1

Денес можев да демарирам уште два сандака пред навистина да се стемни.

Наместо тоа, морав речиси панично да го напуштам пчеларникот.

Роеви комарци ме напаѓаа и ме боцкаа, дури и преку облеката.

Од премногу грижа да понесам се што може да ми затреба во претстојните денови: “амбалажа“ за 4 нуклеуси (подница, тело и поклопна даска), рамки со сотни основи, троделен оплодник, пакети со празни изградени темни рамки - си ја заборавив ќесата во која ми беше заштитниот блузон и ракавиците.

А само пчеларските ракавици и овој, специјален блузон, направен од шушкавец, екс водоотпорно платно, ми гарантираат сигурна заштита од комарците.

До пред да прскаат со авиони, божем против комарциве, нив како да ги немаше - сега, изгледа, тотално се повампирија!

А кога стигнав со колата до пчеларникот, се уште брмчеше авто-венитилаторот... Но, штом тој замолкна...

Јасно беше, пчеливе бруеја како да се случува голема паша... Не е можно, си помислив, веројатно повеќе сандаци истовремено решиле да направат облет на младите пчели. Иако, и за тоа, беше прилично доцна.

Не! Нема дилема!

Ние пчеларите сме благословени, што мора да се дружиме со пчелите во вакви денови - денови кога опојниот мирис се шири од сандаците и ти ја тера душата да го следи тој прекрасен мирис.

Нешто се трудев да се држам до планот што си го имав зададено од дома - и додека ги истоварував “амбалажите“, нешто се трудев да разберам што, по ѓаволите, се случува со пчеливе...

Пак работат како да процветал багрем!

Оваа година изгледа, од нас пчеларите, ќе се памети!

Откако истоварив се од колата и си го пронајдов резервниот скриен блузон, се нафатив да отворам некои од семејствата што, до неодамна ги сметав за слаби и некои од оние, што ми беа маркирани како “ноземични“ - затоа што ми се стори дека е претопло да ги пресадувам Јентер матичните ларви во основите за матичници.

Овие, неколкуте “ноземични“ во меѓувреме напредувале до тој степен што во горните спратови имаа и одржуваа по десет рамки со легло - и почнуваа да прават роевски матични “жирови“. Решив да ги демарирам, со цел подоцна нивното легло да го употребам за кондиционирање на ново-пронесените матици.

Помислив дека одамна не сум го чепнал и едно од послабите семејства, кое што беше демарирано одамна...

Уоу... И двата спрата над решетката беа полни со мед! Со нив немаше што да правам - требаше да се чека медот пчелите да го заклопат.

Од друга страна, да го проширувам семејството со уште еден спрат - не доаѓаше предвид!

Решив “да влезам“ под решетката, да извадам две рамки со главно младо легло и на нивно место да поставам две рамки со сотни основи... Белким, нема да ми се изрои?!!

Рамките со легло, и пчелите на нив, ги додадов на два нуклеуса со неодамна оплодени матици - да ги кондиционирам.

Овој нуклеус со овогодишна матица оплодена на Долна Матка го кондиционирав со една рамка легло. Како? Рамките (3) со пчелите, матицата и леглото ги поставив во нов спрат со идентична боја и лето. Врз ваквиот троделен оплодник како на сликава поставив збег па врз него поклопна даска со отворен отвор за хранилка а врз неа го поставив спратот со леглото и рамката легло плус. Неговото лето го затворив а исто такво отворив на спратот одозгора (стандардната опрема на пчеларникот е закон).

Најпосле, кога доволно залади за да почнам со главната работа за која бев денес тука - се зафатив да ја завршам.


Освен три дна со јајца и неколку празни, сите други преостанати дна на сотни ќелии од Јентер кафезот беа запоседнати со ларви во најдобра возраст.



Четири неодамна демарирани семејства (што веќе правеа, тука-и-таму свои матичници) станаа домаќини на овие матични основи.


Останува утре да дознаеме, колку од нив ќе бидат прифатени а останаа уште и неколку семејства кои, заради комарците-вампири, ќе мора подоцна (утре) да се отворат и проверат/демарираат.

Дотогаш, до-читање...

(Видео на една педантна пчелка од “ноземично“ пч. семејство)


Постави коментар Blogger

 
Top