуспешен деленик од зимското безматично семејство. Лево од додадениот Јентер матичник се наоѓа остаток од второ-додадениот матичник.
Направив и пробно отворање на плодиште под матичната решетка од едно не баш најсилно но сепак, производно пч. семејство, кое не беше демарирано, туку само ротирано.


Во тој горен спрат леглото беше главно затворено и комплетно изблокирано со нектар.

Му поставив две празни изградени рамки и качив една рамка со легло, плус една со мед во медиштето одозгора, над матичната решетка.

Сега е крај на оваа интензивна паша, но јас сепак сакам да ја одржам силата на семејствата кои во наредниов период или ќе ги поделам, или ќе ги користам за нешто друго.

Но, почнаа да праскаат громови над мојата глава а почнаа да ме решатаат и првите крупни капки дожд  - а пчелите речиси сосем запреа со работата.


Време беше да се соберам и да се вратам дома.

Постави коментар Blogger

  1. Анониманмај 09, 2013

    Zdravo Aleksandar, dali koristis kafezi za zastita na maticnjacite? Pokraj zastitata onevozmozuvaat pcelite da gi dograduvaat maticnjacite so vosok.

    ОдговориИзбриши
    Одговори
    1. Не користам, затоа што кафезите се професионална опрема, т.е. би ги користел само ако комерцијално произведувам матици - па не би било добро за мене да извисам некој купувач.

      Откако пчелите ќе ги затворат матичниците доградувањето престанува - нема некоја особена опасност ниту некоја друга негативност (ако носачот со кафезите се постави меѓу две рамки со легло).

      Избриши
  2. Анониманмај 09, 2013

    Читаме Александар читаме.....прво нешто кога го отварам компјутерот е вашиот блог. По интересно здравје. Да се види пожртвуваноста и љубовта на еден пчелар према неговите љубимици. А вие тоа го правите и презентирате на навистина посебен начин. Малку се пчеларите што откриваат како работат со пчелите. Има многу да се научи од овие блогови. Да не сте помислиле да престанете.Ако ништо друго секој може да направи паралела со неговото пчеларење.Поздрав . Зоран Димов Кавадарци

    ОдговориИзбриши
    Одговори
    1. Понекогаш интернетов е како викање на планинар со сета сила - а нема никаков оддек, ниту од другата планина...

      Избриши
  3. Анониманмај 10, 2013

    Планината е далеку,ама кога тогаш оддекот ќе се врати..... Засега само читаме.... ќе следуваат прашања.Ќе треба време ова што го читаме и да се имплементира, а и да се спроведе идејата на друг тип кошници(ДБ 12). Ме интересира еден твој цитат:се зафатив со барање на нов кандидат за демарирање САНДАК ШТО НЕМА ПОТЕНЦИЈАЛ ДА БИДЕ ПРОИЗВОДЕН (земја на изобилие). Според мене демарирањето се прави да се спречи (привремено) роевиот нагон во кошницата.Сандакот што нема потенцијал да биде производен, е слаб (количински) со пчели.Прашувам: Зошто се прави демарирање на слаба кошница која и онака нема намера да се рои. дали со демарирањето се постигнува и некој друг ефект (да се засили нагонот за збирање мед). Зоран

    ОдговориИзбриши
    Одговори
    1. Не за нагонот, но да, дека такво слабо семејство, демарирано, може да донесе повеќе мед (ако е тоа целта).

      Медот е производ на односот на износот на пашата и големината на леглото.

      Мојата намера со демарирањето е јасна: да добијам рамки со затворено легло (без ларви и јајца) заради формирање на безбедни оплодници (безбедни за додадените матичници).

      Избриши
  4. Анониманмај 10, 2013

    Заборавив да прашам и ова :кога ја ослободуваш матичната решетка под матичњаците- дали тоа значи дека ја користиш новозеландската метода за производство на матичњаци. Зоран

    ОдговориИзбриши
    Одговори
    1. Самата преграда/мат.реш. е истата таа што се користи и во таа метода, но целата метода, мислам дека ти е познато, не ја користам годинава.

      Избриши

 
Top