0

Да, денот. Но, не баш секој!

Вчерашниот ден започна со тмурно дождливо издание, па јас си помислив дека нема да има ништо од одењето на пчеларник.

Колку сум станал зависник од интернет временската прогноза се виде овие неколку дена, кога имав проблем со интернетот (што го добивам без пари, благодарение на моите добри комшии). Нив им го смениле рутерот и така, требаше време за да се оправи старата конекција (а можеше и да не биде!).

Појдов да го земам детето од школо и времето почнуваше да изгледа многу подобро - иако без престан дуваше посилен северен ветер.

И го земав детето... И потоа тоа си појде на доигрување со едно негово другарче - а јас се уште не помислував да одам.

И си правев безвезни муабети со родителите/родителките кои си ги чекаа децата да си доиграат - и дури откако почнаа да зборуваат за нивните проблеми со ноктите - тргнав да си одам - и тогаш ми падна идејата: па зошто да не одам до пчелите? Имам време до два и пол, скоро три саатот?

Па така од споооор модус на однесување, одеднаш влегов во супер брз!

Главна “ситна“ работа ми беше да ги отворам сите оплодници, и да ги соберам Јентер матичниците.

Работата ми одеше доста споро, бидејќи морав да отворам/пишувам картонче за секоја нова матица/оплодник а мораше и да се средуваат неколкуте проблематични.


Еден типичен оплодник.
Да, имаше неколку проблематични оплодници, но во глобала треба да сум задоволен, бидејќи вкупно, од првиот и вториот турнус, на овој пчеларник има излезени и спремни за парење повеќе од 20 матици.

Овој оплодник беше жртва на грабеж креиран од мене - со дополнително додавање пчели, кои се вратиле назад во стариот сандак, носејќи ја информацијата за медот од оплодникот. Се гледа нема ниту капка мед. Грабежот беше завршен и последиците беа едвам подвижни млади пчели и купче мртви постари пчели на подот.
Грабливките немаат баш некој респект ниту кон леглото.
Единствено, покрај најмладите пчели спасила глава матицата, која се испилила малку подоцна.

Едвам стигнав да ги соберам сите носачи на матичници кога времето за враќање, и тоа итно, дојде.

Од минатиот пат, овој оплодник не го средив. Пчелите почнале да прават трета рамка.
Вака го притиснав дивото работничко саќе на затегнатите жици од рамот градежник.
Саќето беше со ларви и јајца.


Додека работев на соседниот оплодник се појави вознемирената мајка желка, веројатна во потрага по своите деца што минатиот пат, јас, (креаторот на хаос) ги разместив и уплашив. Желката очигледно остава феромон на своето гнездо и затоа се вртеше околу бетонската цевка.

Уште еден напуштен оплодник. Тука сум превидел да поставам рамка со легло.

Еве ја преладената матица. Жално е, затоа што беше од првиот турнус со многу квалитетни матичници.

Потоа, кога стигнавме со синчето дома, ми требаше околу час и половина да ги средувам Јентер матичниците.

Беше поминат 17 часот кога со точакот повторно се појавив на пчеларникот и ги наредив дната на ќелиите од Јентер кафезот.

Решив за родоначелник да одберам едно од најсилните и истовремено најмирното/најнеодбрембеното пчелно семејство во пчеларникот.

Додека ја барав матицата по рамките, констатирав дека тоа е веќе добро навлезено во нагон за роење. Имаше бројни подготвени матични чаури по рабовите на рамките а барем на едно место успеав да видам и јајце а на друго и ларва.


Напреден матичник?
Ларвата е млада, дводневна, и едвам видлива!
Подготвив еден спрат со две рамки легло (останатите беа празни или полупразни изградени рамки) и го поставив најдолу, за матицата откако ќе ја ослободам од Јентер кафезот, да ја сместам во тој спрат под матична решетка - инаку оваа матица беше ланска. Леглото го распоредив во останатите три спрата.

Се уште размислувам дали ова семејство да биде и стартер/одгледувач - иако ми изгледа најпогодно!

Веќе беше доста заладено, се уште силно дуваше северен ветер (беше речиси беспашен ден), но јас сепак решив да отворам и демарирам уште едно семејство, од онаа група семејства што во април беше само ротирана.

За разлика од првото (каде ја затворив матицата во Јентерот), ова семејство имаше собрано повеќе мед и немаше се уште толку напреден нагон - но сепак, како превентива, го демарирав.

И, за разлика од првото, ова семејство имаше матица на која оваа и беше трета сезона, матица од пчеларот Љупчо Кежаровски, колега што лани ми донираше 4 пчелни семејства.

Затворајќи го ова семејство забележав дека околу мене почнаа да се ројат огромен број комарци. Најмногу мразам убоди од комарци бидејќи местото на убодот ме чеша речиси цела недела.

Затоа, на брзина си ги “врзав парталите“ и збришав накај дома.

Постави коментар Blogger

 
Top