1

Имаше некои други работи за кои сакав денес да пишувам во овој мој пост...


Тревата почна да им се заканува на пчелните сандаци...
Новите колонии мравки прават насипи за да се спасат од дождовните вирови...

За пример... Дека пред неколку дена (понеделник, 7.04.2014) бев на пчеларникот со цел да ги поставам рамките со сотни основи од мојот купувач на пчели, во трите пчелни семејства што ги имам во Лангстрот-Рут сандаци.

Прво отворање годинава на ова семејство во ЛР...

Поставената рам хранилка со мазни странични ѕидови има 2 комори.
Два пати ја полнев, до некаде - не целосно, со сируп.
Во првата комора имаше само едно мртво пчелче.



Во втората комора имаше повеќе!
Индикација дека ова семејство се изборува со ноземозата.

Се покажа дека едното пч. семејство е доста послабо - имаше само 3 и + рамки со легло, второто беше средно, со легло на 5 рамки, од кои една му зедов и му ја додадов на првото, а пак третото беше супер со 6 и + рамки.

Второто семејство доби 3 сотни основи - две од страна и една в средина.

Ова семејство беше најсилно и две рамки со легло му беа префрлени во долниот спрат.
И тоа доби три сотни основи!

Четвртиот кандидат за продажба беше пч.семејство во Фарар. Услов да добие кандидатски статус беше да биде веќе на два фарар спратови и да има барем 5 рамки легло. За него ми остана само уште една рамка со сотна основа.

Сакав да пишувам и за следниот ден (вторник, 8.04.2014). Кога на пчеларникот се појавив како “надежен“ - со Јентер изолаторот за матица. Денот беше необично топол - како предвесник на неколкудневниот студен бран што уследи потоа.

Во овој вонредно топол ден на пчелите им требаше многу вода!

Аууу... Види.... Брада!

Потоа тргнав да го проширувам првото семејство што годинава ме дочека со пчелна брада.

Заборавено...

Сум му пишал на картончето: “...да се прошири“.


Картончето на непроширеното семејство!

Го подготвив изолаторот за брзо чистење и полирање, како што може да се види од сликиве. Стоеше така неколку часови во пч. семејство, се додека не дојде време пред одење - кога ја затворив матицата во исчистениот и дотеран изолатор.



Можеше да напишам во пост и нешто за наредниот ден (среда, 09.04.2014) кога дојдов за да ја ослободам матицата и за да ја поставам во долниот спрат под матична решетка...

Ослободена, матицата уште малку се врткаше во кругот на изолаторот...

Дека така и направив, а сигурно ќе напишев и дека тој ден малку и го засилив ова семејство со истресени пчели од друго семејство. Но потоа, веќе се чувствуваше дека станува премногу студено за да може лесно да се манипулираат пчелите.


Следните денови беше времето студено и дождливо - но сепак перфектно за планираната моја помош во преселбата на десетина пчелни семејства сопственост на мојот пријател Горан.


Неговите дотогашни Cevahir Sky City Honeybees тоа утро си станаа пчели на скопското поле, бргу, лесно и без никакви стресови - а кога ги одврзувавме - дури почна да врне и дожд.

Затворање на летата со сунгерче. Ниту една пчела не беше излегла надвор.

Горан сам си ги носеше сандачињата - Родна Воја - лесна работа!

Тоа утро, малку подоцна, Горан честеше појадок кај мене, а на телефон го најавија своето доаѓање и уште двајца пријатели пчелари.

Кога дојдоа, појадокот го претворивме во гезме, но тогаш на еден од нив, по телефон, му се јави еден друг наш колега-пчелар за да му ја каже веста, која е всушност главна тема за овој мој пост.

Веста беше лоша.

Како последица на документот Одлука за комунален ред на подрачјето на Општина Ресен (клик па видете го Член 41) донесена на 29 мај 2013, дошол општинскиот комунален инспектор да разговара во врска со пчелните семејства поставени на границата меѓу ресенското село Асамати и населбата од вили.

Инспекторот побарал преселување на пчелните семејства кои со децении биле на оваа локација.

Како што може да се види од општинската одлука се работи за забрана на чување пчели дури 500 метри од градежните објекти на вилските и туристичките населби! Со истава оваа одлука, во друг член, дури се овозможува такво толкување со кое би можело да се забрани и чување пчели дури и на територијата на градот Ресен!

Како и за другите вакви одлуки, така и за оваа, никој не се потрудил да направи АНАЛИЗА за можните негативни реперкусии кои би се предизвикале со спроведувањето на новиот комунален ред!

Нормално за нашите табиети - не е предвидена ниту поддршка за оние субјекти кои би требало да бидат оштетени од новиот ред!

Тука и ќе сопрам со коментирањето на оваа конкретна одлука... Т.е. ќе кажам дека во нормални околности сега на сцена веднаш би требало да стапат локалните и државните пчеларски здруженија (каде се?) кои би требало да реагираат со аргументирано протестирање.

Државните здруженија би требало и тоа како да бидат поддржувачи - затоа што ако оваа регулатива почне масовно да се копира/препишува од сите општини, практично ќе мораме да констатираме клиничка смрт на пчеларењето во Македонија.

Но, гледајќи го нашиот, пчеларскиот интерес, сепак мора да се разбере и општиот контекст на овој проблем.

Стравот од инсекти е се подоминантен кај новите генерации од граѓаните на Македонија!

Би можело слободно да се каже дека дури рапидно расте од година во година.

Огромно мнозинство од денешниве и неодамнешниве деца се плашат од обичните муви - камоли од пчелите и другите инсекти кои се способни да убодат (кои најчесто воопшто и не ги разликуваат).

Ако општината, градот или државата решат да станат туристички дестинации - нема дилема, тоа ќе значи дека пчелите не се добри домородци - и ќе бидат истребени - како индијанците во “демократската“ Америка.

Во меѓувреме јас предлагам, поради непостоење на можност за организиран притисок за модификување на веќе донесените одлуки, секој од нас да размисли за следниве работи:

- Дали би можел густо да посади дрворед од зимзелени дрвја околу својот простор наменет за пчеларник, најдобро пред да бидат донесени пчелите во него?
Видливоста на пчелните семејства/сандаци е, според моето искуство, од пресудно значење за чувањето на пчели на одредена населена локација.

- Дали би можел бројот на производни пч. семејства на едно место во близина на населба да го одржува на бројна состојба не поголема од 20 пч. семејства?
Околу оваа максимална бројка се движи, според моето искуство, негативното забележување на присуството на пчели од комшилакот!

- Дали би можел да им обезбеди на пчелите во непосредна близина, не само една, туку повеќе поилки со непресушна достава на вода?
Од мое искуство, луѓето најпрвин ги забележуваат пчелите на водата во базените, чешмите, поилките за кучиња и другиот добиток - и потоа почнуваат да го бараат изворот/пчеларникот - за најпосле да се поплакуваат: некои најпрвин до нас, пчеларите, а други пак веднаш до полиција, општина...

- Дали би можеле, со пчелните семејства блиску до населени места, во услови на слаба паша или беспашност, да работите само извесно време пред залезот на сонцето?
Многу пчелари-колеги, поради нетрпеливост или пак незнаење, сосема си го загрозиле опстанокот на нивните пчеларски локации, токму поради работење со пчелите наутро или среде ден - и на тој начин го тероризирале соседството со часови и часови...

- Дали би можеле на пчелните семејства да им обезбедите максимална вентилација со двојни мрежи а минимални отвори на сандаците и дали би можеле на ист пчеларник да избегнувате чување на слаби и безматични пч. семејства заедно со силните/производни.
Затоа што овие две се многу чести причини, инаку мирните пчели да се манифестираат како лути и заканувачки одбрамбени...





Постави коментар Blogger

  1. Кривопаланечки бисер. Колку да не речете дека Ресенчани се понапред од нас. Достојно им парираме.


    Член 329
    Пчелни семејства не смеат да се поставуваат во градежниот опфат на градот.
    Поставувањето на пчелни семејства надвор од градежниот опфат може да се
    спроведува на одалеченост најмалку 300 метри од објекти за живеење како и на
    одалеченост најмалку 150 метри од пат .

    ОдговориИзбриши

 
Top