Како една година да се собра во еден ден.
Од минута во минута се изменуваа сонцето и облаците... Ветерот и мирот...
Не знам што значи друго да се биде жив, ако не е тоа да реагираш на тие промени - како што тоа го прават и пчелите - дечињата на сонцето.
Кога беа сончевите мигови, сите весело излегуваа од пчелните сандаци - а кога беа над нас темните мастилави облаци - се прибираа. Ветерот и северното студенило како да не ги обесхрабруваа. Едноставно знаеја дека тие неприлики нема да траат долго...
Денот беше таков... Тој што има нозе - да прооди. Тој што има крила - да летне!
Јас излегов од дома откако ми изминаа речиси два часа во подготовки за денешниот пчеларски ден.
Си ги барав хранилките, си ги барав рамките, а подготвив и една канта шеќерен сируп (со малку темен шумски мед, малку сол, и малку растворен јод).
Интересен беше изборот на храна што им го нудев на моиве пчели денес: сув бел шеќер, во хранилки и на поклопна даска или поклопна фолија, сируп во шишиња, и во хранилки.
За секој сандак и за секое пчелно семејство имав посебен рецепт! Откако ќе го отворев и откако ќе ги прегледав дел од рамките...
Некои пчелни семејства добиваа или пак беа оставени само на сув шеќер, некои само сируп во хранилка, некои комбинирано (сув шеќер и сируп) а некои: ништо!
Му се чудев денес на денот, т.е. на контрастот што го доживував наспроти претходниот пат... Сега чувствував некој спокој, мир. Го имав целото време на овој свет и ме мотивираше и водеше само љубопитноста - ништо друго!
Денес не сакав да продолжам со слепото прихранување - сакав да го ѕирнам секое семејство пред да му го “препишам“ оброкот...
Уште веднаш, кога дојдов на пчеларникот во скопското поле, првите минути ги минав во набљудување на летата на сандаците. Мигот беше таков, што облаците во тој момент беа “на власт“ и пчелите не летаат во особено голем број.
Всушност, првата експлозија во излетувањето се случи дури неколку минути после 12 часот... Тогаш ги направив овие фотки на цветчињата блиску до сандаците...
Но мене најпрвин по доаѓањето најважно ми беше да видам каква е ситуацијата со нуклеусот што минатиот пат имаше незгода со истечениот сируп...
Тоа што го гледав од надвор, воопшто не ми се бендисуваше.
На летото владееше некое мртвило, во споредба со онаа активност што се случуваше во целиот пчеларник, па и кај неговите соседи од троделниот нуклеус.
Тоа беше единственото семејство во цел пчеларник во кое што, и по неколку минути, не можев да видам ниту една пчела да влезе со полен на нозете...
Морав да проверам - дали матицата му настрадала во грабежот што минатиот пат јас го предизвикав...
Она што го видов беше запрепастувачка ситуација. Пчелите од овој нуклеус беа во состојба на глад. Глад пред смрт. На трите рамки немаше ниту капка мед или друга храна... Дури и ларвите беа канибализирани (изедени) од двете рамки со легло!
Но матицата беше присутна. Решив да интервенирам на тој начин што ќе инсталирам мала пластична милерова хранилка и во неа ќе ставам само малку сируп. Планот ми беше, а тоа и го реализирав, пред да си одам да му ја наполнам, и ако можам да најдам една соодветна рамка со мед.
Иако го изреализирав она што го смислив, сепак за ова семејство најсигурен “лек“ ќе беше да се пресели некаде подалеку, на нова локација, таква каква што јас моментално немам а ја барам. Не сум сигурен дека за една ноќ, ова семејство ќе успее да воспостави одбрана од грабежот.
Ова се само фотки за да се види колку е потрошен сирупот во останатите шишиња за четири дена. |
За него испланирав да му додадам малку пчели од друго семејство за да го оправам...
И така, додека ги прегледував семејствата што му беа соседни, најдов одличен кандидат за донатор и една рамка со пчелите на неа му ја додадов... Но пред тоа сметав дека треба уште еднаш да се уверам дека матицата е присутна. Беше таму - со десетина пчели и со дваесетина ќелии легло.
Продолжив со мојата работа на соседните сандаци, кога редот ме доведе до семејството кое потекнуваше од колегата Иван Додевски. Тоа, од Иван беше купено од колегата Огњен Фиданоски за мене, со цел да ми помогне после катастрофалната загуба на речиси сите семејства, што ми се случи пред 2 години.
Тука беше неговата стара, иста матица. Сакав да видам колку легло има (имаше на 4 рамки) и затоа ја кренав оваа рамка, кога...
Изненадување!
Пчелите вклупчуваа нешто...
Не ми се веруваше дека тоа е некој друг инсект (бумбар или оса). Ми личеше тоа на вклупчување на матица!
“Од каде сега, во ова време, долетала матица...“ - Си помислив, и во првите минути не ми текна, дека единствената матица која на овој пчеларник би можела да лета е токму онаа матица од нуклеусот што го засилував.
И така, сега си мислам, ја направив втората грешка, покрај таа што ја проверував/вознемирив матицата на нуклеусчето непосредно пред да му додадам рамка со туѓи пчели а и матицата не ја ставив во кафез (а помислив да го сторам тоа). Втората грешка беше што клубчето го растурив механички (а не со капење мед) - чисто за да видам дали навистина е тоа матица.
И да. Беше тоа матица.
И сега, кога отпосле мислам на тоа, скоро 90% сум убеден дека тоа е матицата од нуклеусот...
Постави коментар Blogger Facebook