Интересно е, дека самото место е на патот до пчеларникот што редовно го поминувам секој пат кога одам. На околу еден километар воздушна оддалеченост од пчеларникот.
Вчера, враќајки се од пчеларникот со точак, застанав на малку муабет пред селската продавница.
Беше недела, тивок ден, без вообичаената бучава создавана од луѓето со нивните разновидни машини.
Додека муабетевме пред продавницата, не можеше а да не се слушне бруењето на пчелите - речиси како да сум на пчеларник.
Газдите на продавницата ми рекоа дека пчелите сигурно брмчат затоа што одат на паша на нивната посадена смрча.
Бев да го видам дрвото - немаше пчели.
Потоа рекоа, сигурно се од кај комшијата - тој има посадено многу киви, можеби цвета кивито...
Бев кај комшијата - и пак немаше пчели.
Ама бучеше - како да има рој во близина... И не само сега, годинава, ми рекоа, после, луѓево: така било и лани, но и други години пред тоа!
И не само тоа! Понекогаш паѓале мртви пчели од горе!
И јас веднаш со очите почнав да го пребарувам асфалтот - и бинго! За две секунди го најдов овој трут!
Еве неколку фотки од овој употребен господин:
На небото, на висина од 20 до 100 метри од земјата, кружеа 5 - 6 ластовици - ова беше и нивно собирно место - но за исхрана. А ние пчеларите обично мислиме дека птиците-пчеларки се наши најголеми душмани при одгледувањето на матици.
И кога сум кај матиците, вчера ги консолидирав на една рамка-држач на матичници, сите прифатени основи за матичници, што пред тоа ми беа поставени во четри семејства.
14 прифатени ларви од третиот турнус. |
Слабиот прием не ме изненади, затоа што го очекував во присуство на матица, но сепак ме изненади што едно од четирите семејства одби да одгледува макар и една ларва во матична основа.
Неприфатени основи за матичници. |
Сепак, беа прифатени 14 матични основи, што за мојов обем на пчеларење, од една матица, е предоволно. Особено што знам дека ќе имам и неодреден број природни матичници во семејствата демарирани пред некој ден.
Вчера решив да ги соберам на едно место, во еден сандак, па можно е бројката и уште повеќе да им се намали.
За овој трет турнус, и од оваа матица, оваа бројка сосема ми е доволна.
А пред тоа, сабајлето ги прегледував, скоро рутински, речиси сите сандаци за кои знаев дека повеќе од една недела не биле отворени.
Уште неколку сандаци демарирав а некој од нив беа веќе еднаш демарирани. Кај еден таков, матицата успеала да се протне покрај матичната решетка и си направила 4-5 рамки со легло во медиштето над решетката што беше со само 9 рамки (поголемо растојание меѓу рамките).
За таа матица, во картонот сум напишал дека сериозно попушта со несењето - сега знам матициве, па и оваа, неправедно сум ги обвинувал - сигурен сум дека тука се работело за коинцидентно поклопување на циклусите со многу легло (екс затворено) и зголемениот интензитет на паша.
Работејќи, ми стана јасно дека веројатно ќе морам деновиве да вадам рамки со мед за центрифугирање.
Семејствата, генерално гледано, беа премногу блокирани со мед, а медот се уште созреваше, сепак имаше одреден број рамки со околу 50% заклопено саќе и сега сметам дека барем тие рамки би можеле да се тргнат, за да не држат место и да не прават демотивација за работа.
Не направив ниту една фотка, затоа што, можеби од влажната топлина, не видов никаква инспирација.
Интересно е што кога дојдов на пчеларник, околу 10 часот, пчелите слабо работеа, небаре е беспашен период. Како растеше топлината на денот, така и пчелите ја зголемуваа активноста, за некаде од 12 часот, па понатаму, да работат мошне интензивно.
Кога си заминував, на 15-тина метри оддалеченост, пчеларникот брмчеше како една голема пчелна кошница!
Или... Можеби има премногу трутови?!
Постави коментар Blogger Facebook