Денес како да не ми се одеше на пчеларник.
Како да нема што да барам таму.
Бидејќи ништо од фамилијарните и другите социјални нешта, не успеа да стане нешто повеќе од план или желба, одеднаш денот се отвори, за да можам да појдам на пчеларник - без воопшто однапред да знам што треба правам.
Денот беше чуден за Скопје, толку бистар, и прозирен, и ветровит - со мали делчиња од облаци кои се тркалаа необично ниско над главите на скопјани.
Вардар, кај Скопје. |
Додека возев со точакот за натаму, ветерот беше југо-источен, а тоа значеше дека ми дуваше в грб.
Прекрасно чувство нуди тој силен ветер кога возите точак.
Со боговска леснотија се постигнува брзина, се совладуваат угорнините, се вози лесно а речиси исто толку бргу како и автомобилите...
За миг бев на пчеларникот и пиејќи од тамошното шише полно со студена вода, размислував што да правам, од каде да почнам.
Тука, на лице-место, ветерот не се чувствуваше, но јасно беше дека не престанал - по шумот на лисјата и виткањето на тополите.
Честопати ќе ви кажат дека најдобро за вас ќе биде ако имате работа која што ја сакате - и секому, верувам, ова му изгледа крајно апстрактно.
Јас би го предефинирал тоа “сакање“ со друг поим. Со љубопитство. Онаа работа која што кај вас непрестано ви поттикнува љубопитство - тоа е она што го “сакате“.
Љубопитството е вечна младост. Ако работата што ја вршите за другите кај вас предизвикува непресушно љубопитство - вие можете да се сметате за среќен човек.
Јас денеска не се врткав премногу и предолго низ пчеларникот - веднаш ми стана јасно што треба да правам.
Треба да откријам дали матичниците се се уште в ред, колку ги има, колку оплодници се успешни а колку не, и најпосле, врз база на тоа да направам конкретен план за работа во наредните, мошне битни денови.
Ги проверив речиси сите матичници и тие, сите 30 и некој повеќе, беа в ред. И тоа беше полесниот дел од работата.
Проверката на оплодниците траеше многу подолго и бараше многу повеќе труд.
Типичен троделен оплодник. Средниот од овие три немаше јајца а матицата не можев да му ја видам. Финалната пресуда ќе му биде за два дена. |
Резултатот беше дека на овој пчеларник, сместени во троделни оплодници, имам 13 млади матици 100% сигурно оплодени. Сомнително оплодување имав кај таквите 5 - 6 на број и уште кај два, сместени во цели ФР спратови.
Завршено е префрлувањето на средниот од троделните оплодници во тело одозгора - со поставување на подница наместо поклопната со отворена дупка. |
На 27-ми мај (понеделник), според мојот план, ќе треба да се оформуваат оплодниците, затоа што 29-ти е денот кога треба да се испилат првите матици од овој комплициран трет турнус матици составен од природни матичници и вештачки (Јентер). За природните мораше да се пресметува и ден-два порано.
Еве ја, сега оплодена, матицата од мистериозниот оплодник! |
Бројката на оплодени матици во троделни оплодници ми беше особено битна (а ќе биде дефинитивно определена токму на денот на акцијата) затоа што решив дека тие, како оформени, етаблирани мини-нуклеуси ми се важни а пак, за нивните матици планирам да направам деленици од другите непроизводни семејства, деленици од само неколку рамки пчела и легло, сместени во едно ФР тело, на кои веднаш (по неколку часа безматичност) директно ќе им ги додадам овие новопронесени матици. Истовремено, при додавањето ќе извршам и обележување на матиците. Делениците ќе ги преселам на нова локација.
Утредента планирам на овие обезматичени троделни оплодници да им додадам по еден матичник.
За остатокот од матичниците ќе треба да се оформат нови оплодници и тие, воглавно ќе бидат преселни на нова локација.
За мал пчеларник како овој, со одзимени 20 пчелни семејства, целава оваа операција на оплодување на дури трет турнус од 30 матици е мошне комплицирана, особено ако постои и императив, колку што е можно да не се ослабуваат производните семејства - моментално во фаза на собирање нов и заклопување/дозревање на веќе собраниот мед.
Сега, кога знам колку амбалажа ќе ми треба за делениците, и приближно колку за новите оплодници, јасно ми е што треба да се подготвува утре за задутре.
Кога тргнав да се враќам назад - ветерот го променил правецот. Сега дуваше од запад-север.
Нема што, боговски е, кога велосипедот лета, како ракета - од ветерот што силно ти дува в грб!
Постави коментар Blogger Facebook