Нешто не ни тргна, на мене и на мојот пријател-компањон, со намерата да го искористиме денешниов ден за пчелите на Горна Матка.
Помина 17 часот кога ние стигнавме на пчеларникот. Горе дуваше ветер, иако долу немаше никакво движење на воздухот.
Веднаш се фативме со отворање на деленикот во нуклеус (Работа после враќањето од Србија, и Семејството што изгуби матица) и тој очигледно беше безматичен, но што беше уште полошо, најголемиот број од пчелите на двата рама со легло што му беа додадени, овој оплодник го беа напуштиле. Имаше веќе легло од лажни матици (пчели - несилки).
Две матици беа оплодени/пронесени во единствениот троделен оплодник а третиот очигледно беше безматичен.
Потоа отворивме и едно од семејствата кои беа пристојно силни, но мојот пријател го забележал дека нешто не е како што треба - и тоа, се чини дека ја загубило својата нова матица, затоа што, изгледа не се вратила од парење. Брмчеше безматично, а речиси целото легло му беше испилено. Нему му додадовме една рамка со ларви од друго семејство.
Имавме време, пред да се стемни/застуди уште само да ги отвориме и прегледаме двата експериментални сандаци на кои ја експериментираме техниката на изолација на матицата на само 3 ДБ рамки.
Едното од тие две семејства, уште од минатиот пат, кога ги префрлувавме пчелите, имаше јајца во по некоја од матичните чаури - и сега тие беа во понапредна фаза на изградба. Тука ќе мораме да дојдеме за 10 дена и да ги искористиме овие квалитетни матичници кои од роевски, јас барем мислам, преминаа во принудни.
Ова семејство не беше во роевски нагон пред да биде префрлено во овој сандак со вграден изолатор за матицата - и, барем за овие неколку дена не покажа намера да прави матичници. |
Решивме да ја оставиме ситуацијата “status quo“ и утре, ако можеме да го прегледаме пчеларникот во Долна Матка, па, ако можеме, од таму да увеземе решение за безматичните семејства во Горна Матка.
Постави коментар Blogger Facebook