Онолку колку што си пчеларски искусен, толку си глупав!
Сега ми се чини дека таа е девизата што важи за пчеларот во оваа актуелна пчеларска сезона.
Искуството знае да заслепи и да закочи... Да ги кочи постапките што инаку од пчеларот би можеле порано и навремено да бидат направени.
Еве изминува веќе втората недела откако за прв пат си помислив дека би можело да започнам со одгледување на матици. Ама...
Само го гледам календарот и си велам, рано е, рано е... Има време...
А времето е најскапиот имот, богатство што најмногу се посакува - и не може да се зачува.
За најдобрите од пчелните семејства во Скопје и околината во овие први неколку денови од месецот април - врвот во нивниот развој е речиси достигнат.
Да започнев со одгледување на матици, барем само за неколку дена откако тоа ми текна, сега веќе, затворени матичници ќе имав при рака...
Дека работава со развојот е дојдена до најгоре, ми излезе пред очи уште во четвртокот (3-ти април), кога на пчеларникот во скопското поле се појавив во попладневните часови.
Се појави една мала парцела со репица, на 800 метри од моите пчели... |
Поради оддалеченоста, ова е паша само за силните семејства. |
Ми беше важно да видам како се ориентирале пчелите од троделниот нуклеус што претходниот ден го разделив во три засебни сандаци.
Местото беше малку стеснето па поради тоа малку ме загрижуваше можноста да се направи збрка со ориентацијата на пчелите. Но сепак, се работеше за лета кои беа ориентирани на три различни страни на сандакот/светот и затоа, кога дојдов, веднаш се уверив дека се е в ред.
Пчелите брзо ги прифатиле новите влезови! |
Се уште имав во пчеларникот семејства што не сум ги гибнал 10-тина дена. А за оваа актуелна ситуација со времето и развојот на пчелите, десет дена е мошне долг период!
Барајќи си ги сопствените пропусти, дојдов и до ова семејство, лански деленик, што, откако го отворив за да му направам прв пролетен преглед, веднаш го квалификував да стане петти крушевчанец!
Имаше легло на 9 рамки, ама не толку широко како другите крушевчани (тие: од летва до летва) поради поголемите количини на затворен мед.
Подготвителната основа за матичник што пчелите ја направиле во ова семејствово повеќе индицираше блокада и обвинение за матицата (тивка смена) отколку врвен развој, но...
Деветте рамки со легло не беа за потценување!
За уште само неколку дена до една недела - оваа состојба ќе може да премине во роевска.
Ова семејство од ЛР премина во ФР през зимата.
Ја искористив таа ситуација и го средив онака како што претходно им правев на другите четворица крушевчани (види: “Четворицата крушевчани“ на Денот на лагата).
Рамките напред одат в сандак - тие во позадина, отидоа во нов Фарар спрат одоздола. |
Во фарар сандакот секогаш имате повеќе алтернативи за контрола на вакви состојби со врвен развој на пчелните семејства. Јас повеќе по инертност го направив ова поблаго растоварување/деблокирање, поставувајќи два празни изградени рама на краевите и две рамки со сотни основи меѓу легло, а симнувајќи три рамки со легло плус една со мед, во новиот приземен спрат. ЛР спратот го поставив над фолијта на плодиштето, како медиште... А можев само, едноставно, да направам ротација и во новиот спрат, поставен одозгора да извадам 2 рама со легло. Ама...
Календарот тешко ми е да си го исфрлам од главата!
Останатите запоставени семејства што ги прегледав тој ден беа средни по силина (околу 4 - 5 рамки со легло)...
Во меѓувреме, (следниот ден, 4-ти април) јас и мојот пријател-компањон прифативме да му продадеме пчели на еден познаник што годинава решил да си го рестартира своето пчеларење.
Се договоривме тој да обезбеди по 5 рамки со вградени сотни основи, да ги достави до нас, ние да ги поставиме во 10 пчелни семејства и кога ќе бидат тие со по 3 рама легло (доминантно затворено) и два изградени рама со мед/полен, заедно со пчелите кои ги покриваат, предвечер или сабајле, да му ги префрлиме во неговите сандаци заедно со матицата (стара, ланска). Прифативме сето ова да го правиме за цена од еден пакетен рој.
Сега, си мислам дека би имале капацитет ова истото да го направиме и за уште 10 други пчелни семејства, доколку ни се појави порачка.
Но, кај мојот пријател се појави проблемот со стандардите!
Купувачот си имаше стандардни ЛР рамки, а мојот компањон работеше со нестандардни ДБ сандаци (рамки 1 см. покуси) а јас пак, главно работев со Фарар (имам само три семејства во ЛР).
Кај ДБ е многу потешко да се контролира врвниот развој во само еден сандак, навременото делење на пресилните пч. семејства е нужност и затоа ние прифативме ваков вид на продажба - ќе се заштеди, си мислевме во опрема, а бројот на пчелни семејства нема да се зголеми - а зголемувањето на бројот беше нешто што мојот пријател-компањон не го посакуваше!
Ама, испадна дека ова нема за нас да бидат “лесни пари“.
Вчера (5-ти април) бевме на пчеларникот во Д. Матка и не успеавме да определиме и додадеме рамки со сотни основи во повеќе од 6 пч. семејства - токму поради проблемот со стандардите.
Пред тргнување требаше да се подготват и доста рамки со сотни основи. |
Добро... И времето си имаше улога во нашиот неуспех. Еднаш ни заврна убаво на среде работа, а вториот пат кога дождот повторно пристигна - се откажавме. Се подготвуваше ептен силно невреме!
Растур на пчеларникот (рамката е со легло) а мора да бегаме од крупниот дожд! |
Во овој пчеларник имавме две семејства во ДБ 12 и тоа многу, многу силни. Практично тие и мораа да бидат драстично ослабени или поделени на пола: стигнуваа и до 8 и + рама со легло (ДБ). Тука решив вишокот легло да го поделиме на послабите семејства во пчеларникот а рамките да ги поставиме закосено (макс. 9 рама). Поставивме по два рама со сот. основи за купувачот.
Од ова семејство извадивме 3 рамки со претежно затворено легло и ги поделивме на послабите. Останаа ушт пет рамки со легло, две рамки со сотни основи од купувачот, и две крајни, со мед/полен. |
Овие семејства градеа матични чаури - скоро на секоја рамка со легло!
Да... Овој пчеларник почнуваше да забегува од контрола!
На другите 4 сандаци мораше да им вадиме/отковуваме летвички што служеа за носачи на сотоносците - практично мораше комплетно целото пч. семејство да се префрлува во друг празен и суреден ДБ спрат!
Само на едно семејство спратот му беше стандардно долг и можеше да ги прими рамките на купувачот без проблем!
Сите овие распар сандаци, на мојот пријател-компањон му се останати од неговиот татко - и тој морал да продолжи со нив! Ако татко му имал можност да работи со стандардни сандаци сега продажбава немаше да изгледаше како авантура! (Поука!?)
Немаше да завршиме ни толку колку што завршивме, да не беа пчелите мирни. А мирни беа затоа што имаше добра паша - еве како капеше од некои истресени рамки! |
Остана, преостанатите 4 семејства јас да ги подготвам на пчеларникот во скопското поле, затоа што мојот пријател утредента мораше да замине на еднонеделно службено патување.
Пеперуткава најде нешто многу добро тука - ниту пчелите не успеаја да ја избркаат. |
Пеперуткава не се помрдна ниту при ова! |
Евакуација пред големиот напад на дождот! |
Постави коментар Blogger Facebook