Оваа пролет во пчеларникот едно пчелно семејство загубив поради овој вирус.
Семејството презими доволно силно. Посилно од многу други негови “врсници“ - т.е. деленици во ист период и со слична сила (пчели и легло).
Но, ова семејство имаше сериозен стрес.
Гладување речиси до степен на угинување.
При овој краен стадиум на глад, најпрвин ги забележав вирусните пчели кои, при сончево и убаво време, во поголем број го напуштаа семејството.
Ова напуштање (“болна сум, си заминувам“) беше уште поочигледно/интензивирано откако семејството беше вознемирено заради мојот преглед.
Пчелите заболени од овој вирус покажуваат два симптоми (некогаш ги има двата во исто семејство - а некогаш само еден симптом).
Првиот симптом е илустриран со ова клипче што го направив.
Вториот симптом се така-наречените црни пчели (без влакненца на грбот и на стомакот).
Илустрација имате на фотографииве:
Црната пчела над овој текст е типичен пример на симптом од вирусот. |
На оваа фотографија има неколку заболени пчели. Ако не можете да ги видите кликнете ТУКА. |
Мој впечаток е дека најефикасно и набрзо дејство на оздравување на пчелното семејство има честото прскање на пчелите со раствор од вода и јод, и/или, вода и некакво (било какво) етерично масло (што пчелите добро го поднесуваат - можеби може да се испроба и некој јак ароматичен чај).
Треба и да се направи деблокада, т.е. да биде намалена густината на пчели на саќето!
За жал, матицата на ова семејство угина, (претпоставувам: поради вирусот) и јас пак прифатив ризик да го спојам со соседното, кое што исто така не беше силно.
Ова е болест која најмногу ја шират пчелите излетнички. Јас мислам дека, за да се намали нејзиното проширување од пч. семејство на пч. семејство, треба да се внимава пчеларникот да не биде уреден како аптека - за да се ограничи залетувањето.
Од моето искуство, очигледно е дека овој вирус, (како и многу од другите 23 што досега научно се спознати) е присутен во сите наши пчеларници, и не прави некои посериозни проблеми, освен што чека некаков поголем стрес за да покоси пчелни семејства во целина. (Кога тој стрес ќе биде: преголема заразеност со вароа или нозема - е тогаш, се знае што бидува!)
Како и за другите болести, внимателноста на пчеларот при прегледот и при облетот, и воочувањето на овие сомнителни пчели може да придонесе овие семејства да не бидат селектирани за одгледување на матици - затоа што отпорноста кон овој вирус кај субфамилиите во пчелното семејство е очигледно генетески определена (пчелите потекнуваат од различни трутови).
Оние пчелари што се занимаваат со одгледување на матици за продажба, дополнително, би требало на влезовите од ваквите семејства да инсталираат матични решетки, и да ги прегледуваат само предвечер, за да не дозволат нивните трутови да одат на парење.
Пребарувај: "Chronic bee paralysis virus"
Види: http://www.coloss.org/beebook/II/virus/1/1/7
Постави коментар Blogger Facebook