0

Да се придржував до она што си го испланирав вчера за денес, денеска немаше да ми се случи ваква лудница.

Наместо да станам рано и веднаш да излезам во дворот, работејќи на подготовката на “амбалажата“ за 15-те деленици што планирав да ги направам денес, јас се клацкав по куќата и чучнав на компјутеров - па, времето, уште од сабајле почна да ме подјадува.

Кога најпосле ја составив и направив амбалажата за 11 деленици, реков дека бројката ми е доволна, бидејќи стигна речиси 13 часот.

Проблемот беше во тоа што децата во 17 часот имаа закажан роденден на свое другарче во скопската зоолошка градина. И немаше кој друг освен мене да ги носи...

Ќе правам деленици до 15 часот и до 16 ќе додавам матици, си велев, во умот, додека возев кола до кров полна со “амбалажа“...

И кога стигнав и истоварив речиси се, тргнав во касапење на неколку семејства, главно со матици обележани со бела боја (ланските беа жолти).

Не можев да си најдам ниту едно пенкало, па овој спакуван оплодник го фотографирав, за од отпечатеното време на фотката, да се потсетам од кога е обезматичен.

Кога стигна 15 часот и некоја минута повеќе, имав направено само девет деленици, со најмалку два рама легло и рам со мед... И, ми се јави сопругата со информација дека мајка и е во некоја болница - нешто и се случило, а таа абер нема што е тоа.

Баба не-баба, морав да го завршам започнатото - па што сака нека биде!

Средниот сандак го растурив максимално. Во првиот спрат остана старата матица (бела боја) со само еден рам легло.
Спакувани деленици...

Тргнав да ги барам, замачкувам и додавам матиците, но работата веќе немаше лезет. Трчав како ненормален низ пчеларникот. И како ненормален почнав гласно да си зборувам самиот на себе си, во обид да останам фокусиран на она што треба да го правам.

“Молзење“ мед во чашка - потребен за замачкување на матиците.

Се откажав од тоа да ги обележувам матиците - едноставно, минутите се броеја...

Матица во малку мед растворен со вода.
Матицата требаше да ја истресам низ дупката на поклопната даска (за хранилка). Но ако не успееше тоа од прва, оставав пчелите да ја “спуштат“. 

Кога најпосле ги спакував делениците во колата, и кога ја запалив, веќе беше 5 минути до 17 часот.

Сопругата ми се јави, во меѓувреме уште еднаш, со информација дека разбрала во која болница е мајка и, и дека веројатно има некаква кршеница... Ме чека мене за да не префрли до роденденот а таа да продолжи до Градска болница.

Бидна што бидна, роденеденот помина, бабата имала скршена рака, а јас откога се вративме ги распоредив делениците по сите тајни места на мојата луда куќа.

Тие ќе ми бидат сега моите канаринци.

П.С. Се надевам дека матиците ја преживеаја тортурата...

Постави коментар Blogger

 
Top