0

Тешко дека овој ден би го можел да биде “добар ден“ за мене.

Намерата ми беше сабајле, веднаш по обврската со синот и школото, да се лансирам на пчеларникот за да ја ослободам матицата на најмирното пчелно семејство во пчеларникот, од Јентер кафезот, ама...

Се заакав некаде по интернетов, па од вообичаеното “само да видам што имам на е-маијл“, од линк на линк, останав загубен во времето - и... дошол-и-прошол 10 часот.

Среќа е што имам многу толерантен пријател-компањон, што речиси секогаш е спремен на својот грб да прифати вакви туѓи пролизгувања - т.е. што се согласи, пред да одиме на договорениот преглед на пчелите во Долна Матка, да појдеме во пчеларникот во скопското поле, за да ја ослободиме матицата и конечно, официјално да го демарираме нејзиното семејство.


Матицата во кафезот беше многу нервозна и веројатно лута на мене... Важно беше дека си ја завршила работата во кафезот, па ја ослободив. Семејството нејзино имаше ларви во матични чаури, барем на една рамка што ја обележав.

Иако брзавме, затоа што беше мошне облачно и росливо, сепак не можев а да не ѕирнам во еден од споените оплодници за да се уверам дека матицата конечно го напуштила матичникот а пчелите до последна преминале од едниот во другиот оплодник.

Во друг оплодник, каде се чуваа/одгледуваа матичниците исто така матицата беше излезена и најпосле, морав да го ѕирнам оплодникот каде имаше грабеж.


Во овој оплодник констатиравме присуство најпрвин на една полумртва млада матица со изгрицкани крила и потоа мислевме дека видовме уште една матица... И ниту една не личеше на онаа што ја фотографирав пред два дена во истиов оплодник.

Навистина, не знам што да мислам за ситуацијава со оплодников.

Нејсе, кога стигнавме во пчеларникот на Долна Матка фативме да ги откриваме каде ни се оплодниците со роевските матичници - вкупно 6 на број.

Најпосле, добра вест, затоа што сите беа присутни и беа оплодени.


Одбравме два бивши оплодника на ДБ рамки и ги префрливме во нуклеуси за да ги транспортираме во пчеларникот во Горна Матка.

Отворивме уште некое семејство, додадовме се од сотните основи што имавме и најпосле заминавме со нуклеусите горе.

Ова семејство презими на вакви медишни рамки. Дури сега почна да добива сила  со помош на донации од други семсјства.

Стигна речиси 19.30 часот кога сите рамки на еден од нуклеусите ги сместивме во средината на силното безматично семејство.


Веднаш му поставивме мат. решетка и медиште одозгора.

Другиот нуклеус го додадовме одозгора, врз безмтичниот.


Остана на овој пчеларник само еден оплодник од троделниот, со нерешена состојба, но за него решивме да се погрижиме за неколку дена.

Сума сумарум, мој впечаток од денешната посета беше дека долу во полето пашата беше готова (скоро и да ја немаше), во Долна Матка пашата беше одлична (пчелите работеа до мрак) а пак во Горна Матка, после неколкудневната стагнација, пашата како да започнуваше...

Постави коментар Blogger

 
Top