0

Не дека се работи за некоја ептен невидена појава, но сепак... Ретко ни се случува нам на пчеларите да дојдеме на пчеларник и да отвораме пч. семејства во кои токму во тој момент се расчистува со многу нивни, семејни дилеми.

Најпрвин го оставив син ми в школо и... Малку ми се виде чудно што во училницата, обично полна со деца, пред нас дојдени, сега имаше само две.

Јас и мојот пријател-компањон бевме договорени денеска рано да се најдеме, да го товариме троделниот оплодник со пчели, и уште едниот празен резервен оплодник - и сандачето собирач/фаќач на роеви.

Кога стигнавме на пчеларник, најпрвин го поставив оплодникот и му ги отворив летата за пчелите да се ориентираат - и почнав да се шуткам наоколу - небаре имам сто години фора.

Мојот пријател замина да заврши некоја негова работа а јас дури и на поилката и дотурив вода - ја наполнив “до горе“.


Потоа фатив да отворам неколку од послабите семејства, кои не биле прегледани повеќе од една недела, за да ги дотрошам неколкуте преостанати ДБ рамки: изградени и со сотна основа.

Дури најпосле, кога се врати пријателот, решив да го отвориме роидбениот сандак што практично го оставивме со најмалку пчели.

Да потсетам дека него завчера го поставивме на сосем нова позиција во пчеларникот а од него направивме и плус уште два деленици.

Уште кога ја подигнав втората рамка, одозгора видов матица на соседната рамка. Нормално, тука сите матичници, освен неколкуте пред затворање, ги немаше. Оваа матица беше исклучително необична. Иако млада, матицава се движеше споро и сигурно, и имаше формиран задник - исто како да е веќе спарена! (Но заради кусото време не баравме први јајца или сл.)

Овде играта се вика: пронајди ја матицата...
Потоа се фативме за вториот деленик. Овде работата со уништувањето на матичници се уште беше во тек. Очигледно беше дека неколку матици веќе излегле. Исековме два-три матичници што изгледаа негибнато. Видовме барем една матица...

Кај третиот деленик хаосот беше ултимативен!

Овде главнината пчели беа од роевското семејство, но тука дотуравме рамки со легло, мед и пчели од повеќе други сандаци каде ни требаше место.

Тука имаше негибнати матичници, матичници во изградба и матици кои пееја и шетаа по речиси секоја рамка.

Ете една матица - во момент кога од ѕидот на сандакот преминува на една потпрена рамка.
Бидејќи имаше пчели од разни семејства, новите неоплодени матици не беа на секоја рамка добредојдени, напротив, беа шиканирани и на тој начин опструирани во својата нагонска намера да ги уништат другите матици - на слобода или во матичници. Илустрација:


Јас се нафатив најпрвин да ги спасувам добрите матичници а потоа и да ги ловам излезените матици - една по една, но имавме само два-три кафеза. Во меѓувреме некои од нив ги стигна смртта и умираа во агонија на подницата или беа исфрлени пред сандакот.


Во целата таа фрка, алармот од мобилниот телефон ме алармираше дека крајно време е да најдам некој што ќе ми го земе синот од школо и ќе го причува некој саат.

За беља, ниту една од родителите или старателите (баби) на школските другарки не можеше да ми помогне - па на училиште денес не дошле ниту повеќе од три деца, покрај син ми! Аман што да правам, си мислев, во очај прелистувајќи го именикот на мобилниот телефон.

Најпосле во именикот најдов една моја стара школска пријателка и таа некако прифати, од центар да дојде и да го собере синот од школо. На тој начин си купив малку ментален мир, барем за околу еден час.

Извадивме по една рамка со мед од ДБ медиште, и ја поставивме во секој дел од резервниот троделен Фарар оплодник. Истресовме пчели во нив и поставивме во два од нив по една матица во кафез призатворен со восок.

Во третиот оддел матицата ја оставивме слободна и...

Време беше да ги насадам извадените матичници, а откако тоа го сторив...

...После неколку минути, можев да ја набљудувам матицата од третиот оддел на оплодникот, како излегува заедно со останатите вознемирени пчели кои симулираа роење.

Матицата се одвои и сама застана на некои потпрени рамки - 5-6 метри понастрана. Ја фативме и со рака пак ја натерав да влезе во оплодникот (мислев дека немам кафез, но за жал после сватив дека сум имал уште еден).

На капакот од соседниот сандак собрав една угината и една матица во агонија. Набргу се собраа овие пчели, во обид да ја... а)дотепаат, б) витализираат, се уште живата матица (Заокружете го точниот одговор!)

Напуштајќи го пчеларникот во Долна Матка, си помислив: како бре, не ми текна да ги избројам извадените матичници и вишокот да ги насадам на медишните рамки поставени во троделниот оплодник. Заради нив матиците, и дел од пчелите би се задржале повеќе внатре... Вака, може да се случи, сите делови од оплодникот да ги најдеме или празни, или пак да се обединат во еден.

Кога се вративме, после испиеното кафе, син ми го презеде мојата пријателка, а јас и мојот пријател-компањон се упативме кон пчеларникот во скопското поле - за да извршиме пресадување на ларвите од Јентер апаратот.

Од љубопитност го отворивме семејството одгледувач на матичници, од првиот турнус (сега со присуство на матица) и констатиравме 50% затворени матичници, но и еден елиминиран.


Потоа најпрвин го реализирав планот од вчера и му вратив на семејството донатор на легло и пчели за оплодници (четири), барем две рамки со отворено легло од одгледувачот.

И го направив пресадувањето - во најтоплиот дел од денот. Тоа го правам на тој начин што поставувам рам со мрежа врз семејството-стартер и еден празен спрат врз мрежата. Тоа е мојата работна “просторија“.

Поради врелината на денот, мислев дека е неопходно, од-време-на-време да се прсне со прскалката врз пчелите под мрежата - заради обезбедување поголема влажност.

Откако тоа го завршивме, со пријателот поставивме уште едно медиште на едно семејство што тоа би можело да го заслужува и најпосле си заминавме.

Тоа беше денот.

Багремот на локацијата на пчеларникот, исто како и во Долна Матка, почнуваше да цвета - најпрвин на потоплите места.

Постави коментар Blogger

 
Top